НЕ Е СПОРНА ХУРГАДА ТУКУ ЛИЦЕМЕРИЕТО

Негово право е, добро е што заминал на одмор и да одмори. Изборот на дестинацијата не е спорен, велат од ВМРО-ДПМНЕ за одморот на лидерот на Левица, Димитар Апасиев, во Хургада, Египет.

Но тоа што е спорно е лицемерието на Димитар Апасиев, рече Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес конференција одговарајќи на новинарско прашање кој е неговиот коментар за одморот на Апасиев.

Стоилковски нагласи дека Апасиев е лицемерен и дека тоа е во фокусот на јавноста бидејќи од партија Левица постојано нагласувале дека 65 проценти од населението не може да замине на одмор ниту во Македонија поради сиромаштијата.

– Заминува на одмор во луксузно летувалиште, додека над 65 проценти, според соопштение на Левица неговата партија, не може да заминат на одмор ниту во Македонија. И спорно е тоа што Апасиев не е првпат лицемерен. На пример, овој луксузен одмор може да го плати со уживањето со платата покачена за 78%. Или на пример, со користење на службен луксузен автомобил со возач, наспроти приказните за скромен половен семеен автомобил – рече тој и додаде дека јавноста не ја интересира одморот, туку лицемерието на Апасиев.