Connect with us

Македонија

Поглаварот Стефан ПОВИКУВА НА СЕНАРОДЕН ПРОТЕСТ: Имаме света должност !

Поглаварот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија г.г. Стефан денеска во видео-обраќање побара поддршка околу протестот пред Соборниот храм во четврток на 29-ти јуни, против носењето на Законот за родова еднаквост и Законот за матична евиденција.

„Возљубени секој од нас и сите заедно имаме света должност – она што сме го примиле и наследиле од предците, да го продолжиме и да им го оставиме на поколенијата. Со тоа обезбедуваме иднина на својот народ, бранејќи и чувајќи ги тие придобивки и кон Бога и кон својот род“, рече меѓу другото поглаварот Стефан.about:blank

Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) го организира протестот, како што велат, за достоинство, слобода и заштита на основните верски права. Причината за протестот, е неприфаќањето на сугестиите во однос на предлог-законите за матична евиденција и родова еднаквост.


Синодот на МПЦ будно ги следат случувањата и активните притисоци за носењето на овие Закони и оценува дека во оваа ситуација мора да биде заштитено и одбрането семејството, а пред се децата.

„Повикуваме во оваа борба за достоинство, слобода и заштита на основните верски права да се придружи верниот народ, граѓанските здруженија, организации и сите поддржувачи заедно да ја заштитиме нашата вера и традиција од обидот за нејзино ‘искоренување’ спомнат во член 23 т.5 од предлог-законот, и да излезат на мирен протест пред Соборниот храм ‘Свети Климент Охридски’ во Скопје на 29 јуни 2023 година во 18 часот, против донесувањето на овие закони“, порачаа од МПЦ.

Македонија

Вечерва половина Македонија слави Свети Никола, а половина оди на слава

Свети Никола е голем македонски празник, а како слава го има речиси секое второ православно семејство. Трпезата е посна, а Свети Никола меѓу другото, се смета за заштитник на морињата.

Во Македонија и во светот има безброј цркви, манастири, икони и фрески посветени на овој светец. Овој светец имал многу возбудлива животна приказна, која со векови ги фасцинира христијаните.

Овој славен светител, когошто и денес го слават по сиот свет, им беше единец син на своите богати и угледни родители, Теофан и Нона, жители на градот Патара во Ликија.

Бидејќи им беше син единец даруван од Бога, тие Му го посветија на Бога, принесувајќи Му така дар. Знаењето за духовниот живот Николај го стекна преку својот чичко Николај, епископот Патарски, и се замонаши во манастирот „Новиот Сион“, основан од тој негов чичко.

По смртта на родителите Николај им го раздаде наследениот имот на сиромасите и ништо не задржа за себе.

Додека беше свештеник во Патара тој многу се прочу со делата на својата милостина, иако ги криеше грижливо, за да го исполни зборот Господов: „Да не знае твојата лева рака што прави твојата десна рака“ (Матеј 6, 3).

Кога се предаде на самотност и на безмолвие, мислејќи така да проживее до смртта, му дојде глас одозгора: „Појди на подвиг меѓу народот, ако сакаш да бидеш од Мене овенчан.“ Веднаш потоа според чудесната Божја Промисла беше избран за епископ на градот Мир во Ликија. Милостив, мудар, бестрашен, Николај му беше вистински добар пастир на своето стадо.

За време на гонењето на христијаните под Диоклецијан и Максимијан го фрлија во затвор, а тој и во затворот ги поучуваше луѓето на законот Божји. Присуствуваше на Првиот Вселенски Собор во Никеја и од голема ревност за вистината го удри еретикот Ариј. За ова дело го отстранија од Соборот и од архијерејската служба, сè додека на неколкумина од првите архиереи на Соборот не им се јавија Самиот Господ Христос и Пресвета Богородица и не го објавија своето благоволение кон Николај.

Чувар на Божествената вистина, овој чудесен Божји светител беше и одважен заштитник на правдата меѓу луѓето. На двапати спаси по тројца луѓе од незаслужена смртна казна. Милостив, вистинољубив и праведен, одеше меѓу луѓето небаре Ангел Божји. Уште за време на животот луѓето го сметаа за светител и го повикуваа на помош во маки и неволји и им се јавуваше во сон и на јаве на тие што го повикуваа, еднакво лесно дали се блиску или далеку, и им помагаше.

Од неговото лице блескаше светлина како од лицето Мојсеево, па и со самата своја појава им носеше на луѓето утеха, мир и добра волја. На старост, кратко боледуваше и се упокои во Господа, многустрадален и многуплоден, за вечно да се весели во Небесното Царство продолжувајќи да чудотвори на земјата, помагајќи им на верните и прославувајќи Го својот Бог. Се упокои на 6 декември 343 година.

За Свети Никола строго е забрането да се работи, да се шие, мие, пере, пегла, чисти, како и да се јаде мрсна храна бидејќи празникот е посен. Постои верување дека на тој ден никој не треба да го потсетувате на долг, ниту додатно да му ја отежнувате положбата затоа што е должник.

