Примарна цел на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ ОК Битола е вложување во младите и нивно поттикнување за развивање на многу полиња. Ни рекоа од битолската Унијата на млади сили на ВМРО ДПМНЕ, пред почетокот на политичката академија која започна и ќе треа до 24 ноември оваа година.
Надежта е сон на будните“ беше насловот на првиот модул. Оттука и прашањето до првиот човек на Унијата, Попов дали има уште заспани или ги разбудиле?
„Апсолутно ги разбудивме, се чувствува насекаде во македонското општество во првите 100 дена, а особено помеѓу младите луѓе, дека ништо не е исто како до сега и дека не биле сите исти. Затоа што во првите 100 дена од новата Влада предводена од Христијан Мицкоски се решија повеќе проблеми и прашања за младите луѓе од ова што овие претходно го направија за седум години. Тука ќе ги спомнам младите лекари, ќе ги спомнам студентите, тука ќе ги споменам и двете мерки кои што на претходната годишна конференција пред една недела премиерот најави две нови мерки за младите, каде што се предвидуваат со наредниот буџет од наредната година 250 евра субвенција од државата за купување на електронски уред за сите студенти во државата, потоа отворање на фондот од 10 милиони евра со буџетот за наредната година за поддршка на бизниси за млади лица до 29 години во вредност до 30.000 евра. Туку спомнувам најава од 18,5 милиони евра кои што следната година ќе бидат инвестирани во реконструкција на студентските домови, тука спомнувам вработување на 600 млади лекари кои што инаку ќе ни заминеа и ред други мерки“ рече Сергеј Попов, претседател на Унијата на млади сили на ВМРО ДПМНЕ.
Рекоа дека оваа политичка академијата е отворена за сите млади, не само за оние кои се членови или симпатизери на нивната партија.
„Повикот се уште на некој начин нас ни трае, иако официјално ние првиот модул го отпочнуваме, така што слободно доколку некој е заинтересиран, ние буквално не одредуваме политичка определба или нешто таква работа, секој е добредојде, повикот е јавен, така е и посочен како јавен повик, така што секој млад човек до 29 години што се гледа во овие води, во политиката, е добредојден, нашата врата е секогаш отворена“ рече Мартин Ивановски, претседател на УМС на ВМРО ДПМНЕ Битола.
Неговиот пат во политиката тргна од унијата. Беше и советник, а сега и пратеник. Милевски вели дека важно е младите да бидат дел од процесите.
„И да се обратам до сите млади. Многу е важно, ако не и најважно во животот да се биде дел од процесите кои што го управуваат животот, ако не и да се водат тие процеси. Токму затоа ги покануваме, ги поттикнуваме, ги замолуваме сите млади луѓе на иницијатива на Мартин како претседател на Унијата на млади сили, но и поддржани од Сергеј, од севкупните политичари во градот кои што делуваме заедно, ги покануваме уште еднаш, ги замолуваме да се приклучат на процесите и да бидат дел од општествените промени кои што треба да се случат или се случуваат, да бидат дел од оваа политичка академија во која што од прва рака ќе можат да слушнат одредени искуства, политички знаења од самите членови на извршната власт и многу непосредно да разговараат со нив. Токму затоа уште еднаш, повелете сите млади од Битола и битослко бидете дел од оваа политичка академија“ порача пратеникот Пеце Милевски, кој е и претседател на ОК на ВМРО ДПМНЕ Битола.
Битола како град прави се во надлежностите кои што ги има општината да ги задржи младите, да ги врати оние кои се исселиле и да направи услови тие да останат овде, рече градоначалникот на Битола кој беше на стартот на оваа политичка академија.
„Тие се оние кои што треба да не наследат, тие се оние кои што треба да го продолжат патот. Ние сме тука кои треба да застаниме зад нив и да дадеме целосна поддршка на нив, меѓутоа тие се оние кои што за неколку години ќе ја водат оваа држава“ рече Тони Коњановски, градоначалникот на Битола.
Го прашавме дали го има одговор зошто базенот не е готов, а тој е за младите.
„Се што се нафатило ВМРО ДПМНЕ ќе го реализира. Па така и овој проект да го наречам или она што ни го оставија ќе го завршиме секако“ ни одговори Коњановски.
И Попов кој и пратеник во Собранието вети дека ќе лобира базенот да се заврши.
На првиот модул синоќа предавачи беа историчарите Александар Јаневски и Горан Талевски.
Мурати и Лесковица ја туркаат ДУИ на стаклени нозе: Темелите се скапани, реформите исчезнати
Конгресот на ДУИ, кој беше најавуван како почеток на длабоки реформи, предизвика силни реакции од поранешни високи функционери на партијата. Поранешни вицепремиери, министри и други раководители остро го критикуваа процесот, оценувајќи го како „фасада“ и „прикажан авторитаризам“, во кој меритократијата и заслугите биле запоставени.
Фестим Халили, поранешен вицепремиер за спроведување на Охридскиот договор, му честиташе на Али Ахмети за новиот мандат, но потенцираше дека ова е „момент за длабоко морално размислување“. Според него, многу интелектуалци се соочиле со „тивки попречувања“, додека на клучни позиции, особено во Тетово, биле поставувани поединци без значајни заслуги. „Партијата која сака да остане релевантна мора да ја врати меритократијата и заслугите како основен принцип и да создаде простор за оние кои се докажале со дела, а не со сервилност“, изјави Халили, критикувајќи го недостатокот на одговорност за четирите последователни изборни циклуси со загуби.
Валмир Азири, поранешен државен секретар за култура, го опиша конгресот како „претстава со организирани ракоплескања“. Тој истакна дека новите членови не се резултат на демократија, туку на внатрешна ротација која се прикажува како промена. „Довербата не се создава во затворени конгреси. Без вистинска одговорност, секој конгрес останува уште едно поглавје од истата потрошена приказна“, изјави Азири.
Ремзи Абдулахи, поранешен заменик-директор на УЈП, директно го нападна процесот на избор на кандидатите, нарекувајќи го „затворање на партијата“. „Кога одлуките се носат во затворени канцеларии без критериуми, се враќаме на менталитетот од комунизмот, каде еден човек одлучува за сите. Тоа е авторитаризам маскиран како реформа“, нагласи Абдулахи.
Линдита Ќазими, поранешна заменик-министерка за образование, остро реагираше поради непоканувањето на конгресот и упати јавни обвинувања против структурите на партијата, најавувајќи дека ќе одговори со дела за да ги „декласира“ оние кои ја исклучиле.
Беким Мурати, поранешен градоначалник на Сарај, ја опиша ситуацијата со метафора за куќа: „Новата фасада не ја спасува куќата од нејзините скапани темели. Овие имиња не беа избрани поради визија, туку за заштита на старото раководство. Ова не е реформа, туку рециклирање“.
Разочарување застана и кај претставниците од Скопје. Поранешниот советник во Шуто Оризари, Илјаз Лесковица, истакна дека градот останал без вистинска тежина во партијата. „Не може да се камуфлира неправдата направена кон Скопје. Денес мнозинството се во чевлите на Изет Меџити, како и пред четири години. Дури ни буквата ‘Р’ не остана од реформите во ДУИ“, рече Лесковица.
На конгресот, Арбер Адеми беше избран за генерален секретар на ДУИ, додека Фатон Ахмети премина во улогата потпретседател. Бујар Османи и Арбана Пашоли остануваат потпретседатели, а Еркан Арифи и Арта Билали-Зендели се нови потпретседатели. Неби Реџепи го замени Блерим Беџети како организациски секретар, додека во централното претседателство беа избрани 18 нови членови.
Сепак, според поранешните функционери, овие промени се повеќе симболични отколку суштински, оставајќи ги старите структури и стилови на раководење нетакнати.
Спиропали во Скопје: Албанската министерка во официјална посета
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска ќе ја пречека министерката за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Елиса Спиропали, која е во прва официјална посета на нашата земја.
На средбата ќе се дискутира за актуелните политички состојби во двете земји, билатералните односи и перспективите за нивно продлабочување, како и за заедничките можности за соработка во сите области.
По разговорот и билатералната средба на делегациите на двете министерства, Муцунски и Спиропали ќе се обратат пред медиумите на заедничка прес-конференција.
Кој ќе седне на местото на Коцевски? Советот повторно решава
Советот на јавни обвинители денеска треба да одржи седница на која ќе се одреди вршител на должноста државен јавен обвинител на местото на Љупчо Коцевски, кој минатата недела поднесе неотповиклива оставка. Претходната седница, на која требаше да се избере негов заменик до изборот на нов шеф на обвинителството, беше одложена поради отсутност на членот Јелена Догазанска Колева.
Коцевски оставката ја поднесе на 17 декември, истиот ден кога Собранието требаше да расправа за предлогот на Владата за негово разрешување. Во образложението на оставката, тој истакна дека функцијата ја вршел чесно и достоинствено, а решението за заминување го објасни со „очигледното непочитување на принципите врз кои почива правната држава“, оценувајќи го предлогот за негово разрешување како политичка одлука.
Првично седницата за определување на вршител на должноста државен јавен обвинител беше закажана за 19 декември, но одложена по предлог на членот Ермон Незири, кој посочи дека изборот на в.д. јавен обвинител е „значајно прашање“ и треба да се донесе во полн состав на Советот. Со ова се согласија сите присутни членови.
Според закон, вршителот на должноста се определува од редот на јавните обвинители во Јавното обвинителство и ќе ја извршува функцијата до именување на нов државен јавен обвинител, но не подолго од шест месеци. Меѓу потенцијалните кандидати се јавните обвинители Анита Тополова Исајловска, Исмаил Дарлишта, Соња Симовска, Ферат Елези, Џелал Бајрами, Елвин Вели, Лиле Стефанова, Наум Паноски, Валентина Стојановска и Златко Биковски.
Љупчо Коцевски е во обвинителството од 2008 година, кога беше избран за јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство во Гостивар. На функцијата државен јавен обвинител беше избран од Советот на 18 јануари 2022 година, а Собранието го именуваше на 13 февруари 2024 година.
Процесот за избор на нов државен јавен обвинител е строго регулиран: кандидатот треба да биде државјанин на Македонија, да владее македонски јазик, да има завршено правни студии и положен правосуден испит, како и најмалку 10 години непрекинат стаж како јавен обвинител или судија од областа на кривичното право.
Собранието го распишува огласот за избор на нов јавен обвинител, а кандидатите имаат 15 дена да поднесат пријави. Владата потоа побарува мислење од Советот на јавни обвинители, кој има рок од 15 дена да достави позитивно или негативно мислење. Ако Советот не достави мислење во рокот, рокот се продолжува за уште 15 дена, а доколку ни тогаш нема мислење, се смета дека е позитивно.
Ако Советот на јавни обвинители не даде позитивно мислење за ниту еден кандидат, Владата не може да предложи именување и ќе предложи на Собранието да распише нов оглас.