ВИНИЧКО КАЛЕ – Светско христијанско богатство со непроценлива вредност (Фото)

Корените на христијанството се наоѓаат во Виница изразени преку ТЕРАКОТНИТЕ ИКОНИ пронајдени од Виничкото кале.

Виничките теракотни икони се вбројуваат во редот на најавтентични археолошки откритија и претставуваат драгоцен дел од целокупното Христијанско наследство.

Интересот за неговото истражување се појавува во 1978 година, кога археологот Ц. Крстевски донесол во Музејот на Македонија пет фрагменти од теракотни релјефи со иконографски претстави, дотогаш непознати, особено интересни за проучувањето на старохристијанскиот период. Така, од 1985 година се започнува со археолошки ископувања кои непрекинато ќе продолжат до денес.

На почетокот како заштитни, а подоцна систематски, со овие ископувања е констатирана релативната стратиграфија на локалитетот. Според археолошките наоди, особено керамичките, животот во населбата се одвивал во долг континуитет, од неолитското време сè до полниот среден век, со таа разлика што се најмногубројни архитектонските остатоци од доцноантичкото време (4-5 век).

Откриени се остатоци од ѕидови на неколку објекти од профан карактер, со организирани тремови, „клупи“ за седење, магацински простории, ѕидани од камен и варов малтер, кои на одделни места се зачувани во висина дури до 4 м. Во едни се најдени писцина, префурниум, водоводни инсталации и друго. Објектите биле подигнати покрај одбранбениот бедем, од кој е откриен еден дел заедно со една полукружна кула. Бедемот е ѕидан од кршен камен и варов малтер, а неговата ширина изнесува 3 м.

Значајно е да се спомене дека во шутот меѓу ѕидовите е најден голем број на цели и фрагментирани реплики од теракотни икони, со непроценливи археолошки, уметнички и теолошки вредносни димензии. Приближно на средината на локалитетот се наоѓаат моше лошо зачувани остатоци од ѕидови на мала средновековна црква, многу порано прекопана од „диви копачи“ – трагачи по злато.

ВИНИЧКОТО КАЛЕ СЕ КОНЗЕРВИРА ПО ПОВЕЌЕГОДИШНА ПАУЗА И ВАНДАЛСКО УНИШТУВАЊЕ

Околу црквичката е откриен голем број примероци од архитектонска пластика, и тоа колони, бази, капители, делови од канцел, транзени, подни плочи и сл., а од подвижниот материјал фрагменти од керамички садови, предмети од бронза, железо и коска, потоа накит, монети и друго. Откриен е и истражен богат женски гроб од 12 век во кој се најдени 9 стаклени и 4 бронзени позлатени белезици, 11 бронзени прстени (неколку позлатени) и еден предмет од коска (игленица).

Овие теракотни рељефи содржат иконографски претстави со христијанска тематика, како и латински натписи со литургиска содржина. Датирани се во V – VI век и веројатно служеле како апликација на ѕидовите на гробните објекти во доцноантичкиот период во виничкиот градежен комлекс. Теракотните икони од Виничкото Кале кои биле откриени од археологот Цоне Крстевски претставуваат единствени од ваков тип со непроценливо богатство од археолошка, уметничка и теолошка вредност.

Теракотните Икони:

Теракотна икона, Архангел Михаил
Теракотна икона, Даниел меѓу лавови
Теракотна икона, Јошуа и Калеб
Теракотна икона, Константиновиот крст
Терактона икона со Св.Кристофер и Св. Ѓорѓи. (Фото: Музеј „Теракота“)
Четириесет и први псалм Давидов
Три коњаника и еден стрелец
Лозова пенушка-седумдесет и девети псалм Давидов
Лав од племето Јудино