„Не смееме да си дозволиме да бидеме учесници во сопственото уништување со кратење на историјата и на географијата во наставата“

„На македонското образование му треба целосен ресет почнувајќи од високото, потоа средното и на крај на основното образование. Тие се тесно поврзани, особено во делот каде што универзитетското образование се однесува на образованието на наставникот. На оваа тема сум зборувал многупати досега и секогаш сум тврдел дека образованието и здравството се столбовите на секое општество. Здраво образование е гаранција за здрав и силен развој на секое општеството. Не можете да реформирате нешто оддолу ако не создадете услови за тоа, а наведениот концепт е токму тоа. Се прави промена со воведување нови предмети за кои нема кадар и нема студиски програми за оспособување таков кадар“, вели ректорот на Универзитетот Скопје, проф. д-р Аце Миленковски во интервју за Магазинот за туризам и менаџмент. Според него, спојувањето повеќе предмети во еден е невидена небулоза во образованието, кое со години сѐ повеќе тоне и колабира.

Владата не отстапува од воведување на новиот концепт во образованието, според кој е најавено дека ќе има спојување на предметите историја и географија. Како ректор на Универзитетот Скопје, но и како претседател  на  Здружението на професори по географија на Македонија „ПРОФ. Д-Р ЉУБЕ МИЛЕНКОВСКИ“ –  Скопје, како го оценувате овој нов концепт што сака актуелната владејачка гарнитура му да го наметне на македонското образование? 

Здружение на професори по географија на Македонија „ПРОФ. Д-Р ЉУБЕ МИЛЕНКОВСКИ“ –  Скопје како субјект во културното, научното и граѓанското делување на македонскиот простор постои речиси девет години. На иницијатива на група професори по географија од Република Македонија, на крајот на 2014 година беше потврдена потребата и воедно поддржана иницијативата за основањето на ова Здружение, сѐ со цел да ги актуализира проблемите на професорскиот кадар по географија, како и напредокот на географијата во процесот на наставата. Со својот одговорен, организиран и посветен пристап, константно ги зајакнува угледот и влијанието на професорите по географија во целокупното образовно и културно живеење во државата и презема решителни чекори во правец на отворање можности за враќање на географијата на нивото што е соодветно на нејзината улога и значење во општественото. 

Денес, никој не може да разбере ниту да се помири со тоа дека се враќаме во минатото, но не само децении, туку векови наназад, токму со оваа концепција во која нема место за географијата и која ни ја пласираат надлежните институции. Тоа што многу доцниме со квалитетна реформа во образованието, не ни дава за право да се реформираме по секоја цена, односно набрзина, без издржан концепт и без сериозна подготовка за негова реализација.

Самата идеја за изготвување нов концепт за сите нивоа на образованието е добра, но начинот и пристапот на кој е изготвена е вештачки, избрзан, нетранспарентен и целосно погрешен, а со тоа не води до поквалитетно образование за кое се залагаме сите. На сите ни е јасно дека концепцијата е нарачана од еден центар, а дека е изготвена од нестручен и некомпетентен тим. Последиците од избрзаното и недоволно подготвеното имплементирање на концепцијата, преку наставната програма за V одделение, имавме можност да ги воочиме уште на самиот почеток со предметот Историја и општество, за што е јавноста добро информирана. Нерешените дилеми и прашања во однос на концепцијата и целосното игнорирање на мислењето на стручната фела, ни дава за право да се сомневаме дека овој нов концепт е последниот удар на и онака хаотичното македонско образование.  Наставните програмите се изготвуваат од година во година, така што сѐ уште не можеме да знаеме како ќе изгледаат и какви комбинаторики ќе се прават во однос на изборот на теми и модули во новите предмети. Ова е доказ дека децениската практика на несериозен пристап во реформирање на нашето образование продолжува, а со оваа концепција само се потврдува дека ниту е пристапено со доволно внимание, доволно време, можност за подготвителен период, ниту, пак, се водело сметка за интересите на учениците, како што милуваат да кажат надлежните. И покрај сите укажувања од наша страна и од страна на стручната фела, за жал, актуелната политика и понатаму го турка и му го наметнува овој штетен концепт на македонскиот образовен систем. 

Затоа, ќе се бориме понатамошната реализација на овој концепт целосно да се сопре и да му се пристапи сериозно на реформирањето на образованието, за што сите ќе се сложат дека ни е насушна потреба.

Миленковски: „Не смееме да си дозволиме да бидеме учесници во сопственото уништување со кратење на историјата и на географијата во наставата“

Миленковски: „Не смееме да си дозволиме да бидеме учесници во сопственото уништување со кратење на историјата и на географијата во наставата“

Во време кога македонскиот идентитет е жестоко нападнат од други држави, дали со овие концепти како држава испраќаме порака дека не ни се важни ниту историјата ниту географијата?

Во 21 век, кога толку многу им се става акцент на човековите права, да се зборува за оспорување на нечиј идентитет е надвор од секаква логика и разум. За жал, тоа денес ни се случува на нас, Македонците. Повеќе од јасно е дека македонскиот народ, преку присвојување на неговата историја, приграбување на неговата духовна и материјална култура, негирање на македонскиот јазик и неговото постоење, жестоко е нападнат од асимилаторските политики на нашите соседи, особено од страна на нашиот источен сосед, Бугарија, која како членка на Европската Унија би требало да ги почитува принципите на кои е заснована Унијата. Во услови кога во буквална смисла на зборот, постои кражба на македонската национална историја, присвојување или оспорување на важни настани и личности, никако не смееме да си дозволиме да бидеме учесници во сопственото уништување со кратење на историјата и географијата во наставата.

Нападот и непризнавањето на  македонскиот идентитет, за жал, е потпомогнат од политички фигури во и надвор од земјата кои не ѝ мислат добро на Македонија. Тие своите кариери ги градат на сметка на уништување на македонскиот идентитет и постепено исчезнување на македонскиот народ. Токму со ваквиот концепт за основно образование, се надевам несвесно и ненамерно, се подржуваат тие асимилаторски политики. Преку образованието, полека, но сигурно, се постигнува бришење на колективната меморија, а тоа е најсилната алатка што може да се употреби за исчезнување на еден цел народ. Ќе го наведам примерот со минатиот систем во југословенската федерација, кога нашата генерација воопшто не ги учеше и не ги знаеше делата на големите македонски дејци кои работеле во интерес на создавање на македонска држава. Најочигледен е примерот со Методија Андонов Ченто. Со создавањето на македонската држава се поправи таа грешката, но јасно е дека денес постои поголема опасност со негирањето на македонскиот идентитет и јазик од страна на Бугарија преку условувањето на започнување на претпристапните преговори со Европската Унија. Со почитување на ветото на Бугарија, и Европа покажа дека не е на нивото и не се потпира на темелите и почитувањето на демократските принципи врз кои е создадена. Со поддршката која ѝ ја даваат на Бугарија и со силниот притисок врз нашата татковина, таа ги негира правото на самоопределување на македонскиот народ и фактот дека македонскиот јазик постои во кодифицирана форма чие официјално признавање како посебен национален јазик е потврдено од страна на Обединетите нации уште во 1977 година. Загрижувачки е колку многу неаргументирани причини се наведуваат во оправдување на преговорите кои задираат во македонскиот идентитет и го уништуваат ова мало парче земја кое е само дел од географската целина Македонија. 

На крај, само кратко да одговорам на прашањето. Да, со овој нов концепт, со бришењето на предметите историја и географија од наставните програми и со вештачки конструираните предмети,  ние само докажуваме како држава дека не ни се важни иднината на нашите деца и на нашата татковина и дека ништо не е свето освен реализирањето штетни пазарџиски договори.

И покрај тврдењата од власта дека нема ништо спорно во спојувањето на овие предмети, дали е воопшто логично да се спојат во еден предмет општествена и природна наука? 

