Connect with us

Македонија

Клучни сведоштва на Зорица мајката на Вања

Зорица Ѓорчевска, мајката на убиената Вања Ѓорчевска денеска изјави дека не ги познава обвинетите за убиството на нејзината ќерка. На расправата за двојното убиство на малолетната Вања и велешанецот Панче Жежовски во Кривичен таа сведочеше за денот кога нејзината ќерка исчезнала и потрагата по неа.

На почетокот од сведочењето Ѓорчевска сподели дека станот од зградата во која е извршено грабнувањето на Вања бил нејзин, наследен од татко ѝ, но се договориле да го препише на нејзиниот поранешен сопруг.

– Конкретно не можам да одговорам од која причина, станот беше даден во негова сопственост, генералната идеја беше едниот стан да се префрли на негово име за ако нешто некому се случи децата да имаат нешто на нив, рече таа.

Одговарајќи на прашања за денот на исчезнувањето на Вања Ѓорчевска, таа образложи дека двете девојчиња излегуваат во 7:20, но тој ден помалата ќерка губела прв час.

-Вања околу 7:20 се подготви и излезе. Јас излегувам околу 15/10 за 8, одам пешки на работа. Во моментот кога излегов забележав дека стигнала порака од класната „Вања ни ја нема на прв час“. Пораката беше пуштена во 7:43, јас сум ја видела во 7:45. Веднаш ѝ свртев на неа, не беше достапна, и бидејќи на гугл мапс ја следев нејзината локација видов дека покажува на Партизанска кај Фитнес Хаус. Се јавив на Александар дека Вања ја нема, рече таа.

Веднаш потоа, како што дополни, се нашле со Александар и тргнале да ја бараат.

-По пат кога вртев беше недостапна. Кога го видов Александар само реков дека ќе се јавам во полиција. Во осум часот арамирав на 112 дека детето го нема. Со Александар се упативме на местото каде последен пат покажува дека била последен пат. Викав на местото Вања, Вања. Пребаравме една напуштена куќа. Дојдоа полицајците, направивме пријава, јавив дека нема да одам на работа, се јавив по роднините и потоа веќе започна потрагата, рече таа.

Прашана каков реагирале кога го известила Александар дека Вања ја нема, таа одговори дека не ѝ рекол ништо.

-Единствен муабет што правевме е кај да сврти, каде да оди, за да видиме локацијата каде последен пат била. Понатаму се вративме пред Соборен Храм на клупата, јас седнав со полицаецот давав податоци, почнав да се јавувам со колегите од работа да пробаат да го лоцираат телефонот, дојдоа и ако добро паметам јас отидов со едниот полицаец да проверам да не е дома, да не ѝ се слошило. Ако паметам добро Александар замина на лице место каде што бил последен пат, образложи таа.

Потоа отишла да ја земе помалата ќерка од училиште, а во меѓувреме, како што рече, добила информација дека Александар бил до Сарај, како што рече, ѝ рекол, „пуштив абер таму ако има нешто да јават, тргнав накај Арачиново и до Блаце, меѓутоа имаше многу гужва и се вратив“.

Мајката на Вања потоа сведочеше дека во наредните денови биле фокусирани на истрагата и на прегледување на снимките од камерите.

Таа рече дека од првиот момент Александар тврдел дека Вања е киднапирана.

На прашањето зошто смета дека е киднапирана, тој викаше нема што друго да биде, рече таа.

Прашана дали таткото на Вања бил информиран дека Вања тој ден ќе оди сама на училиште, таа одговори дека таа не го известила.

-Од мене не, меѓутоа децата веројатно го известиле бидејќи се интересираше, а и помалата ќерка тврдеше дека таа му соопштила дека утре ќе почне од втор час, рече таа.

Во потрагата по Вања, како што рече во сведочењето, биле вклучени нејзините роднини, колеги и полицијата.

-Првиот ден се прегледуваа камерите, луѓето сами почнаа да нудат ако има камери дојдете видете. Родителите на другарите на Вања понудија помош. Децата печатеа флаери. Колегите мои, роднини мои, Сашко одеше со полицијата прегледуваше камери. На ниедна камера ја немаше. Анализиравме, одевме во полиција, ништо не беше јасно. Ги гледавме снимките на мојот компјутер. Јас тој ден бев окупирана со телефонските повици бидејќи на секои две минути ми ѕвонеа луѓе, дел само прашуваа што се случува, новинари контактираа. Беше хаотичен период каде што јас разговарав и со полицијата, рече.

Како што дополни, во прегледувањето на камерите им помагал и пријател на Александар.

-Сашко ги гледаше камерите и не знам дали дента или другиот ден се појави Гоце кој што дојде да му помогне на Сашко и заедно во мојата соба на компјутерот ги гледа камерите и од време на време ќе нѐ викнеа за совет што гледаш тука, рече таа.

