Велес ќе ги враќа моштите на Панко Брашнаров, по иницијатива на Левица

Советот на Општина Велес на денешната седница едногласно одлучи да се започне иницијатива за враќање на моштите на македонскиот револуционер, народниот учител Панко Брашнаров, предложена од советничката група на Левица.

„Панко Брашнаров, човекот кој беше генерација и соученик на велешките гемиџии, сведок на двата Илиндена, човекот кој целиот се посвети на ослободувањето на Македонија и голем дел од својот живот го помина по затвори поради својот патриотизам и идеализам и кој поради својата борба за македонската кауза остана патриот вљубеник во Македонија, без свое семејство и потомство“, велат од советничката група на Левица, по чија иницијатива беше изгласан предлогот.

Брашнаров бил затворен од југословенските власти откако застанал на страната на СССР и Сталин во судирот меѓу Тито и Информбирото во 1948 година. Тој починал во затвор на Голи Оток во 1951 година, а дури 60 години подоцна, во 2011-тата, новинари открија дека Брашнаров бил закопан во заедничка гробница на загрепските гробишта „Мирогој“.

Иницијативата на Општина Велес подразбира реализација на низа мерки и активности со кои ќе се овозможи враќање на посмртните остатоци на првиот претседавач со АСНОМ, Панко Брашнаров, од Република Хрватска во Република Македонија, односно во родниот Велес.