Двајца Македонци застрелани во Грција: Eдниот добил над 20 куршуми

Двајца македонски државјани ноќеска биле застрелани во Ханиоти, Халкидики. 

Овој инцидент се случил околу 3:30 часот, во нивното изнајмено сместување. Според очевидци, две непознати лица со качулки кои пристигнале до апартманот со мотоцикл биле одговорни за нападот.

На 112 се јавило непознато лице и се пожалило дека некој вика помош. Кога екипажот на патролното возило пристигнал на местото на настанот, веднаш била повикана интервентна помош и лицата биле пренесени во Здравствениот дом Касандра.

Едниот од застреланите, на возраст од 39 години, добил најмалку 20 куршуми и починал на местото на настанот.

Неговиот 45-годишен пријател е хоспитализиран со повреди, моментално во болницата Полигирос.

Грчките медиуми пренесуваат дека починатиот е познат бизнисмен од Скопје, сопственик на казино.

Мотивите за овој настан се засега непознати, а полицијата во Полигирос спроведува прелиминарна истрага.