Негувателка во градинка во Велес им дала на децата да пробаат електронски цигари

Родители на неколку деца од градинката „Димче Мирчев“ од Велес тврдат дека негувателка во клонот Дворови им понудила на децата да пробаат од нејзината електронска цигара, а децата пробале од љубопитност.

Настанот се случил на 29 септември кога негувателката останала сама со групата деца во занимална и наводно им понудила да пробаат електронска цигара.

Директорката на градинката „Димче Мирчев“, Маја Велиновска за „А1он“ откри дека во моментов негувателката е суспендирана и се води дисциплинска постапка.

– Негувателката е суспендирана од работа и е покрената дисциплинска постапка. Се земаа изјави од родителите и децата. Според нивните искази, настанот е од 29 септември. Се случувало во занимална и децата велат дека пробале електронска цигара која им ја давала негувателката. Но, за сето требаше да се приберат докази и писмени изјави. Јас како директор преземав мерки според надлежностите и веднаш е отворена дисциплинска постапка кон неа и сите работи се во процедура да се расчисти случајот и тоа да се санкционира соодветно – истакна Велиновска за „А1он“.

Евентуална казнена мерка се носи отпосле, откако ќе се утврди што точно се случувало во занималната, а директорката истакна дека вработената направила поголем пропуст.

– Сметам дека сериозноста во една детска установа е голема и сметам дека треба да се повлече поголема одговорност за ова. Факт е дека нешто се случило и дека вработениот направил поголем пропуст, тоа е неминовно. Основна работа на згрижувачите во градинката е грижа за здравјето и безбедноста на сите деца, другото е споредна работа. А доколку ова се докаже дека е така, ова е сериозен прекршок кој не треба да помине така – рече директорката на градинката за „А1он“.

Освен што се собрани изјави од родителите и децата, одржан е и родителски состанок на кој е објасно што ќе преземе градинката преку дисциплинската постапка која е во тек.

Случајот го осуди и градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев кој нема ингеренции во ОЈУДГ „Димче Мирчев“ откако министерката Јована Тренчевска му ги одзеде за наводно попречување на работата на градинките во Велес.