Надлежните институции се ставени во состојба да бранат нешто што не е одбранливо. Со сите обиди да ја објасни исправноста на овој концепт, запаѓа сѐ подлабоко во неразјаснети и отворени прашања на кои нема одговор. Оваа нова концепција во основното образование беше проект на претходната министерка за образование, која тврдеше дека со ова ќе обезбеди настава ориентирана кон продлабочено учење базирано на критичко мислење и логичко заклучување. Каде е денес истата министерка?  Очигледно е дека беше донесена за да спроведе една ваква небулозна образовна и крајно штетна реформа, а потоа на истиот начин да ја снема. И покрај реакциите на јавноста, концепцијата денес е реалност, според која предметот географија не постои во наставните програми. Постојат географски содржини кои се вештачки вметнати во одредени предмети заедно со содржини од други науки. Сосема е нелогички и не е по никаков докажан европски модел во кој на овој начин се спојуваат содржини како составен дел на издвоени теми од повеќе предмети. Тврдењата на институциите дека нема ништо спорно во спојувањето во еден предмет на една општествена и на една природна наука е сосема неточно. Спорно е тоа што исчезнува предмет од национален интерес како што е географијата и нејзиниот интегрирачки карактер. Географијата е спој помеѓу природните и социо-економските карактеристики на одреден просторот, а со овој нов концепт целосно се одвојуваат и вештачки се спојуваат во други предмети. Тоа ќе доведе до несогледливи последици како за учениците, така и за наставниците, но и за самиот образовен систем кој одамна го допре дното. Начинот на кој е правена селекцијата на одредени теми од повеќе предмети и спојувањето во еден предмет, јасно покажува дека спојувањето не е никакво интегрирање, туку селективно и нелогично издвојување теми од претходните програми и лепење со други теми избрани на ист начин од други предмети. 

Миленковски: „Нам ни е потребен македонски модел со примена на искуства однадвор, но приспособени на нашите образовни потреби и на нашиот општествено-политички и економски развој.“

Спорно е, на пример, тоа дека во предметот Историја и општество во шесто одделение, географски содржини во т.н. модул Географија ќе се изучува Ориентација во географскиот простор и  Природно-географски карактеристики на медитеранските земји.  Овој модул никако не може да се најде во предмет чиј наслов е Историја и општество. 

Според моите сознанија кои ги добивам од членовите на Здружението, секое објаснување од надлежните се менува од ден на ден. Во почетокот е планирано наставникот по географија да има еден час неделно, како и останатите наставници кои ќе работат по другите модули. Која е тогаш поентата да се спојуваат предмети кога секој ќе има по еден час. Зошто со тој еден час да не останат посебни предмети? Денес слушаме дека секој модул ќе опфаќа посебен период од годината. Тогаш се поставува прашањето што ќе прави наставникот по географија, а и сите останати, додека чекаат да дојде времето за нивниот модул? Не е точно и тоа дека со ова се намалува бројот на часови на учениците, а со тоа и дека се растоваруваат, бидејќи со една лепеза задолжителни и слободни изборни предмети, учениците истото време ќе го поминат во училиште. Исто така, спорни се и стандардите за оценување по предметите кои се спојуваат. Во делот на оценување, каква ќе биде оцената на ученикот кој покажува афинитет кон историја, а помалку кон географија и обратно. Каква е таа средна оцена која на крајот ќе ја добијат учениците по овој предмет? 

По предметот Природни науки, исто така се обработува тема од географијата, а тоа е Вселена и Сончев систем. Но, таму состојбата е таква што оваа материја може да ја предава само еден наставник, кој не мора да биде географ, туку според нормативот – биолог, хемичар, физичар или, пак, наставник со двопредметни студии, како што се математика – хемија, и кој освен за еден дел од материјата што се обработува, воопшто не е подготвен за другата. Затоа, наместо настава базирана на критичко мислење и логичко заклучување, имаме фактографско учење, збунетост на учениците, несигурност кај наставниците и, секако, дополнителна работа на родителите. Како ќе изгледаат програмите за VII, VIII и IX одделение, уште не знаеме, но од досегашното, не се надевам на ништо подобро. Исто така, не само што власта не е подготвена за спроведување сериозна реформа и не само што не е логично спојувањето на предметите, уште понелогично е дека сега сме на крај од месец јуни, а до почетокот на новата учебна година не делат уште 2 месеци. Зарем постои сериозна личност која цени дека за толку краток период некој може да изготви квалитетен учебник по овој предмет? Од искуството досега, сигурен сум дека и во наредната учебна година нема да има учебник за повеќе предмети, особено за овие два кои третираат теми од географијата. Во тој контекст, ќе нагласам дека не е во подобра состојба ниту средното образование, во кое застареноста на учебниците е повеќе од загрижувачка. Но, веќе се навикнавме на уште еден од низата реформски неуспеси во кои нашите учениците, наставниците и родителите се изложени на неуспешни експерименти со децении.

Дали сте запознаени дека ваков концепт има во образовни процеси во другите земји, но и ако има дали е толку лесно да се аплицира во нашето образование? 

Денес, кога на Македонија ѝ се потребни сериозни образовни реформи, многу ни е важно да се видат практиките на земјите кои претставуваат лидери во спроведувањето стандарди и ефективни образовни трендови. Имавме можност преку медиумите надлежните да ни пласираат тези дека делумно овој модел се темели на финскиот образовен модел како еден од најдобрите во глобални рамки. Потоа се лицитираше и со други модели од европските образовни системи, но никако да разбереме дека нам не ни треба модел од земја која толку многу се разликува од нашата по сите параметри. Треба да знаеме дек ниту еден образовен систем не бил реформиран со усвојување туѓ модел. Секој тоа го прави сам, за своите потреби, со помош на искуства и експерти од целиот свет, но пред сѐ со огромна поддршка од општеството и со издвојување доволно буџетски средства за образование. Нам ни е потребен македонски модел со примена на искуства однадвор, но секако приспособен на нашите образовни потреби и на нашиот општествено-политички и економски развој. Од анализите на наставните планови и програми на земји кои се дел од Европската Унија, како што е примерот во Хрватска и во Словенија, географијата се изучува како посебен предмет во повеќе одделенија. Тоа значи дека концепцијата отстапува од моделите на многу европски држави и не е застапена речиси во ниту една. Ако сме одлучиле да го следиме примерот на развиените земји од Европа, како пример ќе го наведам и образовниот систем на Велика Британија, каде што природните науки се интегрирани, но предметите историја и географија се посебни и задолжителни предмети во секое основно училиште во Велика Британија. Таков е случајот и со Германија, Естонија и Финска, во кои географија и историјата се задолжителни предмети за сите ученици во основното образование. Со овој нов концепт, не само што учениците нема да станат поспособни за критичко мислење и за логичко заклучување, туку воопшто нема да имаат можност да размислуваат. И по 30 години неуспешни обиди, треба да извлечеме поука дека и најдобрата реформска идеја од други земји не може да биде успешна ако не се приспособи на нашето општество и ако не се подготвиме за нејзина целосна имплементација.

Владин предлог за спојување на предметот Географија со предметите Биологија, Хемија и Физика во предметот Природни науки.

Идејата за спојување на предметите наиде на жестоки реакции и од страна на наставниците, историчарите, географите, но и од целата јавност. Дали, според Вас, треба да се повлече целата идеја? 

Каква е таа современа настава и реформирано образование ако бришете предмети од национален интерес, а ги заменувате со дузина изборни предмети кои ќе ги оптоварат учениците? Не се постигнува очекуваниот ефект за растоварување на наставата, а прашање е и колку навистина наставниците ќе имаат можност за избор.  Кој географ ќе избере нешто за кое не се образувал и не се надградувал? Можеме да претпоставиме дека ќе се случува, а некаде веќе и се случува огромна нетрпеливост помеѓу наставниците во изготвувањето распоред, како и кога станува збор за тоа кој наставник ќе добие дополнителен предмет. Секојдневно добивам информации за состојбите и промените кои се прават на дневна основа во однос на реализација на концепцијата. На почетокот од месец јули се закажани еднодневни обуки за наставниците по географија и тогаш може да очекуваме нови моменти и состојби. Врз основа на информациите, слободно можам да кажам дека оддалеку се гледа неподготвеноста и површноста во изготвување на ова реформско решение и дека самите институции во чија надлежност е сето ова не знаат кај тераат, а штета по сите ќе биде голема. Најмногу ќе трпат наставниците и учениците, затоа што и самите наставници сѐ уште не знаат како ќе се одвива целиот процес на имплементација на концепцијата. Токму затоа, едно од барањата во петицијата која ја објавивме беше да се задржи статусот на географијата како посебен предмет токму поради нејзиниот комплексен и интегрирачки карактер и како научна дисциплина која го обработува просторот со сите свои природни и општествени компоненти. Иницијативата за задржување на географијата како посебен предмет беше доставена до МОН, БРО и Претседателот на државата, кои се оглушија и воопшто не пројавија интерес за дијалог и за изнаоѓање добри решенија базирани на докажани практики. Во моментов и во ваква неподготвеност, во најмала рака треба да се прекине целата идеја за спроведување на концепцијата, да се започне со подготовки за нови решенија и да се вклучат во процесот експерти од сите области и од сите инволвирани страни во образовниот процес.

Има ли опасност од укинување на многу работни места со спојување на предметите? 