Дополнувајќи дека не се знае со Гоце, но знае за кого станува збор.

-Не знам кој ден беше обезбедиле снимка на која што се гледа возило како стои сам човек посматра и после пет шест минути застанува возило со затемнети стакла, влегува во возилото и заминува. Теоријата беше дека ова е извидница, гледаат дали има некој додека го грабаат детето. Реакцијата моја и на моите роднини беше не е тоа ќерка на Кенеди, што имаме ние па од нас да бараат, рече таа.

Зборувајќи за нејзиното мислење за Александар, како што рече, „беше импулсивен и знаеја за тоа да му замерат, јас со него немав многу комуникација, разговаравме само за децата, јас не се мешав во неговите работи, ниту тој во моите“.

-Понекогаш знаеше да изреагира на начин кој што децата му замеруваа, меѓутоа се грижеше за нив физички, но знаеше да викне по нив и поради тоа знаеше да му замерат. Во поголемиот дел јас ги издржував децата, алиментација не барав, немаше потреба, меѓутоа кога нешто требаше да се купи, секогаш купуваше, сѐ додека oстана без работа, рече Ѓорчевска.

Прашана дали се случило нешто специфично додека трагале и каков бил Александар, таа одговори дека бил смирен и потиштен.

-Беше смирен, потиштен, повлечен, тажен, не беше избувлив, како што знаеше да биде, ако нешто се случеше да викне по мене знаеше, дека јас сум крива, рече таа.

Ѓорчевска посочи и дека знаеле да се скараат со Вања како тинејџерка.

-Вања од почетокот на второто полугодие бидејќи се скара со мене сакаше да отиде таму, живееше два месеци, меѓутоа не знам што се случило, се скараа. Последниот пат кога се скара плачеше ми рече дојди да ме земеш, ја земав, потоа не му збореше три месеци, но потоа лутината спласна, рече таа.

Во однос на прашањето дали Александар ѝ испратил некаква порака вечерта пред случајот, таа рече дека ѝ испратил, но не ја видела.

Сабајлето не ја проверив и после настана таа гужва и не се фокусирав на порака од вчера.

-Пораката беше принтскрин од чет со Вања каде што ѝ пишал како да се облече следниот ден, да се облече топло бидејќи утре ќе биде ладно. Меѓутоа и да сум ја видела не би се изненадила, бидејќи често знаеше да „соли памет“ како треба да се пушти детето на училиште, рече таа.

Ѓорѓевска кон крајот посочи дека за сѐ ги известувала надлежните органи, а Александар во тој период, како што рече, бил фокусиран на камерите.

– Во недела, на 3 декември ме повикаа во полициска станица околу два часот, со Александар дојдовме, потоа не одвоија, мене ме одвоија во друга просторија и ми кажаа дека е пронајдена мртва и ме однесоа да ја идентификувам, рече таа.

Во врска со продажбата на еден од становите, таа рече дека го продала за 83 илјади евра и со парите од тој стан затворила минуси на картички, купила нов автомобил, дел од парите ги орочила, а со дел реновирала.

Прашана дали знаела во чија сопственост е зградата во која живееле, одговори дека знаела од родителите и од фактот што на влезот од зградата имало табла.

На вкрстени прашања од бранителот на првообвинетиот Љупчо Палевски, адвокат Марјан Витановски, дали ѝ е познато дека сега првообвинетиот имал соработка со нејзиниот татко во купопродажба на станови, таа одговори да.

Во однос на прашањето дали има сознанија за некакви недоразбирања, одговори дека доколку би ги имало, татко ѝ, како што рече, би се повлекол. Прашана дали може да се посомнева дека можеби имало нешто меѓу првообвинетиот и нејзиниот сопруг, таа одговори дека нема сознанија.

-Немам никакви сознанија затоа што не пратам медиуми, живеам во четири ѕида обидувајќи се да го заштитам детето од вести и од шпекулации, рече таа.

На денешната расправа сведочеше и ќерката на Панче Жежовски, Ана Киркова, и нејзиниот сопруг, Тодор Кирков.

Во судот беа присутни обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски.

Обвинетите на изминатото рочиште се произнесоа дека не се чувствуваат за виновни за што дополнително нивната одбрана ќе достави докази. Според обвинението, тие заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. На 22.11.2023, обвинетиот заедно со уште тројца претходно обвинети заеднички извршиле грабнување на оштетениот Панче Жежовски во Велес, со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.

Во врска со овој случај е осомничено уште едно лице за помагање по извршување на кривичното дело против кого постапката ќе се води одвоено.

Судењето го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска.

Расправата продолжува на 16 октомври.

Извор: Нетпрес

Advertisement

Македонија

Животот е пред возилото: Новогодишна кампања против возење под дејство на алкохол

volan

Со новогодишните и божиќните прослави на прагот, патиштата се полнат со возила, а сообраќајот станува сè поинтензивен. Но, зад блескавите светла и веселите дружби, се крие сериозен ризик – управувањето на возило под дејство на алкохол.

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата предупредува: алкохолот ја нарушува концентрацијата, го забавува времето на реакција и го ослабнува умот за правилна проценка на опасностите. Секое возење под дејство на алкохол не е само прекршок – тоа е директна закана за животот на возачите, патниците и сите учесници во сообраќајот. Последиците, велат од Советот, често се трајни и ненадоместливи.

Апелот е јасен: не седнувајте зад воланот ако сте консумирале алкохол. Планирајте безбедна алтернатива – јавен превоз, такси или пријател кој ќе ве однесе дома. Почитувајте ги правилата, ограничувањата на брзината и сообраќајната сигнализација, користете заштитна опрема, и покажете особена внимателност кон ранливите учесници во сообраќајот.

Советот потенцира дека безбедноста на патиштата е заедничка одговорност. Со одговорно однесување, празничните денови можат да бидат исполнети со радост и среќа – а не со трагични последици кои ја менуваат иднината на цело семејство.

Continue Reading

Македонија

Паркингот на Клинички ќе стане државен, здравството добива 100 нови амбулантни возила

ambulanta

На вчерашната седница, Владата донесе важни одлуки кои значително ќе го подобрат здравствениот систем и инфраструктурата во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Земјиштето на паркингот ќе премине во државна сопственост, со што се отстрануваат административните пречки за модернизација и зголемување на капацитетот за паркирање.

„Со новиот статус на паркингот ќе можеме да воведеме целосен мониторинг, информативни табли и дигитален водич кој ќе ги насочува граѓаните. Нашата цел е пациентите и вработените да имаат функционален, безбеден и организиран пристап до комплексот клиники“, истакна министерот за здравство Азир Алиу.

Покрај тоа, Владата обезбеди средства за набавка на 100 нови амбулантни возила со медицинска опрема, со вкупна вредност од 461,25 милиони денари, со план за реализирање во следните четири години. Овие возила ќе ја зголемат ефикасноста на итната медицинска помош, обезбедувајќи побрз транспорт на пациенти и подобрена покриеност во урбаните и руралните средини.

Со овие чекори, државата се стреми кон модернизиран здравствен систем и функционална инфраструктура, кои ќе го олеснат секојдневието на пациентите и ќе ја зголемат безбедноста на медицинскиот персонал.

Continue Reading

Македонија

Василевска: Филипче е заробен во застарена пропаганда која одамна не носи гласови

Венко Филипче е длабоко заробен во фрчковизмот и во пропагандата на лажните машинерии кои одамна, повеќе од 20 години, веќе се надминати и како начин за артикулација во политичка битка, но и како модел со којшто би можело да се освојат гласови, да се собере група на луѓе која ќе ви верува, ќе се фати на тој бран и ќе учествува во истото. И тоа е толку ветво и застарено што просто делува и несериозно, констатира пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Иванка Василевска во врска со неговата реакција за говорот во Собранието на претседателката на државата.

Во своето синоќешно гостување во емисијата „Заспиј ако можеш“ на Алфа телевизија, Василевска посочи дека тие се оние стари гебелсови методи, кои тие, односно Социјалдемократскиот сојуз, како политичка опција ги истрошија за време на Шарената револуција каде што комплетно прегореа во цела таа композиција и пропагандна машинерија.

Во однос на состојбите во опозициската партија и нејзината иднина на политичката сцена, Василевска потенцираше дека оваа партиско раководство коешто е избрано сега само се обидува партијата да ја одржи во некоја состојба на клиничка смрт, надевајќи се дека ќе дојде некој нов бран сличен како тој со шарените.

„Таму ниеден сериозен социјалдемократ нема да се нафати во овие тешки услови, со толку криминал, нерешени прашања, проблематични решенија да си го стави својот живот, своето здравје во машина за да го измелат до патот за да ги донесе, можеби, некоја идна победа. Дефинитивно, ова лидерство е така поставено за да се обидува да ја одржува партијата во една, како би рекла, полумртва состојба или во клиничка смрт, сè додека не дојде некој нов бран, на којшто можеби оние се надеваат на она искуство со Шарената револуција“, истакна Василевска.

Пратеничката се осврна на говорот на претседателката, посочувајќи дека тоа беше државнички говор каде што повика на национален консензус за интеграцијата во Европската унија, но и дека од критика не беше поштедена ниту актуелната влада.

„Ако внимателно ја слушавме ќе видиме дека таа укажа и на тоа што е она што најважно, а таа критика е директно на адреса на актуелната Влада. Тоа се во евроинтеграцискиот процес, но и во самото развивање на македонското општество, борбата со корупцијата и борбата да се дојде до правосудство коешто што ќе биде достојно за македонските граѓани“, рече Василевска.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг