Connect with us

Македонија

Исказот на мајката на Вања не може да се доведе во поврзаност со кривичните дела, смета дел од одбраната на обвинетите

Адвокатот Марјан Витановски, бранител на првообвинетиот Љупчо Палевски за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, смета дека денешниот исказ на мајката на Вања, не може да се доведе во поврзаност со конкретните кривични дела кои му се ставаат на товар на Палчо. Додека, адвокатот Владимир Туфегџиќ, бранител на таткото на Вања, кој е исто така осомничен во случајот, вели дека со исказот на Зорица Ѓорчевска се расчистиле сите шпекулации.

– Преку овие докази во никој случај не може да се доведе во поврзаност со конкретните кривични дела. Од исказите на овие оштетени во својство на сведоци, нема ниту еден дел од нивниот исказ кој и упатувал на тоа дека Палевски е сторител на кривично дело. Верувам во својaта одбрана и затоа сум тука. Ние негиравме уште во фаза на истрага. Сега кога сум повеќе запознаен со ова, сметам дека постои можност вака поставеното обвинение, преку тие докази нема можност обвинетиот Љупчо Палевски да биде поврзан со конкретните кривични дела. Фаза по фаза, ќе бидат изведувани тие докази па може да ги анализираме еден по еден, изјави адвокатот Витановски по денешното судење.

Според бранителот на Александар Ѓорчевски, адвокатот Туфекџиќ, исказот на мајката е многу важен, затоа што, како што рече, конечно се расчистија сите шпекулации и мистерии, тајни кои се провлекуваа во јавноста изминатиов период од откривањето на настанот до денеска.

– Денеска присуствувавме на еден исказ кој дава логичен след на работите со кои се потврдува теоријата и тезата на одбраната дека Александар нема никаква иноволвираност. Денеска бевте присутни, го слушавте исказот и во таа смисла и самиот сведок не посочи дека Александар направил нешто невообичаено или што нешто што ни било кој обичен и нормален човек не би направил во тој момент, рече тој.

По однос на прашањето дека Александар дал своја претпоставка дека девојчето е киднапирано, одговори дека поради фактот што тој не можел да си поверува дека неговите деца би избегале од дома, помислил на таа опција.

– Доколку внимателно го слушнавте сведокот, сведокот многу јасно и децидно појасни, особено на вкрстеното прашање, дека пред сè и таа имала своја теорија дека Вања избегала, дека некој ја прелажал итн. Појасни во која смисла и во која насока таа го разбира неговото толкување, односно неговото мислење дека Вања е киднапирана и појасни во таа насока дека тој не можел да се помири со фактот бидејќи многу им верувал на децата, ако внимателно слушавте, дека неговото дете избегало или некој ја прелажал итн. И затоа неговата теорија била дека тој претпоставува дека нема што друго да биде освен дека е киднапирана, што за мене, но, стекнав чувство и кај самиот сведок, не предизвикала како што и таа самата вели преголемо внимание бидејќи сите биле вознемирени, сите биле насочени кон тоа да го пронајдат детето и да се открие што се случило, рече адвокатот.

Прашан во врска со тоа дека обвинителството рече дека има непобитни докази во смисла на телефонски преписки, одговори дека не се спорни тие преписки.

– Не се воопшто спорни телефонските преписки и јас воопшто тој дел не би го коментирал јавниот обвинител и не сум баш убеден и сигурен дека се однесуваше на мојот клиент затоа што преписката за која вие ја посочувате таа е воопшто неспорна и денеска сведокот ја објасни комуникацијата помеѓу таткото и децата и како што и самите слушнавте како кажа – сакаше тој малку да се прави како паметен и да соли памет и секогаш да дава некакви идеи итн. Во целост денешниот исказ на овој сведок оди во правец на теоријата на случаи на одбраната и спротивно на она што се тврдењата на Јавното обвинителство, рече Туфегџиќ.

Зорица Ѓорчевска, мајката на убиената Вања Ѓорчевска денеска изјави дека не ги познава обвинетите за убиството на нејзината ќерка. На расправата за двојното убиство на малолетната Вања и велешанецот Панче Жежовски во Кривичен таа сведочеше за денот кога нејзината ќерка исчезнала и потрагата по неа.

На денешната расправа сведочеа и ќерката на Панче, Ана Киркова, и нејзиниот сопруг, Тодор Кирков. На прашања на обвинителката Жаклина Лазаревска, Киркови сведочеа за моментот кога увиделе дека Жежовски го нема, пријавата во полиција и неговото пронаоѓање.

Во судот денеска беа присутни обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски.

Обвинетите на изминатото рочиште се произнесоа дека не се чувствуваат за виновни за што дополнително нивната одбрана ќе достави докази.

Според обвинението, тие заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп.

На 22.11.2023, обвинетиот заедно со уште тројца претходно обвинети заеднички извршиле грабнување на оштетениот Панче Жежовски во Велес, со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.

Во врска со овој случај е осомничено уште едно лице за помагање по извршување на кривичното дело против кого постапката ќе се води одвоено.

Судењето го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска.

Извор: Курир

Advertisement

Македонија

Спиропали во Скопје: Албанската министерка во официјална посета

spiropali

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска ќе ја пречека министерката за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Елиса Спиропали, која е во прва официјална посета на нашата земја.

На средбата ќе се дискутира за актуелните политички состојби во двете земји, билатералните односи и перспективите за нивно продлабочување, како и за заедничките можности за соработка во сите области.

