Книгите „Црно семе“ и „Црнила“ ИЗБРИШАНИ од средното стручно образование

„Како само за нас, Македонците, да се создадени сите црнила на овој век„ – оваа позната реченица од книгата „Црнила„ на Коле Чашуле веќе нема да допира до македонските средношколци. Нема ни да го прочитаат цитатот „Ајде потпиши дека си коњ, кога не си коњ„ од романот „Црно Семе„ на Ташко Георѓиевски. Двете антологиски дела се тргнати од програмата во средното стручно образование, потврдуваат професори по македонски јазик за Алфа телевизија.

Официјално нема никакво образложение од бирото за развој или од другите образовни институции. Сепак, дел до професорската фела се сомневаат дека мотивот за цензурата на овие две дела во средното образование е што едното се занимава со состојбата на Македонците во Бугарија, другото со Егејците, објавува Алфа телевизија.

Дејството на Црнила се случува во 1921 година во Софија, а Чашуле е прв автор кој на ваков начин напишал за македонските црнила, за антимакедонштината. Инспирација за да го напише делото му бил вистински , историски настан, убиството на Ѓорче Петров. Идејата е да се прикаже осуда на моралниот пад, “братоубиство”, забивање на нож во грбот-како честа појава во нашата мрачна историја.

-Видов кревање рака на својот идеал. Усмртувањето на Ѓорчета од македонска рака, а во служба на антимакедонски однародени интереси, за мене станаа симбол на македонските црнила воопшто, кажал Чашуле.