Ѕвезда која вечно ќе сјае: 16 години од смртта на Тоше Проески

Македонија имала и има повеќе музички таленти кои биле познати надвор од нејзините граници. Еден од тие Тоше Проевски. Неговата популарност е без граници.

За жал, денеска се навршуваат 16 години од загинувањето на нашата и балканска голема музичка ѕвезда, кој го загуби својот живот во сообраќајна несреќа на 16 октомври 2007 година кај Нова Градишка, Хрватска.

По тој повод денеска ќе заврши и 16-ти маратон во чест на Проески, а кој стартуваше на 14 октомври од Нова Градишка во Хрватска кон Крушево. Пред да тргнат на пат долг 900 километри, маратонците положија цвеќе пред споменикот на Тоше кај Новоградското електротехничко-економско училиште. Во петокот ја посетија македонската православна црква „Света Злата Мегленска“ каде беа пречекани од македонскиот амбасадор во Хрватска. Тие трчаа низ целата територија на Хрватска и на Србија, па до Скопје. Оттука ќе тргнат на пат за Крушево, каде треба да пристигнат денеска, 16 октомври, околу пладне, на годишнината од загинувањето на Тоше.

Спомен-куќата на Тоше на Гумење и денеска ќе ги пречека бројните посетители и фанови кои и годинава ги има од сите краишта. Во Куќата ќе биде претставена Тактилната изложба на музејски предмети, со објаснување со Брајовото писмо.

-На овој начин на денот кога пред суровата реалност затвораме очи пред фактот дека Тоше го нема, заедно со слепите лица ќе имаме можност да ги допреме, тактилно, неговиот лик, неговиот манастир, неговите гитари и многу други музејски предмети, дел од поставката во Спомен-куќата, вели директорката на Спомен-куќата „Тодор Проески“, Лефкија Гажоска.

Во Спомен-куќата,  која е најпосетуваниот музеј откако е изграден во 2011 година, ќе биде презентирано и видео на знаковен јазик и ќе биде поставено на веб-страницата на Спомен-куќата.

Животот на Тоше заврши во годината кога одбележуваше десет години успешна кариера и кога таа почна да станува меѓународна. Албумот „The Hardest Thing“ на англиски јазик што го подготвуваше беше постхумно промовиран.

Тоше е роден на 25 јануари 1981 и својот музички талент го покажал уште како петтоодделенец на фестивалот „Златно славејче” (1992) каде испеал песна на влашки јазик. Музичката кариера ја почна со победата на „Мелфест” во Прилеп, во 1997 година, и оттогаш настапуваше на сите значајни фестивали во земјава и регионот, а во 2004 ја претставуваше Република Македонија на Евровизија во Истанбул. Таа година стана и амбасадор на УНИЦЕФ.

Објави седум албуми – неколку и во превод на српски/хрватски јазик. Последниот – „Игри без граници” беше промовиран две недели пред несреќата, а последниот концерт, кој беше хуманитарен и за подобрување на условите во образованието во Македонија, го одржа на Градскиот стадион на 5 октомври 2007 година.