Јанкулоска кажа дали би се сретнала со Никола Груевски

Поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска вечерва во „360 степени“ изјави дека во затворот додека ја издржува казната најмногу ѝ недостига семејството. 

Рече дека сопругот и синот три години ја посетуваат во затворот. Кажа дека со екс специјалната јавна обвинителка Катица Јанева се сретнуваат во затворот и се во коректни односи. 

Јанкулоска рече дека од сопартијците е блиска со екс министерот за транспорт и врски, Миле Јанкиески кој исто така е во затвор. 

„Јас не можам да одберам со кого, кога ќе се сретнам, затоа што се сретнувам само кога сум на домашно отсуство“, изјави Јанкулоска за средбата со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. 

Таа рече дека тоа било можност да се информира за некои работи поврзани со политичките случувања кои не ѝ се јасни. Јанкулоска вели дека иако е во затвор, интересот за политичките случувања кај неа не се намалил. 

„Партијата не е еден човек и еден тим, партијата е идеја и ние со неа се идентификуваме“, вели екс министерката. 

Јанкулоска рече дека последната нејзина комуникација со екс премиерот Никола Груевски кој избега во Унгарија, била една недела пред тој да ја напушти Македонија. Вели дека таа нема проблем да се сретне со било кого, но не знае дали тој би сакал да се сретне со неа.