Општина Тетово го обвини Тетовското муфтиство и муфтијата во заминување Ќани Несими дека од продавачите наплатувале дневен надомест за користење на тротоарите околу муслиманските гробишта во градот, без да им дадат фискални сметки, пренесе „Алсат“. Од општината велат дека право на наплата имаат само општинските органи, а продавачите не мора да плаќаат надомест за користење на јавни површини на пазарен ден.
Од тетовското муфтиство признаваат дека собирале пари од продавачите, но велат дека тие пари биле користени за одржување на гробиштата.
„Од 2002 година овој пазар е активен и со договор со општината го користиме овој простор бидејќи наоколу се користат објектите на гробиштата. Просторот каде што се наоѓа женскиот пазар е вакаф. Точно е дека патот е државна сопственост и е вакаф, но гробишта се на тој асфалт каде што поминуваме и не тврдиме дека е наша сопственост или дека треба да го земеме од продавачите, туку општината нека го земе и нека го одржува, но ние имаме штета и ова е договор со симболична цена“, вели муфтијата Несими.
Од друга страна, продавачите сега не знаат дали да плаќаат дневен надомест во тетовското муфтиство. Бараат двете институции да се договорат.
„Општината беше овде минатата недела и ни рекоа да не плаќаме. Дојдовме да работиме, ако сакаат ќе платиме, но општината нека ги среди работите. Пред три недели дојдоа и ни оставија писмо дека ѓубрето треба сами да го отстраниме. Да, тоа не е наш проблем, треба да се разберат меѓу себе. Плаќаме по 200 денари дневно“, вели еден продавач во изјава за „Алсат“.
Општина Тетово најави тужби во случај Муфтиството да продолжи да собира пари од продавачите.
„Оваа акција е спроведена во целосна согласност со законот, вклучително и Управата за јавни приходи, Пазарниот инспекторат, како и со асистенција на полицијата, со цел да се заштитат граѓаните од секаков облик на незаконска злоупотреба или изнуда. Нагласуваме дека никој, вклучително и организациите кои немаат законски овластувања во оваа работа, немаат право да наплатуваат или да ги искористуваат уличните продавачи, кои се борат за опстанок преку својата работа. Во овој случај, тетовското муфтиство на чело со Ќани Несими нема овластувања да собира пари од овие продавачи. Секое наплаќање или правно дејство мора да го изврши овластен, фискализиран и законски признат субјект“, вели Бесарта Рамадани, портпаролка на општина Тетово.