Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, во интервју за Прес 24 изјави дека во тест фазата на проектот „Безбеден град“ намерно не се применува толеранција за прекршоци, со цел прецизно да се потврди техничката исправност и стабилноста на системот. Анализата од овој период, нагласи тој, ќе биде основа за воспоставување функционален и сигурен систем кога ќе започне редовната примена.
Според Тошковски, толеранцијата за прекршувања – особено кај мерeњето брзина – ќе биде утврдена при стартот на редовната работа и ќе биде усогласена со европските стандарди. „Целта не е санкционирање на минимални прекршоци, туку спречување опасни однесувања кои можат да резултираат со тешки несреќи и човечки жртви“, истакна министерот.
Тој ја потенцираше и превентивната улога на камерите. Според него, кога возачите знаат дека се под надзор, возат поспоро и повнимателно, со што се намалува бројот на инциденти.
Системот „Безбеден град“ во моментов детектира четири главни прекршоци: возење со прекумерна брзина, поминување на црвено светло, непрописно паркирање и управување со истечена сообраќајна дозвола. Во идните фази се разгледува можност и за евидентирање прекршоци од пешаци, велосипедисти и возачи на електрични тротинети.
Во однос на евидентираните случаи, граѓаните ќе добиваат известување со опис на прекршокот и фотографија од регистарската табличка, додека ликот на возачот ќе биде замаглен. За судска постапка, МВР ќе обезбедува фотографија без замаглување.
„Системот е целосно автоматизиран, независен од човечки фактор и дизајниран за фер и транспарентна постапка“, нагласи Тошковски. Тој додаде дека одговорноста ја носи лицето кое управувало со возилото, а институциите и правните лица се должни да достават доказ кој бил возач во моментот на прекршокот. Во спротивно, одговорноста паѓа врз одговорното лице.
Тест периодот, според министерот, веќе покажал позитивен ефект преку смирување на сообраќајниот динамика. Сите технички недоследности – како препознавање регистарски таблички или неточни контакт-податоци – се коригираат веднаш.
„Ова не е систем за репресија, туку за превенција. Најевтино е да се вози по правила, а најскапо е да се изгуби човечки живот“, заклучи Тошковски.