Треба да се носат подароци за оние кои го слават Свети Никола. Меѓутоа и оние кои го слават празникот по некои обичаи на некои места во земјава своите гости не треба да ги пуштат со празни раце, туку мора да им дадат дарови пред да си одат дома.

Инаку, интересно е што празникот Свети Никола, кој на 19 Декември го слават православните христијани во Македонија, заедно со Свети Димитрија (Митровден) и Пресвета Богородица, се трите најмасовни домашни слави што се прославуваат во Македонија.

Continue Reading

Македонија

Строги казни за најопасните возачи – Возило ќе се одзема за брзини над 70 км/ч во населено место

Група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ поднесоа предлог-измени и дополнувања на Кривичниот законик со цел построго санкционирање на најтешките сообраќајни прекршоци, вклучувајќи задолжително одземање на возилото на најопасните возачи.

Според предложените законски решенија, возилото ќе се одзема доколку возачот управувал со брзина поголема за најмалку 70 километри на час во населено место или 90 километри на час надвор од населено место, и тоа само за лица кои претходно биле осудувани за кривични дела против безбедноста во сообраќајот. Одземањето ќе се применува и кога возачот управува сопствено возило без право на управување.

Во случај на користење туѓо возило, одземањето ќе биде возможно само доколку се утврди дека сопственикот знаел или требало да знае дека лицето нема право да управува.

Новина во предложените измени е и проширување на санкциите за забрана за управување со моторно возило. Судот ќе може да изрече забрана од шест месеци до 10 години, како и престанок на важењето на возачката дозвола за одредена категорија од една до 10 години. Досегашното ограничување беше најмногу пет години.

Со измените се предвидува и затворска казна од три месеци до три години или парична казна за лица кои со безобѕирно управување го загрозуваат јавниот сообраќај. Под ова спаѓаат возење со алкохол над 1,5 промили, управување под дејство на дрога, возење во спротивна насока, опасно претекнување и екстремно пречекорување на брзината. Исти казни ќе важат и за организаторите и учесниците во нелегални улични трки, како и за лица без положен возачки испит или без важечка дозвола.

Во образложението на предлог-законот се наведува дека измените се одговор на зголемениот број тешки сообраќајни несреќи и жртви, а како примери се наведуваат решенија од Словенија и Австрија.

Од ВМРО-ДПМНЕ истакнуваат дека измените се дел од проектот „Сејф сити“, чија цел е зголемување на контрола во сообраќајот, санкционирање на најопасните возачи и подобрување на безбедноста на патиштата.

Continue Reading

Македонија

Со „СМАРТ/МК 2030“, Мицкоски најавува дигитална и транспарентна Македонија

Премиерот Христијан Мицкоски денеска официјално ја промовираше Националната стратегија за развој на информатичко-комуникациските технологии – СМАРТ/МК 2030, нагласувајќи дека документот претставува суштински одговор на реалните општествени предизвици. Според него, стратегијата е јасна и амбициозна патоказна рамка што треба да ја насочи државата кон темелна дигитална трансформација и изградба на современо, технолошки напредно општество.

„Ова не е само уште еден документ. Денес ја демонстрираме нашата политичка волја и решителност да изградиме држава што е ефикасна, транспарентна и во служба на граѓаните“, изјави Мицкоски, нагласувајќи дека дигитализацијата е темел на современото владеење.

Премиерот потенцираше дека дигиталната трансформација не се сведува само на воведување нови технологии, туку подразбира длабока промена во начинот на кој функционираат институциите и како тие комуницираат со граѓаните и бизнис-заедницата.

„Тоа значи побрзи и поедноставни услуги, значително помалку бирократија, поголема отчетност и активно учество на граѓаните во креирањето јавни политики“, порача тој.

Според Мицкоски, Владата ја поставила дигитализацијата меѓу своите врвни приоритети, бидејќи таа е клучна алатка за зајакнување на владеењето на правото и за ефикасна борба против корупцијата.

„Дигиталните процеси оставаат јасна трага. Кога системите се поврзани, нема простор за злоупотреби, селективност или привилегии – одговорноста станува недвосмислена“, истакна премиерот.

Тој додаде дека стратегијата СМАРТ/МК 2030 е целосно усогласена со Националната развојна стратегија 2024–2044 и со европските дигитални политики и стандарди, опфаќајќи клучни области како електронски комуникации, дигитализација на јавните регистри, користење облак-услуги и електронска идентификација.

„Нема силна економија без развиени дигитални вештини, нема модерно општество без дигитално писмени граѓани и нема конкурентна држава без иновативен и моќен ИКТ-сектор“, нагласи Мицкоски.

На крајот од своето обраќање, Мицкоски истакна дека стратегијата не припаѓа на една влада или институција, туку претставува заедничка обврска на државните органи, приватниот сектор, академската заедница и граѓанското општество.

„Ова е наш заеднички пат кон паметна, дигитална и правична Македонија до 2030 година“, заклучи премиерот.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг