(Фото) ТЕНЗИЧНО ВО КУМАНОВО: Толпа од Оризари насилно влегла во просториите на ЕВН!

Револтирана група на жители на селото Оризари, бидејќи од вчера немаат струја, утрово насилно влегла во просториите на ЕВН во Куманово, велат извори од Електродистрибуција за Плусинфо.

Според информациите кои пристигнаа до нас во моментов жителите на Оризари бараат од Електродистрибуција веднаш да биде отстранет проблемот и тие да добијат електрична енергија, без разлика што дефектот поради кој ова село остана без струја е несовесното однесување на слупчанци, поради кое повеќе села од овој регион вчера беа напојување. Екипите на Електродистрибуција се спречени од жителите на Слупчане да влезат во селото и да го отстранат дефектот.

Од ЕВН нѐ информираа дека по вчерашниот упад на жителите на Слупчане во трафостаниците на ЕВН, селото но и Оризари се сѐ уште без напојување.

Оттаму додаваат дека екипите на Електродистрибуција работеа цела ноќ на санација на дефекти. Нормализирано е снабдувањето со електрична енергија на селата: Ваксинце, Алешевце, Руница, Извор и Белановце.

По вчерашната целосна блокада за да ги спречат повторно да работат екипите на Електродистрибуција, жителите на Слупчане ги уништија трафостаниците за снабдување со електрична енергија и направија дефект од највисок степен, поради што жителите од селото и пошироко останаа без струја.

– Се додека не се создадат нормални услови за работа и се загарантира сигурноста на вработените на Електродистрибуција, нема да работиме на санација на дефекти или извршуваме редовни работни активности во овие села – категорични се од ЕВН.

Инаку, вчера објавивме дека жителите на Слупчане имаат 13 барања кои компанијата ги достави до медиумите, во кои, тие бараат да им се простат досегашни долгови кои, како што наведуваат од компанијата изнесуваат по неколку илјади евра, да добијат бесплатни нови приклучоци, без разлика колку ќе потрошат во иднина да не им се фактурира повеќе од 3.000 денари, верските објекти да бидат ослободени од плаќање и слични други барања, кои додаваат од ЕВН, се спротивни на законските регулативи.