По разговорот и билатералната средба на делегациите на двете министерства, Муцунски и Спиропали ќе се обратат пред медиумите на заедничка прес-конференција.

Continue Reading

Македонија

Кој ќе седне на местото на Коцевски? Советот повторно решава

Советот на јавни обвинители денеска треба да одржи седница на која ќе се одреди вршител на должноста државен јавен обвинител на местото на Љупчо Коцевски, кој минатата недела поднесе неотповиклива оставка. Претходната седница, на која требаше да се избере негов заменик до изборот на нов шеф на обвинителството, беше одложена поради отсутност на членот Јелена Догазанска Колева.

Коцевски оставката ја поднесе на 17 декември, истиот ден кога Собранието требаше да расправа за предлогот на Владата за негово разрешување. Во образложението на оставката, тој истакна дека функцијата ја вршел чесно и достоинствено, а решението за заминување го објасни со „очигледното непочитување на принципите врз кои почива правната држава“, оценувајќи го предлогот за негово разрешување како политичка одлука.

Првично седницата за определување на вршител на должноста државен јавен обвинител беше закажана за 19 декември, но одложена по предлог на членот Ермон Незири, кој посочи дека изборот на в.д. јавен обвинител е „значајно прашање“ и треба да се донесе во полн состав на Советот. Со ова се согласија сите присутни членови.

Според закон, вршителот на должноста се определува од редот на јавните обвинители во Јавното обвинителство и ќе ја извршува функцијата до именување на нов државен јавен обвинител, но не подолго од шест месеци. Меѓу потенцијалните кандидати се јавните обвинители Анита Тополова Исајловска, Исмаил Дарлишта, Соња Симовска, Ферат Елези, Џелал Бајрами, Елвин Вели, Лиле Стефанова, Наум Паноски, Валентина Стојановска и Златко Биковски.

Љупчо Коцевски е во обвинителството од 2008 година, кога беше избран за јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство во Гостивар. На функцијата државен јавен обвинител беше избран од Советот на 18 јануари 2022 година, а Собранието го именуваше на 13 февруари 2024 година.

Процесот за избор на нов државен јавен обвинител е строго регулиран: кандидатот треба да биде државјанин на Македонија, да владее македонски јазик, да има завршено правни студии и положен правосуден испит, како и најмалку 10 години непрекинат стаж како јавен обвинител или судија од областа на кривичното право.

Собранието го распишува огласот за избор на нов јавен обвинител, а кандидатите имаат 15 дена да поднесат пријави. Владата потоа побарува мислење од Советот на јавни обвинители, кој има рок од 15 дена да достави позитивно или негативно мислење. Ако Советот не достави мислење во рокот, рокот се продолжува за уште 15 дена, а доколку ни тогаш нема мислење, се смета дека е позитивно.

Ако Советот на јавни обвинители не даде позитивно мислење за ниту еден кандидат, Владата не може да предложи именување и ќе предложи на Собранието да распише нов оглас.

Continue Reading

Македонија

Железницата се модернизира со нови локомотиви преку кредит од ЕБОР

Железничкиот транспорт во Северна Македонија добива нов стимул: Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) ја одобри набавката на нови локомотиви со заем од 20,9 милиони евра. Предлог-законот за задолжување на државата е веќе доставен до Собранието, а целта е јасна – да се обнови товарниот возен парк и да се зголеми капацитетот за транспорт на стоки.

„Главната цел на проектот е да се обезбеди повеќе локомотиви кои ќе можат да пружат услуги за транспорт, со што ќе се зголеми и приходот на Железници на Република Северна Македонија Транспорт АД“, стои во Предлог-законот. Независен консултант ангажиран од ЕБОР препорачал набавка на до пет електрични локомотиви со високо техничко ниво. Покрај возилата, проектот вклучува и обука на персоналот, специјални алатки и резервни делови за воспоставување режим на редовно одржување.

Заемот ќе се отплаќа во 22 полугодишни рати во рок од 15 години, со четиригодишен грејс период, а каматната стапка е варијабилна – шестмесечен ЕУРИБОР зголемен за маргина од 1%. Државата ќе плати и еднократна провизија од 1%, додека за неповлечени средства провизијата изнесува половина процент.

Сепак, и покрај оваа инвестиција, проблемите на железницата се далеку од решени. Бизнис-планот за 2025 година покажува дека состојбата со влечните капацитети е критична – железницата работи на граница на техничко-технолошка експлоатациона моќност. Старите локомотиви и вагони, неадекватната структура на товарниот возен парк и ненавремените инвестиции во поправки ја загрозуваат способноста на компанијата да ја исполни планираната работа и возен ред.

Вкупниот инвентарски парк на товарни вагони изнесува 1.382 вагони, од кои само 510 се со важечка ревизија, додека 870 се пред ревизија. Структурата и видот на вагоните не се оптимални за различните видови стоки, а старосната структура е неповолна – многу вагони се стари меѓу 37 и 42 години.

Голем предизвик остануваат и инфраструктурните инвестиции, кои се неопходни за враќање на значењето на железничкиот транспорт во земјата. Приходите од товарниот сообраќај за 2025 година се предвидени да изнесат 7,8 милиони евра, но тоа е значително помалку од планираните трошоци од 13,6 милиони, што ќе резултира со загуба од околу 5,7 милиони евра.

Јасно е дека набавката на нови локомотиви е само прв чекор во обновата на железничкиот транспорт – потребни се многу дополнителни инвестиции за да се врати конкурентноста и стабилноста на секторот.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг