Ја оправи културата, па сега економијата – Министерката јавно ги искритикува Охриѓани, се наплаќало како за воена оштета

Лавина реакции предизвика говорот на министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска на отворањето на 63. издание на најпрестижната културна манифестација во земјата, фестивалот „Охридско лето“. Таа во еден момент им се обрати на охридските угостители, но всушност ги искритикува за цените на услугите во најголемиот туристички центар во Македонија и единствено УНЕСКО подрачје.

Поради Охридско лето и годинава на гости ќе ни дојдат многубројни уметници од целиот свет, ги замолувам угостителите да не им наплатуваат како да треба да платат воена оштета или некои други ненамерни долгови од векови наназад, истакна министерката за култура.

Ваквата изјава предизвикја револт кај угостителите. Според нив „Охридско лето“ не е место за испраќање вакви пораки, оценувајќи го настапот на министерката за култура како политички, додавајќи дека цените на угостителските услуги во Охрид се пазарно формирани и не се разликуваат од сличните развиени дестинации во регионот.

Реагираа и од ВМРО ДПМНЕ, партија која е опозиција на централно ниво, но и локална власт во Охрид. Побараа извинување од министерката за култура за, како што велат, искажаните навреди не само кон угостителите, туку и кон охриѓани.

Како можете да ги потценувате угостителите и нивните угостителски капацитети и услуги кон туристите? Со што им помогнавте како Влада и Министерство, па сега уште и да ги навредувате за цените кои се формираат врз основа на многу фактори? Не Министерке, Ако имавте малку чест тогаш овие зборови ќе допреа до Вашата совест и никогаш немаше да ги изговорите. Како се грижите за културата кога годинава за „Охридско лето“, одобривте 2 000 000 денари помалку од минатата година за реализација на програмата? Што направивте како Министерка за култура за летната сезона да трае подолго време? До каде се археолошките ископувања на Самуиловата тврдина и активностите на локалитетот Плаошник? За кој квалитет зборувате кога културата ја сведовте на најниско можно ниво? – стои во соопштението на охридскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ.