Ќе има ли нови уставни измени денеска?

Собранието денес почнува со работа со 123. седница на која единствена точка на дневниот ред е Предлогот за пристапување кон измена на Уставот.

Седницата треба да почне во 11 часот со утврдување на дневниот ред, по што треба да почне претресот за потребата од носење на уставните измени, за кои неопходно е дво-третинско мнозинство.

Со предложените уставни измени, меѓу останатите, треба да се внесат Бугарите во македонскиот Устав, како дел од евроинтеграцискиот процес на земјата. Владејачките СДСМ и ДУИ се’ уште го немаат потребното мнозинство oд 80 пратеници за усвојување на измените и ги повикуваат пратениците да ги поддржаат.

Ковачевски: 80 пратеници им се потребни на граѓаните

Пред седницата, премиерот Димитар Ковачевски вчера порача дека 80 пратеници се потребни за граѓаните, а не за опастанок на Владата.

Според него, десетдневната дебата во Собранието беше можност за граѓаните да се уверат дека се работи за процес за остварување на стратешка цел, членство во ЕУ.

„Кога почна процесот, имаше коментари за правење на хистерија дека Македонија ќе била бугаризирана, ќе има асимилација. Ништо не се случи. По една година, имаме чист јазик. Поголема меѓународна потврда за јазикот и идентитетот – нема. Потоа беше побарано гаранции од големите држави дека стојат зад нашиот идентитет. Германија донесе резолуција. И во САД има исто така поднесено резолуција за славењето на македонскиот јазик, култура и идентитет. Нема поголеми партнери“, додаде Ковачевски.

ВМРО-ДПМНЕ: Уставни измени нема да има

ВМРО-ДПМНЕ и натаму се децидни дека нема да гласаат за уставни измени.

„Уставни измени нема да има, Ковачевски нема пратеници за промена на Уставот, нека се спрема за брзо заминување“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Ковачевски, ако имаше пратеници за уставните измени, ќе ги ставеше на гласање многу одамна. Ќе се види повторно дека промена на Уставот нема да има. Сè што прави Ковачевски е држење на државата во заложништво поради неговата желба ден повеќе да остане на власт. Додека Ковачевски и власта продаваат магла, нивните пајташи во државата прават криминал, договараат тендери и матни зделки, а народот се иселува“, велат од партијата.

Османи испрати писмо

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, вчера испрати писмо до пратениците во македонското Собрание.

„Во петок Вие ќе одлучувате за европската иднина на Северна Македонија, определба за која работиме и работеа сите Влади во изминатите 30 години. Од Вас ќе зависи дали со прифаќање на промената на Уставот ќе ги продолжиме разговорите по поглавјата за членство во Унијата или ќе запреме во преговорите на подолг рок, до некоја нова шанса, без никаква гаранција за успех, поттикнувајќи го процесот на „пасошизација“ на граѓаните кои бараат европска иднина за себе. Верувам и знам дека секој од вас сака да бидеме членка на Унијата составена од најдемократски и најбогати земји во светот која гарантира мир, демократски развој и економски просперитет“, напиша Османи на пратениците.

Дали може гласањето да биде одложено?

Претседателот на Собранието Талат Џафери неодамна кажа дека гласањето за уставните измени може да биде и одложено ако не биде обезбедено неопходното двотретинско мнозинство. Тој рече претходно се случило во Собранието да нема услови за гласање, и тоа било оставено за подоцна.

„Чинот на гласање не е врзан за денот последен, така што, за да се има јасност по однос на постапки. Тоа го предвидува и Деловникот, тоа го покажува и праксата претходно од слични иницијативи за уставни измени затоа што Собранието одлучува доколку има потребно мнозинство за одлучување. Така што, до тие рамки не можам да претпоставам што ќе се случува и како ќе се случува. Во тој контекст формално Собранието ќе почне со работа на 18 август, а чинот на гласање дали ќе биде по завршување на расправата или ќе биде одложено тоа зависи од конкретната состојба на тековните денови“, рече Џафери.

Албанската опозицијата со уставните измени сака да протне и отстранување на формулацијата 20 проценти

Првиот човек на „Алтернатива“ Африм Гаши изјави дека неговата и партиите на Билал Касами и Изет Меџити бараат на седницата во парламентот за уставните измени со цел внесување на бугарската заедница да бидат ставени во дневниот ред и уставни измени за бришење на одредницата „20 проценти“, која ја ограничува, како што рече, употребата на албанскиот јазик како официјален во земјата.

„Тука сме за да испратиме наши нарачки до Џафери и пратениците. Бараме од претседателот на Собранието итно да го стави на дневен ред уставниот амандман за јазикот. Бараме од него да не бега од прашањето за рамноправност на албанскиот јазик и да не бега од прашањето за кривична одговорност на државните функционери. Нашето барање е делата на корумпираните функционери да не застаруваат, а на тој начин ќе се избегнат и манипулациите со обвинителствата и судовите“, изјави Гаши.

Претходно лидерот на Беса, Билал Касами најави дека ќе ја условува поддршката на уставните измени, односно нема да ја поддржат без промена на формулацијата „20 проценти“.

Ковачевски за барањето кажа дека секој пратеник може да предложи сѐ, но треба да има на ум зошто се менува Уставот. Овој процес стратешки се прави за продолжување на патот кон ЕУ, рече премиерот. 

Извор: скопје инфо