Иако МОН и БРО ги убедуваат наставниците дека нема да изгубат работа бидејќи ќе имаат можност за реализација на изборни предмети, секако дека таква опасност е реална и очекувана. Со новата концепција и со спојувањето на предметите, не само што постои опасност, туку статистички може да се пресмета дека многу наставници ќе останат без работа. Оваа година тоа и нема да биде толку забележливо со напорите што се прават по училиштата за дополнување на фондот на наставниците со изборни предмети. Овој проблем дефинитивно ќе стане воочлив наредната година и во годината по неа со етапно имплементирање на концепцијата и со целосно исчезнување на предметот Географија во 2026 година. Во контекст на прашањето, во V одделение по наставниот предмет Природни науки, според новата наставна програма, се предвидува еден наставник да ја реализира наставата (иако првично беше најавено дека наставата ќе се реализира по модули). Во Македонија не постои факултет или друга институција која продуцира кадар за природни науки, остручен за работа по различни модули од областа на биологијата, географијата, физиката и хемијата. Сегашниот наставен кадар е недоволно стручен, бидејќи нема соодветно образование за најголем дел од наставните содржини од другите научни дисциплини. Во VI одделение географски содржини ќе се обработуваат во предметот Историја и општество на модуларен принцип, како што стои во неодамна објавената наставна програма, а со тоа, наместо досегашните 2 часа, фондот се намалува на само 1 час. Исто така, во предметот Природни науки во VI одделение, часовите ќе ги реализира само еден наставник (не како што беше досега најавувано по модули), со што, тука се јавува и друг проблем со деливост на часовите. Во постојната програма од VII до IX одделение, предметите Географија, Историја и Граѓанско образование се застапени со вкупно 5 часа, со интегрираниот предмет Историја и општество, би се намалиле на 4 часа неделно. Географијата од предмет со два часа во VII, VIII и IX одделение, ќе се сведи на предмет со по 1 час. Според податоци од Државниот завод за статистика 2021/2022, од 11.146 паралелки во основно образование има 1.238 паралелки во VI одделение. Бидејќи наставниците по географија имаа по 72 часа, со новиот концепт ќе се изгубат 1.238 часа или 62 работни места. Доколку концепцијата продолжи по зацртаниот план во VII, VIII и во IX одделение, ќе се изгубат околу186 работни места, односно 248 наставници по Географија кои имаат редовен работен однос ќе останат без работа. Ако се има предвид дека и платата на наставникот зависи од фондот на часови, уште повеќе се зголемува негативниот тренд во квалитетот на живот на наставниот кадар.

Од сето ова може да се заклучи дека наместо наставниците и учениците да се чувствуваат порелаксирани според тоа што е наведено како очекуван ефект во Концепцијата, се случува напнатост, револтиран наставен кадар кој треба да е само нем послушник наместо соработник во креирањето на современото македонско образование. 

Има ли според Вас вистина во тврдењата дека со новиот Концепт ќе се изостават некои делови од предметот Историја и на тој начин на долг рок ќе се влијае врз тоа да се подзаборават одредени делови од историјата? 

Ако овој Концепт е само рамка што претставува појдовна основа и навестува како ќе изгледа реформата во образованието, можеме да претпоставиме дека целта на таа реформа е токму тоа. Бришење на колективната меморија со заборавање на одредени делови од нашето историско минато од суштинска важност и задоволувањето на желбите на некој друг кој не ѝ мисли добро на нашата татковина. Тоа се разбира нема да се случи веднаш и сега. Нема да ни се случи нам, на нашата генерација и на повозрасните, но токму преку образовниот процес тоа ќе влијае на нашите поколенија. Такви примери, за жал, имаме во поблиското минатото на териториите на кои живеат Македонци надвор од нашата држава. Чувството за припадност преку асимилаторската политика полека се губи кај многумина. Мојот став не е националистички, туку е анализа на досегашните искуства од погубните политики кои се водени и ужасот кој го следи мојот народ.

Нашите деца имаат право да знаат за своето минато, да ја практикуваат традицијата, да ги познаваат и почитуваат културните, материјалните и духовните вредности на своите предци, и затоа треба да се избориме сите оваа крајно неиздржана и штетна Концепција да биде сопрена на самиот почеток.

