Ердоган во Белград: Односите меѓу Турција и Србија се во „златно доба“

Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, во Белград за време на заедничкото обраќање со српскиот претседател, Александар Вучиќ, изјави дека односите меѓу Србија и Турција се во „златно доба“.

„Ја подвлековме важноста на мирот и стабилноста на Балканот и многу е важно да се има здрав разум во пристапот кога станува збор за тензиите меѓу Србија и Косово. Уште еднаш ја потврдивме нашата решителост да ја заштитиме стабилноста во Босна и Херцеговина и мислам дека Србија ќе има конструктивна улога во тоа“, рече Ердоган.

Според изјавата на турскиот претседател, се зборувало и за војната во Украина и на Блискиот Исток.

„Го поддржуваме територијалниот суверенитет и интегритет на Украина и нашите напори за воспоставување траен мир ќе продолжат“, рече Ердоган.

Двајцата претседатели најавија соработка во наменската индустрија.

„Имаме идеи за тоа што ни треба од Турција и идеи за тоа што можеме заедно да развиеме“, изјави српскиот претседател Вучиќ.

Според него, разговарале за сите важни геополитички теми, како и за проблемите со кои се соочуваат двете земји.

„Турција и Србија имаат добри економски односи. Тројно ја зголемивме трговската размена во споредба со онаа пред неколку години“, рече Вучиќ.