Connect with us

Македонија

ТЕТОВО: Дали водата за пиење е исправна?

Еве што викаат од Центарот за јавно здравје

Количеството на вода за пиење што се снабдува во Тетово е намалено, но таа е чиста и безбедна.

Од Центарот за јавно здравје истакнуваат дека водата од градскиот водовод редовно се тестира и е безбедна за пиење. Во последниот период, поради нејасни информации во јавноста, некои граѓани се сомневаа за нејзината исправност. Како што објаснува д-р Ратко Давидовски, специјалист по хигиена и здравствена екологија, по обилни врнежи од дожд доаѓа до заматување на површинските води од Лешничкиот водоснабдителен систем, поради што филтер станицата се исклучува, а со тоа и дотокот на вода се намалува.

„После несоодветно пренесени изјави од комуналното претпријатие, сакам да нагласам дека водата во Тетово се контролира редовно и е безбедна за пиење. Количините се намалени поради заматувањето на Лешничката река, што предизвика автоматско исклучување на филтер станицата, како и поради некои дефекти“, изјави д-р Давидовски.

Локалната самоуправа најавува дека ќе се изврши сервисирање на филтрите и ќе се зголеми капацитетот на водата, а истовремено се бара долгорочно решение.

„Јавното комунално претпријатие е во контакт со фирмата која ја изгради филтер станицата, и во наредниот период ќе се работи на изнаоѓање на трајно решение за снабдувањето со вода од Лешница, без прекини дури и при обилни дождови“, изјави градоначалникот на Тетово, Биљал Касами.

Лешничкиот систем, пуштен во употреба во 2017 година, заедно со изворите и бунарите, требаше да ги задоволи потребите на градот, но освен проблемите со филтер станицата, честопати се појавуваат и дефекти на мрежата. Тетово исто така се соочува со недостаток на вода поради неконтролирана урбанизација и нерационално трошење.

Advertisement

Македонија

Љупчо Коцевски ја поднесе оставката како јавен обвинител

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски,само еден час пред собраниската расправа за негово разрешување денес, поднесе неотповиклива оставка. На прес-конференцијата, Коцевски порача дека функцијата ја извршувал чесно, но дека си заминува разочаран од системот.

„Заминувам со гордо крената глава, но и со горчина поради непочитувањето на основните принципи на правната држава“, изјави тој. Коцевски го обвини Собранието за „процедурален линч“, откривајќи дека поканата за седницата ја добил во последен момент, без воопшто да му биде доставен предлогот за разрешување. Според него, овој политички маневар е опасен преседан кој директно ја урива независноста на обвинителството.

Наместо да чека политичка пресуда во собраниските клупи, републичкиот обвинител Љупчо Коцевски денеска избра достоинствено повлекување. Со поднесувањето на неотповикливата оставка, тој фрли сериозна дамка врз транспарентноста на власта, тврдејќи дека неговото разрешување е базирано на политика, а не на факти или закони.

„Немам на што да се произнесам, бидејќи предлогот за мое разрешување воопшто не ми е доставен“, истакна Коцевски, нагласувајќи го апсурдот на ситуацијата во која поканата ја добил само 60 минути пред почетокот на седницата. Неговото заминување по помалку од две години мандат отвора нови прашања за тоа колку е навистина „независно“ македонското правосудство од политичките влијанија.

Continue Reading

Македонија

Антикорупциските организации со апел да не се одлага законот за заштита на укажувачи

Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата апелира до институциите без одлагање да го усвојат Законот за заштита на укажувачите, предупредувајќи дека долгото доцнење сериозно ја поткопува борбата против корупцијата.

Од Платформата изразуваат загриженост што, и покрај тоа што Предлог-законот е подготвен уште од крајот на 2023 година, тој сè уште не е ставен во собраниска процедура. Граѓанските организации биле активно вклучени во процесот – преку работната група формирана од Министерството за правда биле одржани 15 состаноци и две јавни дебати, но резултатите од тој процес досега не се материјализирале.

Во најновиот Извештај за напредокот, Европската комисија посочува дека законското решение за заштита на укажувачите сè уште не е целосно усогласено со европското законодавство и дека недостигаат ефикасни механизми за негова примена. Како ризик се наведува можноста лицата кои пријавуваат неправилности да бидат изложени на притисоци, вознемирување, па дури и отказ, што директно ја намалува довербата во системот.

Според Платформата, фактот што подготвен закон повеќе од две години чека да биде донесен испраќа лоша порака и ја ослабува институционалната заштита на укажувачите – еден од клучните механизми за откривање корупција.

Дополнително, Законот за заштитено пријавување и заштита на укажувачи е предвиден и во Програмата за работа на Владата за 2025 година, како акт по кој треба да одлучува Собранието уште во мај. И покрај тоа, законската постапка сè уште не е завршена, што, како што велат од Платформата, е неоправдано одолговлекување.

„Со усвојување на овој закон ќе се подобри статусот и безбедноста на укажувачите, кои се една од најважните алатки во борбата против корупцијата. Тоа би значело и зајакнување на уште еден механизам за владеење на правото, за што носителите на јавни функции јавно се залагаат“, порачуваат од Платформата.

Continue Reading

Македонија

Филипче денеска го соопштува новиот партиски врв на СДСМ

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија денеска треба да го добие новото партиско раководство. Претседателот на партијата, Венко Филипче, најави дека составот на новиот врв ќе биде објавен по седницата на Централниот одбор, закажана за денеска.

Процесот следува откако на почетокот на декември целото досегашно раководство поднесе оставка на барање на Филипче, кој единствено ја задржа лидерската функција. Со тоа, како што велат од партијата, беше отворен простор за кадровско освежување и нов почеток.

Во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ, Филипче синоќа потврди дека списокот со новите функционери е веќе подготвен. Според него, станува збор за внимателно избалансиран тим во кој ќе има и искусни кадри и помлади луѓе кои допрва треба да се профилираат во политиката.

Дел од имињата веќе се познати. Функцијата генерален секретар ќе продолжи да ја извршува Александар Саша Димитријевиќ, додека за еден од потпретседателите е предложен Александар Трајановски, ортопед и поранешен кандидат за градоначалник на општина Аеродром.

Филипче не крие дека составувањето на новиот тим било предизвик.

„Најтешко е да се направи вистинска комбинација – да ги задржите искусните луѓе, а истовремено да отворите простор за млади кои сакаат да учат и да се развиваат. Тоа не е проблем само во политиката, туку во секоја организација каде што е потребна смена на генерации“, рече тој.

Притоа нагласи дека долгогодишните партиски кадри нема да бидат тргнати настрана. Напротив, како што вели, вратата за нив останува отворена, со јасна улога во пренесувањето на знаењето и искуството кон помладите членови.

„Таков тим ќе се формира и ќе биде официјализиран денеска“, порача лидерот на СДСМ.

На прашањето зошто самиот не поднел оставка по изборниот пораз, Филипче одговори дека функцијата претседател ја презел неодамна и дека неговата задача е токму да го води процесот на внатрешна консолидација.

По оставките на 2 декември, од СДСМ тогаш порачаа дека станува збор за „одговорен и морален чекор“ со кој се отвора ново поглавје за партијата, со фокус на кадровско освежување, организациско зајакнување и враќање на енергијата во членството.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг