14-ГОДИШНИК УБИ ПОЛИЦАЕЦ ВО ПОЛИЦИСКА СТАНИЦА ВО БИХ, НАПАДОТ СЕ ВОДИ КАКО ТЕРОРИЗАМ

Четиринаесетгодишно момче со нож уби еден и рани друг полицаец во полициска станица во североисточниот босански град Босанска Крупа. Во почетната фаза на истрагата нападот е окарактеризиран како терористички чин, објавија босанските медиуми.

Нападот се случи синоќа во 22 часот, а убиецот е уапсен на самото место. Локалните власти кажаа дека е подигнато безбедносното ниво во малиот град на брегот на реката Уна.

„Малолетник влезе во полициската станица и без повод избоде двајца полицајци. Еден почина, а другиот е во стабилна состојба“, изјави министерот за внатрешни работи на Федерацијата БиХ, Рамо Исак.

Портпаролот на МВР на Унско-санскиот кантон Аднан Бегановиќ изјави дека засега не се знаат мотивите на нападот.

„Обвинителството се изјасни дека настанот има обележја на тероризам, но истрагата ќе ги утврди мотивите и причините“, кажа Бегановиќ.