Прва тужба во Германија поради последици од вакцината на Фајзер против ковид

Фармацевтската компанија Бајонтек утре ќе се појави на суд во Хамбург по тужбата во која Германка бара отштета поради тешки последици од нивната вакцина против ковид-19. Ова е првата во низа можни тужби во Германија поради нуспојави од вакцината.

Жената го тужи германскиот произведувач за најмалку 150.000 евра за нанесување телесни повреди и надомест за неодредена материјална штета, се наведува во барањето за отштета кое го решава општинскиот суд во Хамбург.

Тужителката тврди дека поради вакцината имала болки во горниот дел од телото, отечени нозе и раце и нарушено спиење. Нејзиниот адвокат Тобијас Улбрих кажа дека планира да ја оспори проценката на германскиот регулатор и Европската агенција за лекови (ЕМА) дека вакцината на Бајонтек има позитивен сооднос на корист и штета.

Според германскиот закон, произведувачите на вакцини и лекови се подложни на тужби и отштетни барања ако „медицинската наука“ покаже дека нивните производи предизвикуваат несразмерна штета или ако упатствата за лекот се погрешни.

Бајонтек, кој вакцината ја разви во соработка со американски Фајзер, ја смета тужбата за неоснована. Таа вакцина, истакна компанијата, ја примиле 1,5 милијарди луѓе низ светот, вклучувајќи над 64 милиони Германци.

ЕМА тврди дека вакцината е безбедна и дека во првата година од пандемијата помогнала во светот да се спасат речиси 20 милиони животи. ЕМА, меѓутоа, признава дека по вакцинирањето постои мал ризик од развој на миокардитис и перикардитис, два вида на воспаленија на срцето и дека во голема мера ги погаѓаат младите мажи.

Агенцијата досега примила околу 1.7 милиони жалби за нуспојави кои се развиле по примањето вакцина против ковид-19. Станува збор за 0,2 случаи на 100 примени дози.

Во Европската економска зона (ЕЕА) се примени 768 милиони дози вакцини против ковид-19. Најчестите и вообичаени нуспојави се главоболка, треска, замор и болка во мускулите.