Connect with us

Македонија

По еден век Црешовото топче од Турција пак во Македонија

Пред 19 години, на денешен ден, од Република Турција во Република Македонија беше донесено легендарното Црешово топче, уникатен примерок, кој се чува во Воениот музеј во Истанбул.

На 25 јули 2003 година, спроти јубилејот 100 години од Илинденското востание, Црешовото топче, кое го користеле македонските востаници во 1903 година, беше времено отстапено и донесено во Македонија спроти големата Илинденска прослава.

Неодамна пишувавме како овој симбол на востаниците и единствен зачуван оригинален примерок за првпат бил откриен во Турција.

Случајно при една посета на Турција од македонска воена делегација во 1997 година, по 94 години од последниот плотун на Илинден, во Воениот музеј во Истанбул е пронајден оригинален примерок од Црешовото топче.

На 2 јули 1997 година при посетата на Република Турција на делегација на Армијата на Република Македонија, во која биле полковниците Гоце Илиевски и Ѓорѓи Ѓуровски, како и мајорите Иљо Сарафиновски и Ванче Стојчев, во Истанбул, во Воениот музеј, го пронашле и го фотографирале легендарното Црешово топче што македонските востаници го користеле во времето на Илинденското востание во 1903 година.

Подоцна истото беше донесено во Република Македонија на тримесечно чување и промоција по повод 100-годишнината од Илинденското востание.

Единственото Црешово топче кое останало по востанието е тоа што во 1903-та турскиот аскер го заробил по битката со востаниците кај месноста Слива, откако цела востаничка чета загинала бранејќи ја отстапницата во збегот на населението од Крушево. Истото тогаш Турците го пренесле во Турција и денес се наоѓа до Воениот музеј во Истанбул.

Д-р Ванче Стојчев, професор на Воената академија во Скопје, на 2 јули 1997 година, заедно со останатите членови на воената делегација отишол во Воениот музеј и побарал да му го покажат Црешовото топче, кое не било дел од изложбената поставка. Кустосите го нашле топчето и му дозволиле на Стојчев да го фотографира.

Плотуни за храбрење и подигање на моралот

Црешово топче е артилериско оружје чие тело е во целост направено од багрем или цреша. Тоа нема значајна борбена вредност, бидејќи дрвото се распрснува под дејство на експлозијата после само неколку истрели. Вакви топчиња биле произведувани непосредно пред Илинденското востание.

Црешовото топче имало значење во охрабрувањето и подигањето на моралот на востаниците, а денес е легендарен симбол на решителноста на слабо вооружените востаници да се спротивстават на далеку помоќниот непријател за слободата на својата земја.

Непосредно пред Илинденското востание, Крушевското горско началство одлучило да се направат топчиња од дрво. За таа цел „офицерчето“ Тодор Христов направил специјална скица, а Никола Карев го повикал војводата Цветко Стојчев од селото Селце и му наредил според скицата да направи топ. Цветко со Тодор Борјар и други мајстори од арсеналот во Селце исекле две големи цреши и направиле 7 трупци. Бидејќи немало време, трупците ги ставиле да се сушат на жешкото јулско сонце, па суровите црешови трупци се распукнале. Трите позачувани трупчиња ги засолниле под сенка, од кои уште недосушени, направиле три црешови топчиња. Црешовите топчиња од Селце биле долги 150 сантиметри, тешки околу 20 килограми, при дното и при врвот биле оковани со железни обрачи. Се полнеле со крупен барут, а како топовски зрна биле употребувани ѓулиња од кантари.

Најмногу дрвени топови биле направени во крушевскиот реон. Таму во селото Селце биле направени седум, а во самото Крушево шест топа. Непосредно пред и во текот на Илинденското востание во 1903 година за период од два месеца вкупно биле направени 17 црешови топови. Сите дрвени топови имале различни димензии. Должината им била од 80 – 150 сантиметри, тежината од 20 до 70 килограми, калибарот во зависност од муницијата, главно колку ѓуле од селски кантар или бомба од битолската бомболеарница што ги изработувал Новак или пречник од околу 9 сантиметри. За да се зголеми отпорноста топовите биле зацврстувани со железни обрачи.

Во подготвителниот период за Илинденското востание биле направени повеќе дрвени топови. Меѓу првите, по сопствена иницијатива, црешов топ направил монахот Григориј од манастирот св. Јован Бигорски. Во селото Кленоец, Кичевско бил направен еден дрвен топ во должина од 12 педи. Тој се полнел со шајки и ситни парчиња од железо. Од тој топ востаниците во селото на 29 август 1903 година успеале да испалат четири плотуни по што топот се распрснал.

Трипати грмна и се скрши

Во селото Лактиње, Охридско по наредба на Охридскиот востанички штаб 18-годишниот Трпе Даневски, заедно со уште двајца селани за кусо време направиле четири црешови топови. Должината на овие топови изнесувала околу 150 сантиметри, тешки по 70 кила. Кога биле издлабени, ковачот Мустафа ги зацврстил со осум железни обрачи. Потоа им направил ногарки.

Двата подобри топа биле префрлени кај Издеглавје во близината на големата мирдирница, односно турската административна управа и жандармерија. Со првото полнење и првиот истрел не успеале. При второто полнење востаниците добро го набиле барутот и наместо ѓуле, ставиле кугла од кантар. Кога фитилот бил запален во долниот крај на топот, одекнал силен грмеж, а куглата летнала право во мирдирницата и ја пробила. Настанала паника меѓу Турците и бегање. Меѓутоа, по неколку експлозии црешовиот топ се распрснал, а тоа истото се случило и со вториот црешов топ.

Дрвените топови најчесто биле правени од див бадем и дива цреша кои биле многу цврсти, особено кога се суви. Се водело сметка јазлите, со оглед на тоа дека тие овозможувале уште поголема отпорност и му давале цврстина на дрвото, да останат при врвот или при дното на топот, таму каде што е најсилен притисокот на цевката.

Постоеле различни начини на изработка на дрвото, односно на цевката на топот и главно се применувале кога за тоа имало доволно време. За изработка на топови се земале најдебелите и најправите трупци од дрвото. Трупецот се длабел за да се добие форма на цевка. Однадвор се засилувал со метални обрачи.

Една од причините поради која се распрснувале дрвените топови е тоа што по истрелот топот не бил чистен и тогаш во следното истрелување неминовно доаѓало до распрснување на топот. Дострелот на овие топови главно изнесувал 400 до 500 метри. Положбата за поставување и зацврстување на топот се бирала главно на истакнати, возвишени места кои давале добра прегледност до објектот на нападот.

Македонија

Фатен камион со скриени икони и верски предмети на влез во Македонија

Царинската управа открила обид за шверц на икони и други верски предмети на граничниот премин Дојран. При контрола на товарно возило минатата недела, царинските службеници пронашле вкупно 842 различни верски предмети, 50 креми за лице и 84 килограми мед. Стоката била сокриена во 16 кутии и една ќеса во товарниот дел од камионот.

Според соопштението на Царинската управа, откриените производи не биле прикажани во царинската документација. Нивната вредност изнесува 899.460 денари, додека избегнатите давачки се проценети на 327.067 денари.

На фотографиите објавени од царината јасно се гледа дека меѓу запленетите предмети има и голем број икони.

Continue Reading

Македонија

Чучуљ: Комисијата за борба против корупција ќе постапува без разлика на политичката припадност

Новиот претседател на Антикорупциската комисија, Адем Чучуљ, истакна дека Комисијата ја поздравува секоја иницијатива за борба против корупцијата и ќе постапува секогаш кога има основ за тоа, без разлика дали сигналите доаѓаат од власта, опозицијата или граѓански организации.

– Ја поздравуваме секоја иницијатива за борба против корупцијата, било да е од политички партии, здруженија на граѓани или медиуми. Ќе ги следиме сите јавни настапи и секогаш каде има основ за постапување, ќе постапуваме. Сепак, треба да се има предвид дека ДКСК е превентивно тело и нашите капацитети за истраги се ограничени, појасни Чучуљ во вечерашното гостување во централниот дневник на „Сител“.

Во врска со најавите на опозициската СДСМ за објавување на снимки за наводни коруптивни активности на власта, Чучуљ рече дека Комисијата ќе ги разгледува сите случаи каде постои основ за постапување.

На прашањето за можноста да се ревидираат предметите од мандатот на претходната претседателка, Чучуљ рече дека нема потреба за тоа бидејќи сите одлуки биле донесени на јавни седници со мнозинство гласови. Дополнително, тој појасни дека распределбата на предметите е електронска и се врши според принципот на ротација, што ја елиминира можноста за влијание од страна на претседателот.

– Претходната претседателка ја смени распределбата на предметите во позитивна насока – по случаен избор, наместо по азбучен ред, што значи дека системот ги распределува предметите без влијание на претседателот, подвлече Чучуљ.

За својот избор за претседател и едногласната поддршка од пратениците, Чучуљ рече дека е изненаден и благодарен и ја гледа оваа поддршка како морална и професионална обврска да ја оправда довербата.

Тој најави и поголема транспарентност кон медиумите, со редовни брифинзи по една или две седници и подготовка на нова стратегија за соработка со јавноста.

Continue Reading

Македонија

ПАРКИРАШ „САМО МИНУТА“? КАМЕРИТЕ НЕ ПРОСТУВААТ – КАЗНИ И ЗА ТЕЛЕФОН!

Главната цел на проектот „Сејф сити“ е да се обезбеди што поголема безбедност на учесниците во сообраќајот, како и на пешаците. Бројот на паднати опомени покажува дека граѓаните реагираат позитивно, вели Сашо Топаловски, началник во СВР Скопје во интервју за порталот „Република“.

Тој најавува дека граѓаните со казната ќе добиваат и фотографија од прекршокот. Системот може да го слика и целото возило, може да го слика и горниот дел заедно со таблиците. Кога се поминува на црвено светло се снима задната таблица и ќе се гледа задната шофершајбна и моментот на поминување на црвено светло.

Топаловски потсетува дека жолтото светло не е за поминување, туку за возачот да се подготви да застане. Речиси сите сообраќајници во Скопје се направени со трепкач на зеленото светло, тоа трепка три пати пред да се вклучи жолто светло.

– Жолтото светло и законски е наведено дека не е за да поминете туку за да застанете. Ако вие како возач го забележите жолтото светло, немате да кажете зошто сте поминале, не сте безбедни самите вие. Жолтото светло е за да ве предупреди дека треба да застанете. Вие може да поминете на зелено и кога ќе поминувате на раскрсницата тоа да стане жолто и тогаш нема да ве регисрира системот. Камерата има прецизна зона каде треба да се најде вашата таблица, каде треба да навлезе вашето возило во раскрницата после пешачкиот премин за да ве сними заедно со црвеното светло. И тука има непобитен доказ, го гледате вашето возило со регистрацијата влезено во раскрсницата и горе го гледате црвеното светло. На жолто светло се кочи и се припрема за следното тргнување. Можеби и на другата страна некој истото го вика ако помине на жолто – објаснува Топаловски.

Нема можност за човечко влијание

Началникот објаснува дека системот Сејф сити е проектиран да не може врз него да влијае човечки фактор и сѐ прави сам. Внесува податоци, ја испраќа пораката, снима и го пакува во фајл.

– Нема можност човек да ве извади од систем за да не добиете порака и прекршочен платен налог – уверува Топаловски.

Тој потсетува дека законската регулатива за движење во градска зона е 50 и дека сите инженери проценуваат дека при таа брзина секоја реакција на возачот е благовремена и смртните последици се невозможни.

– За од 0 до 10 километри на час казната е 10 евра или на половина 5, или онаа што е над 10 километри на час до 30 е 45 евра. Тоа се казни за да ви текне дека правите грешка и дека таа грешка може да биде кобна. Сега само тестираме дали со 52 или 55 го добивааме нивото на безбедност. Ова и ние го знаеме и заедно со граѓаните планираме статистички да пресметаме и да објавиме кој систем на нивелација ќе го избереме. И камерите кои се нивелирани во Биро за метрологија покажуваа нивелација од еден до два проценти. Ги анализираме сите европски земји и заедно со граѓаните во една јавна дебата ќе одлучиме. Толеранција има и на сегашните радари. Да не се тревожат траѓаните, ова е тест фаза – вели Топаловски.

Ќе се казнува и за зборување по телефон

Тој вели дека ќе се казнуваат сите вообичани прекршоци што се прават во сообраќајот, како што се полукружно вртење, каде што не е дозволено, погрешно престројување, а понатаму ќе се воведуваат казни и за зборување на мобилен телефон. Началникот предупредува и да се почитува забраната за паркирање и застанување на сообраќајници на кои тоа е строго забрането.

– Ги замолувам граѓаните на тие места да не запираат и паркираат, макар и привремено затоа што има и други места каде што законски може три или пет минути да се застане. Системот понуди решение, а тоа се специјализирани полициски возила кои се опремени со камери кои се поврзани со системот „Сејф сити“. Во нив полициски службеник кој управува и полициски службеник кој го гледа мониторот, поминуваат по главните сообраќајници и ги сликаат сите возила кои се паркирани, а возачите пијат кафе. Додека го пијат кафето ќе им стигне порака дека штотуку им стигнал прекршочен платен налог. Тогаш ќе сфатат дека наместо да платат кафе кое ќе чини 1.500 денари ќе биде подобро да се паркираат на безбедно место и кафето да ги чини многу поевтино – вели Топаловски.

Ако баба лаже, снимката не лаже

По сторувањето на сообраќајниот прекршок во рок од 24 часа стасува порака. Возачот има рок да го отвори линкот. Ако не се отвори пораката за 24 часа, стасува нова која ќе го потсети дека има порака за која има рок од 8 дена да ја отвори.

– Кој ден и да ја отворите пораката од тој ден почнува рокот за приговор. Ако ја отворите пораката петтиот ден имате 8 дена да ја платите пола и да завршите или да се жалите дека не сте возеле вие, да го донесете лицето или да донесете изјава кој возел. Сето ова е во рокот од нови 8 дена. Жалбената постапка во судот за прекршоци е на товар на оштетениот. Вие треба да отворите приговор a наш е товарот за доказната постапка пред судот. Кога ќе се спореди снимката другата страна нема да има аргументи. Ако во рок од 8 дена не ја отворите пораката, во следната порака ќе ви стигне дека сте го изгубиле рокот за плаќање половина сума. Следните 8 дена ви се за плаќање цела сума или да вложите приговор кон МВР што оди во суд. Ако и во вторите 8 дена, не ја отворате пораката, тогаш го губите правото на првите 8 дена за пола сума, го губите правото на вторите 8 дена бидејќи не сте ја отвориле пораката, не се интересирате, ниту сте поднеле приговор. Во тој случај МВР преку системот на УЈП ќе ви ги одземе парите од сметка. Не се исплати за 5 евра или за 23 евра да влегувате во доказна постапка, да правите трошоци и на крајот да ви докаже судот дека ве има на слика, што е непобитен доказ. Треба да сфатите дека сте направиле грешка, тоа е идејата и да си речете од денеска ќе почнам да возам правилно. Ако сте ја заслужиле невозможно е да избегнете плаќање на казната – вели Топаловски во интервју за порталот „Република“.

Лани во Македонија имало 142 жртви во сообраќајот. Во првиот ден од тест фазата на системот „Сејф сити“ во Скопје беа регистрирани 110.000 прекршоци, а веќе вториот ден беа преполовени. Тоа значи дека граѓаните реагираат на промените и дека расте свеста за безбедноста во сообраќајот.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг