Коледарчињата пејат: Коледе леде….вечерва семејството се собира на вечера

Бадник – ден пред големиот христијански празник Божиќ! Утрото вообичаено и традиционално започнува со „Коледе.
Но според сите толкувања на обичаите, Бадник е празник кој се прославува во кругот на семејството.

Традиционално, во Македонија семјството се собира на вечера на Бадник. Се подготвува богата трпеза исклучително со посна храна: питулици, сарма, грав, компир, риба, зелник, овошје … и се’ што асоцира на богат род на земјоделските култури во следната година. Обичај е по вечерата софрата да не се крева, туку така заедно со храната да остане цела ноќ.

На Бадник во секоја куќа се меси кравајче, пита или погача во која се става паричка. Вечерта кога сите ќе седнат на вечера, домаќинот, откако ќе се прекрсти и ќе ја благослови трпезата, го крши кравјачето на толку делови колку што има членови семејството, оставајќи уште дел за Бога и за куќата. Сите присутни во својот дел од кравајчето ја бараат парата, и оној што ќе ја најде се смета за најсреќниот во годината што претстои. И за овој обичај постојат варијации во спроведувањето во различни краишта на Македонија. Некаде, најмногу во западна Македонија, овој обичај со паричка во лепчето се прави за Василица.

Истражувачите сметаат дека во претхристијанскиот период, овој ден бил празник поврзан со враќањето на Сонцето од јужните напоредници, по зимската краткоденица. Раѓањето на новото Сонце значело и раѓање или обновување на животот. Подоцна, христијанската црква го презела овој празник и симболично го поврзала со Христовото раѓање. На прекорот дека Христијаните започнале да го празнуваат денот на Сонцето исто како и паганите, Свети Августин одговорил: „Ние го празнуваме не како неверниците заради Сонцето, туку заради оној што го создал Сонцето“.

На Божик се оди во црква и се врши причестување со земање нафора и вино, кои ги симболизираат Исусовото тело и крв. Со овој чин завршуваат божикните пости и верниците што постеле веќе можат да се омрсат на божикниот ручек.