МИНИСТЕР ОД ДУИ ОДБИЕН ЗА ВИЗА ВО САД: Амбасадата не го открива неговото име

Генералниот секретар на Алтернатива Зеќирија Ибрахими тврди дека американската амбасада во Скопје му одбила виза на еден од министрите на ДУИ, пишува порталот на албански јазик Лидери.мк.

Тој јавно го прозва вицепремиерот Артан Груби да каже за кој министер станува збор.

– Кога сме кај јавните прашања, јавноста сè уште не доби одговор на кој од министрите на ДУИ му е одбиена американска виза и зошто? Дали можеби Артан Груби сака да одговори – праша по втор пат Ибрахими преку Фејсбук.

Во врска со оваа информација, порталот Лидери.мк побара одговор од американската амбасада во Скопје, од каде одговориле дека поради приватност на апликацијата, конзуларниот сектор во амбасадата не споделува никакви информации со барањата за визи на граѓаните, било да се работи за функционери или за обични граѓани.

Медиуми шпекулираат дека на неименуваниот министер не му е дадена виза за САД поради блискоста и соработката со градоначалникот на Струга Рамиз Мерко, кој од неодамна е ставен на црната листа на САД.