Зависноста од руските енергенси, зголеменото влијание на Кина и широко распространетата корупција се идентификувани како клучни пречки за европската интеграција на земјите од Западен Балкан, се наведува во Законот за овластување за национална одбрана на САД, усвоен од Конгрес на САД, кој треба да го потпише американскиот претседател Доналд Трамп.
Во делот посветен на регионот, документот јасно посочува дека САД нема да поддржат политики што поттикнуваат територијални размени, поделби или прецртување на границите по етнички линии, како и дека ќе се спротивстават на, како што се наведува, злонамерните политики на Русија и Кина во Западен Балкан. Вашингтон ја потврдува и својата поддршка за евроатлантската интеграција, демократскиот развој и економската стабилност на земјите од регионот.
Во законот се предупредува дека растечкото кинеско влијание може негативно да се одрази врз демократијата, стратешката конкуренција и економската интеграција со Европа. Се нагласува дека САД и земјите од Западен Балкан имаат заеднички интерес за стабилен и одржлив економски развој и спречување на повторна ескалација на етнички тензии.
Документот предвидува и можност за воведување санкции против поединци или политики што го загрозуваат мирот, безбедноста или територијалниот интегритет на која било земја во регионот. Посебен акцент е ставен на корупцијата, која се оценува како една од најсериозните пречки за политичкиот и економскиот напредок.
Според законските одредби, претседателот на САД може да воведе санкции во рок од 90 дена од стапувањето во сила на законот против секое странско лице за кое ќе се утврди дека било вклучено во коруптивни активности поврзани со Западен Балкан, вклучително и актуелни или поранешни јавни функционери.
Во документот се изразува и длабока загриженост за состојбата на демократијата во Србија по последните изборни процеси, како и за потребата од напредок во спроведувањето на договорите меѓу Белград и Приштина. Дополнително, се нагласува значењето на продолжувањето на мисијата на ЕУФОР во Босна и Херцеговина.