Деветта седница на Собранието на Здружението на професори по географија на Македонија „ПРОФ. Д-Р ЉУБЕ МИЛЕНКОВСКИ“ – Скопје

Освен спојувањето на предмети, години наназад образованието го следат низа скандали, нема учебници, нема свидетелства, има многубројни кардинални грешки во содржините. Каде лежи проблемот?

Би рекол дека спојувањето на повеќе предмети во еден со измислени и несоодветни наслови на нови предмети во новата Концепција се последната глупост и невидена небулоза во образованието кое со години сѐ повеќе тоне и колабира. Но, веќе реков дека ова се само последните од низата досегашни измислени проекти и решенија кои не се ништо друго туку само нови проблеми со кои се соочува основното образование, односно учениците, наставниците и родителите. Иако во светот постојат многубројни студии кои ја истакнуваат важност на учебниците како основно наставно средство независно во која форма е изготвено, ресорното министерство и државата воопшто немаат сериозен пристап во однос на ова прашање. Доказ за тоа е немањето учебници по повеќе предмети во изминатата година, а да не зборуваме за тоа дека неколку години наназад по предметот Географија за VII и IX одделение воопшто не е одобрен учебник, па секој се снаоѓа како знае и умее. На самиот крај на оваа учебна година, учениците од петто одделение го добија учебникот по Македонски јазик, што е непознато и недозволиво за еден современ и добро осмислен образовен систем. Најчесто во недостиг од учебник, се користат старите учебници или некакви скрипти, бидејќи не секое дете има пристап до интернет или друг вид материјали. Ова некако стана традиционален начин од сѐ да се прави проблем и таму каде што не треба да го има. Во тој контекст беше и минатогодишната состојба со ненавременото печатење свидетелства кои наместо да бидат доделени во јуни, тоа се случи дури на крајот од летото. Исто така не може а да не се потсетиме и на стручните грешки во учебникот по Историја и општество за петто одделение поради што целата јавност беше револтирана. Ова се само дел од сите пропусти и недопустливи грешки кои го следат македонското образование. Се разбира дека проблемот не можеме да го бараме во никој друг освен во надлежните институции, а тоа се МОН и БРО, кои се најповикани и во чија надлежност е креирањето на образовната политика во државата.

Дали на македонското образование му треба целосен ресет?

Само ќе потврдам и ќе кажам дека на нашето образование му треба целосен ресет почнувајќи од високото, потоа средното и, на крај, основното образование. Тие се тесно поврзани, особено во делот каде што универзитетското образование се однесува на образованието на наставник. На оваа тема сум зборувал многупати досега и секогаш сум тврдел дека образованието и здравството се столбовите на секое општество. Здраво образование е гаранција за здрав и силен развој на секое општеството. Не можете да реформирате нешто оддолу доколку не создадете услови за тоа, а наведениот концепт е токму тоа. Се прави промена со воведување нови предмети за кои нема кадар и нема студиски програми за оспособување на таков кадар. Повеќедецениските реформи на нашиот образовен систем се покажаа како краткотрајни бесцелни промени со штетни последици, без да се навлегува во самата суштината на проблемот што треба да се решава. Експериментите што министрите ги правеа од осамостојувањето на државата, па сѐ до денес, го доведоа образованието до ова дереџе. Колку за илустрација, ќе го наведам примерот со воведувањето на деветтолетката. Зошто беше потребно тоа и дали е направена досега анализа на резултатите од нејзиното воведување? Зошто би се правело нешто доколку немаме постигнување на очекуваните ефекти и цели? За целосен ресет, потребно е да се  пристапи стратешки, со исклучителна внимателност, со градење на широк консензус на сите чинители во исполнувањето на целта на образовните промени, онака како што тоа се прави во развиениот свет.

Во реформите во високото образование клучно прашање треба да биде целосната имплементација на Болоњската декларација и усогласување на нашиот образовен систем со образовните системите на развиените земји во Европа и во светот.  Нам ни треба образование кое им овозможува на младите да развијат соодветни компетенции за реалниот живот во едно демократско општество. Затоа, паралелно со промените, треба да се создаваат и подеднакво добри материјално-технички услови за сите во текот на образовниот процес бидејќи само општество кое инвестира во образованието може да оди напред. Реформите на сите нивоа на образование се неопходни, а за ефикасна образовна  реформа, потребна е исклучителна посветеност на сите чинители во креирањето на образовните политики, при што државата мора да биде таа која ќе ја преземе главната улога и одговорност за тие реформи.