Медицинската сестра што крадеше цитостатици од Онкологија па избега во Германија – доби обвинение за проневера во службата

Поднесено е обвинение против младата медицинска сестра од Клиниката за Онкологија А.О. која во два наврати крадеше цитостатици, еднаш во 2020 и вторпат во 2023 година.

Осомничената не се јавила на распит и не е достапна на органите на прогонот. Според информации на Слободен печат, таа избегала во Германија. Потерница не е распишана туку ќе ѝсе суди во отсуство а доколку биде осудена ќе биде распишана потерница. ЈО против неа поднесе два обвинителни предлози за кривични дела проневера во службата од член 354 од Кривичниот Законик.

„Во текот на кривичната постапка обвинителството обезбеди докази дека обвинетата со намера да прибави противправна имотна корист за себе присвоила поголем број ампули со различна намена во вкупна вредност од 59.760 денари кои ѝ биле доверени во службата. Ампулите ги изнесувала од работното место а потоа ги оставала во автомобил со намера да ги предаде на друго лице“, велат од Обвинителството.

Сестрата не го открила идентитетот на лицето или лицата на кого ги предавала ампулите.