Connect with us

Македонија

Премиер, вицепремиери, министри и пратеници да може да бидат лица само со македонско државјанство – ќе бара СДСМ со законски измени

Опозициската партија ќе бара ваквите измени да важат веднаш, односно и за актуелните функционери. Освен ваквата иницијатива за законски измени, од СДСМ побараа и оставка од актуелната министерка за енергетика Сања Божиновска

Додека во фокус на јавноста од вчера повторно се најде министерката за енергетика Сања Божиновска, во контекст на нејзиното бугарско државјанство, опозицискиот СДСМ денеска најави дека ќе поднесе иницијатива за законски измени со кои услов за избор на највисоките функционери во државата – премиер, вицепремиери, министри и пратеници – да биде лицата да поседуваат единствено македонско државјанство.

СДСМ ќе бара ваквите измени да важат веднаш, односно и за актуелните функционери.

„Бидејќи Мицкоски вели дека имало поголеми и помали Македонци, а Божиновска била најголема Македонка, тие измени ќе бараме да важат веднаш, од актуелниот состав. Нашите институции мора да ги водат луѓе кои имаат само една држава, и лојалност кон само една држава, кон Република Северна Македонија. Време е оваа Влада да покаже дали сака вистински патриотизам или ќе се служи со лажниот и понатаму“,изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на денешната прес-конференција.

Кузеска алудира на вчерашната изјава на премиерот Христијан Мицкоски, во која, обраќајќи им се на пратениците на СДСМ, рече дека министерката Сања Божиновска е многу поголема Македонка од сите нив заедно.

СДСМ побара поддршка од граѓаните за ваквата иницијатива велејќи дека политичарите мора да му бидат лојални на народот и да бидат луѓе кои, како што велат од партијата, искрено стојат зад државата и може да ја водат напред.

Освен ваквата иницијатива, од опозициската партија побараа оставка од министерката за енергетика Божиновска. 

„Јавно беше објавен документот со кој таа самата потврдува бугарска самосвест. Документот носи нејзин личен потпис. Ова ја разобличува нејзината лага дека адвокати ѝ ја потпишале изјавата. Дополнително, нејзиното тврдење дека бугарско државјанство добила за економски причини е далеку од вистината. Бугарија не беше членка на ЕУ во 2004 година, кога Божиновска го добила државјанството. Економските можности во Бугарија беа послаби од оние во Македонија во тоа време. Ако економски причини не се причината, тогаш прашањето е: кои се вистинските мотиви? Дали навистина има бугарски национални чувства кои ја мотивирале на ваков чекор?“,велат од СДСМ.

Бугарската агенција БГНЕС вчера објави документ од декларацијата со која актуелната министерка за енергетика Сања Божиновска во октомври 2004 година изјавува дека има бугарска самосвест.

Божиновска, пак, тврди дека во моментов не поседува валидни бугарски документи. 

Вели дека побарала отпуст од бугарското државјанство на 14 септември минатата година, а оти во минатото го поседувала од економски, а не од национални причини

Advertisement

Македонија

Стабилно време со магла до понеделник, дожд од вторник

До понеделник се очекува стабилно и претежно тивко време низ земјава, со појава на магла во утринските часови и зголемена облачност на некои места.

Утре, 18 декември, времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, додека претпладне на одредени места ќе се појави магла. Ветарот ќе биде слаб и променлив.

Во Скопје се очекува слично време, со претежно тивко време и појава на магла во котлинските делови претпладне.

Стабилното време ќе се задржи до понеделник, а од вторник се најавуваат локални врнежи од дожд.

Continue Reading

Македонија

Над 40 државни институции преминаа на електронско управување со документи

Повеќе од 40 институции во државата веќе го користат националниот Документ менаџмент систем (ДМС), што овозможува побрзи и поефикасни услуги за граѓаните, соопшти министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во изјава за медиумите.

Според него, поврзувањето на институциите и општините преку единствен дигитален систем претставува суштинска реформа во функционирањето на државната администрација, со фокус на поедноставени и подостапни јавни услуги.

Андоновски информираше дека за само четири месеци е двојно зголемен бројот на институции кои користат електронска архива и електронски систем за управување со документи. Дополнително, преку државната платформа за интероперабилност, само во ноември биле реализирани 2,6 милиони трансакции, што претставува значителен раст во однос на просекот во текот на 2024 година.

Министерот посочи и дека за 20 проценти е зголемен бројот на институции и компании приклучени на платформата за интероперабилност, што директно придонесува за намалување на административните процедури и потребата граѓаните да доставуваат документи од една до друга институција.

„Овие резултати значат помалку хартија, помалку чекање и помалку простор за корупција. Дигиталната трансформација не ја третираме како ИТ-проект, туку како реформа во корист на граѓаните, со јасни и фер процедури“, истакна Андоновски.

Тој додаде дека целта е институциите да функционираат брзо, разбирливо и еднакво за сите, а Министерството за дигитална трансформација останува посветено принципот „граѓаните на прво место“ да стане стандард во работењето на државата преку конкретни и мерливи резултати.

Continue Reading

Македонија

Собранието ги усвои клучните закони за проектот „Безбеден град“

Собранието во рамки на попладневниот дел на 76. седница без расправа ги донесе измените и дополнувањата на повеќе закони кои се дел од пакетот потребен за целосно функционирање на системот „Безбеден град“. Со 65 гласа „за“ и ниту еден „против“ или „воздржан“, пратениците усвоија измени на Законот за извршување на санкциите, Законот за полиција, Законот за возила и Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, сите по скратена постапка.

Пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека законот е дел од шесте законски измени кои обезбедуваат имплементација на еден од најзначајните проекти во историјата на Македонија, кој започна пред неколку недели и практично ќе стартува од 1 февруари.

Законот за прекршоци, исто така дел од пакетот, воведува посебна постапка за прекршоци констатирани со технички средства и уреди за снимање, вклучително електронска достава преку текстуални пораки или е-пошта, 50% намалување на глобата при доброволно плаќање во рок од осум дена, како и автоматско суспендирање на возачката дозвола по акумулирање на три забрани во четири години. Пратеничката Моника Трајанова од ВМРО-ДПМНЕ објасни дека измените ќе го зголемат ефектот на превенцијата, ќе намалат административни трошоци и ќе ја зголемат ефикасноста на постапките.

Стојановски додаде дека законите овозможуваат одземање на возило на несовесни возачи, како и подобрување на процесот на издавање возачки дозволи, со зголемена транспарентност и контрола врз членовите на комисијата која ги доделува дозволите.

Во рамки на истата седница, пратениците го усвоија и Законот за концесии и јавно-приватно партнерство, исто така по скратена постапка, со што се овозможува поефикасно реализирање на инфраструктурни и други јавни проекти.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг