Јанаки за случајот на Викторија Крстевска: Наместо да преминат на царски рез, продолжиле со породувањето, прекршен е протоколот

Наместо царски рез, продолжиле со природно породување долго време, иако бебето не можело да излезе, во болницата апаратите не работеле комплетно зашто не ги регистрирале отчукувањата на срцето, што е стандардна процедура за контролата на бременостите, a вакуумот не може со сигурност да се каже дали е аплициран, зашто не е наведен етапно во документацијата туку е додаден во последните документи на крајот. Ова се пропустите кои Министерството за здравство ги констатирало во својот вонреден инспекциски надзор на битолската болница, за случајот на родилката Викторија Крстевска, чие бебе почина по породувањето и покрај тоа што имала уредна и контролирана бременост. Наспроти наведеното во крајните болнички документи, Крстевска категорично тврди дека вакуум воопшто не бил аплициран.

Јанаки Митровски, адвокат на родилката од Битола чие бебе почина при породувањето, за „Слободен печат“ тврди дека инспекцијата на Министерството за здравство констатирала низа прекршувања на протоколите при породувањето на Викторија Крстевска, неговата клиентка.

-Имавме увид во Јавното обвинителство на документите и на извештајот од инспекциската контрола која е извршена во болницата во Битола за овој случај. Во вонредниот инспекциски надзор констатирани се низа неправилности. Недостиг на опрема во самата болница, неисправни апарати кои не можат да ги регистрираат отчукувањата на срцето, туку само шум се слуша а не и колку отчукувања има, што е стандардна процедура за бремености. Во протоколите има неправилности во постапувањето. Најголемиот пропуст кој го наоѓаат за постапувањето на лекарите е дека кога пукнал водењакот и кога не можела веднаш да се породи, дека требало да преминат на царски рез. Тоа е нејголемиот пропуст што го наоѓаат како и фактот дека е сечена двапати накосо, наместо еднаш вертикално, вели Митровски за „Слободен печат“.

Дополнително, тој додава, дека од увидот во списите евидентно е дека двајцата лекари кои го вршеле породувањето, имале јасна намера да ја префрлат вината на гинекологот кој ја водел бременоста, а не зел учество во пораѓањето.

„Исто така, евидентен е нивниот обид да ја претстават родилката како агресивна и несоработлива, иако вистината е дека од страна на докторката е навредувана, на истата ѝ е викано и препорачано „да си оди во Плодност ако тука не ѝ чини“ и останати омаловажувања. Помеѓу сестрите кои биле присутни на породувањето, постои лесно воочлива координираност и мој сомнеж е дека се спремани за исказот во Јавното Обвинителство зашто исказот им е школски, односно ист од збор до збор. Единственото од кое сме задоволни е коректната вонредна инспекција на Министерството за здравство каде се детектирани серија недостатоци, грешки, неодстиг на опрема или неисправност на истата како и непочитување на протоколите и процедурите од старна на болницата и лекарите“, вели Митровски.

Резултатите од обдукцијата се чека да бидат достапни деновиве, а родилката Викторија Крстевска се сомнева дека Обвинителството ќе се повика на обдукцијата и ќе биде крај на приказната. Затоа таа се обратила во Обвинителството со свои докази за да не се дозволи надворешно мешање во предметот, за што постојат сознанија дека има обиди да се направи.
По смртта на новороденчето, тогашниот директор на болницата во Битола, доктор Александар Обедниковски си поднесе оставка од морални причини. Вонредниот инспекциски надзор на Државниот здравствен и санитарен инспекторат утврди недостатоци при третманот на Крстевска, ама од административна природа за што најавени беа парични прекршочни казни.

Извор: Слободен ПечатShare on Facebook