Connect with us

Македонија

Македонци од Австралија трагаат по својот син: Веруваме дека е жив, молиме за било каква информација

Борис и Воца Гулевски, по потекло од битолско Кукуречани, кои со децении наназад живеат во Мелбурн, Австралија, повеќе од педесет години секојдневно се буделе и живееле со мислата каде е нивниот син и што се случило со него. Им останале да ги тиштат многу неодговорени прашања, и денес иако имаат по 70 години и ги живеат своите пензионерски денови, се уште не се откажуваат од потрагата по вистината за нивното дете.

Како што раскажуваат во телефонски разговор за ,,Фокус”, на 30-ти април во далечната 1971 година во битолската болница се родил нивниот син. Воца вели дека се било во ред со бебето, за да потоа од болницата им кажат дека починало.

Што се случило и која била причината за смртта, не им било соопштено. Не им било дозволено ниту да го видат и погребаат своето бебе, кое според официјалните документи починало на трети мај.

-Бев млада, имав 18 години, бев неискусна. Ми кажаа дека син ми починал, ме задржаа во болница уште неколку дена кои ги минав во солзи, а потоа ме пуштија да си одам дома. Кога го побаравме телото на синот, за да можеме да го погребаме, го немаше. Ни кажуваа дека многу деца умираат по раѓање или за време на породување, и да се помириме со судбината. Освен тврдењето на вработените во болницата дека нашиот син починал, ние никаков доказ за тоа не видовме.

Но, некој глас постојано ни кажуваше дека нешто не е во ред, дека нешто се крие зад целата ситуација. На многу прашања не добивме одговори и постојано не мачеа. Најголемиот сомнеж дека сепак нешто се случило и не ја знаеме целата вистина, ни се разбуди по шест години, кога добивме покана да го запишеме детето на училиште.

Зошто дојде таа покана? Повторно започнавме да бараме одговори, но безуспешно. Чувството дека нашето дете е живо, во ниту еден момент не не напушта, и остануваат прашањата каде е, на кој крај на светот, со кого е, кој стои зад сето ова.

По 18 години ни пристигна и поканата за синот да оди во војска. Како може за дете кое починало пред 18 години да пристигаат покани? Веќе ништо и никој не можеше да не разубеди дека синот ни е жив- тврди мајката.

Иако живеат во Австралија, далеку од родниот крај, на секое доаѓање во Македонија тие редовно го минувале патот од една до друга институција, во надеж дека ќе има некои нови вести за нивното дете, но одговорот секогаш бил ист, во документите пишувало дека синот им починал.

-Тој силен родителски инстинкт, тој внатрешен глас не може ништо да го намали. Живееме во надеж дека некогаш ќе се дознае што точно се случи со нашето дете, веруваме дека е во некоја друга земја, можеби во Америка, Канада, па дури и во Австралија. Ни останаа многу неодговорени прашања, затоа и се роди сомнежот, но постојано тука е присутно и чувството дека тој е жив. Направивме и ,,Мај херитиџ” ДНК тест, во надеж дека ќе излезе некое совпаѓање, дека можеби и синот трага по своето биолошко потекло. Не знаеме каде да се обратиме и како да ги добиеме одговорите по кои сме желни 52 години, затоа замолуваме ако било кој има некаква информација, веднаш да не извести. Имаме уште три деца, син и две ќерки, можеби некој ќе ја препознае сличноста со нив, или пак со нас. Тоа ни е голема надеж – велат родителите.

Апелираат доколку некој има било каква информација поврзана со нивниот случај, да ја контактира нивната роднина Slavica Sue Masa на социјалната мрежа Фејсбук, бидејќи таа детално била запозната со случајот и им помагала во потрагата, објавувајќи ја нивната приказна на социјалните мрежи.

Македонија

Германски воен авион наместо во Приштина – принудно слета во Скопје

Германски воен авион денеска не успеал да слета на аеродромот „Адем Јашари“ во Приштина поради недостиг на сертифициран персонал за слетување во услови на намалена видливост.

Од Агенцијата за воздушна навигација информираа дека другите летови функционираат нормално, а проблемот се однесувал конкретно на воениот лет.

Податоците од платформата Flightradar24 покажуваат дека авионот полетал од Берлин во 8:40 часот наутро и бил пренасочен кон Скопје, каде безбедно слетал.

Инцидентот повторно го отвори прашањето за техничката подготвеност на аеродромот во Приштина за слетувања во комплексни метеоролошки услови.

Continue Reading

Македонија

Инспекциите откриваат неправилности кај матичните гинеколози

09.12.2025 – Засилени контроли од страна на Управата за јавни приходи (УЈП) и Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) открија дека дел од матичните гинеколози не издаваат фискални сметки за услугите кои ги наплаќаат.

Според неофицијални информации на „Слободен печат“, мерките следат по мониторингот на невладините организации од октомври 2024 година, кој покажал дека жените често плаќале за услуги кои би требало да бидат бесплатни, а без да добијат фискална сметка.

ФЗОМ истовремено ја проширил контролата и на други сектори, вклучувајќи ја службата за итна помош, како и проверка на реалноста на боледувањата и начинот на исплата на платите. Резултатите од сите инспекции се очекуваат да бидат објавени следната недела.

Директорот на ФЗОМ, Сашо Клековски, на прес-конференцијата се осврна и на проблемот со Клиниката за онкологија при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, каде не се изработуваат анализи за тумор маркери.

Continue Reading

Македонија

Мицкоски: Додека јас сум премиер, нема да никне ниту еден шатор со илегални мигранти

mickoski

Премиерот Христијан Мицкоски денеска јасно го потенцираше ставот на Владата дека Македонија нема да прифати илегални мигранти и нема да дозволи поставување шатори за нив на територијата на земјата.

Повод за изјавата беа објавите на британските медиуми дека Велика Британија разгледува можност за депортирање на одбиени баратели на азил во Северна Македонија, при што секој депортиран мигрант би бил платен од британската страна. Мицкоски изјави дека со британските власти оваа тема не е разговарана и дека, доколку биде, Владата ќе ја одбие таквата опција.

„Во објавите се наведува ‘неуспешни апликанти за азил да ги праќаат во трети земји’. Да потенцирам пред македонската јавност – таква тема не е предмет на разговор, а и да биде, ќе биде одбиена од наша страна. Нашата цел е заеднички да се бориме против илегалната миграција и да ја браниме Европа“, рече Мицкоски.

Премиерот додаде дека опозицијата се обидува да го користи прашањето за мигрантите за политичка кампања, но нагласи дека борбата против илегалната миграција е фундаментална политика на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој најави и нов проект „Безбедна држава“, инспириран од концептот „Безбеден град“, кој ќе овозможи мониторинг на македонските граници и ќе го спречи илегалниот влез, шверцот и трговијата со луѓе.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг