Connect with us

Свет

Харис вети поддршка за македонскиот идентитет и јазик, Трамп најави економска соработка и безбедност со Балканот

Доколку биде избрана за претседател на САД, потпретседателката и демократска кандидатка Камала Харис кажа дека ќе ги штити правата на граѓаните и земјите слободно да го изразуваат својот национален идентитет, вклучително и македонските идентитет и јазик, додека поранешниот претседател и републикански кандидат Доналд Трамп вети економска соработка и безбедност на Западен Балкан ако тој победи на изборите во вторник, објави Гласот на Америка на македонски.

И двете кампањи најавија поддршка на демократските институции и борба против корупцијата во регионот.

– НАТО и ЕУ се базираат на заеднички демократски вредности, вклучувајќи силни, независни и одговорни институции. Нашите вредности, исто така, ги штитат и почитуваат правата на граѓаните и земјите слободно да го изразуваат својот национален идентитет, вклучително и македонскиот идентитет – и да го зборуваат својот национален јазик, вклучително и македонскиот јазик. Потпретседателката Харис разбира колку се важни овие вредности за виталната македонско-американска заедница, изјави портпарол на кампањата на Харис за Гласот на Америка на македонски.

Корупцијата, потенцираат, е клучен национален безбедносен интерес на САД.

-Потпретседателката Харис постојано се залага за унапредување на демократијата, владеење на правото и борбата против корупцијата. Корупцијата е клучен национален безбедносен интерес на САД, што е една од причините зошто потпретседателката Харис е целосно посветена на унапредување на евроатлантските аспирации на шесте земји од Западен Балкан, наведуваат од кампањата на Харис.

Администрацијата на претседателот Џо Бајден на почетокот на мандатот најави борба против корупцијата, велејќи дека претставува закана за национална безбедност, не само во САД, туку и во цел свет. Претседателот Џо Бајден во 2021 година потпиша извршна наредба, со која се предвиде блокада на имот и спречување влез во САД за одредени лица кои придонесуваат кон дестабилизација на Западен Балкан, за постапки кои, меѓу другото, вклучуваат корупција.

Кампањата на Трамп, пак, ја критикува надворешната политика на Бајден во однос на борбата против корупцијата и интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ, нарекувајќи ја „пасивна“.

-Надворешната политика на администрацијата на Бајден на Балканот е обележана со неактивност, празни ветувања и недостаток на посветеност за вистинско разбирање на уникатните предизвици на регионот. Наместо да се спроведуваат значајни економски и иницијативи за раст во земји како Грција, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Косово, Црна Гора, Северна Македонија, Романија и Словенија, за поддршка на овие нации во нивната борба против корупцијата и интеграцијата во ЕУ, администрацијата на Бајден се одлучи за пасивен пристап. Овој недостаток на ангажман не само што го попречи економскиот напредок, туку и остави многу балкански држави да се чувствуваат занемарени и невреднувани додека тензиите вријат без соодветна интервенција, изјави Христос Марафацос, заменик-претседавач со Националната коалиција за различности на претседателот Трамп.

Марафацос вели дека надворешната политика на Трамп кон Западен Балкан ќе се фокусира на трговски партнерства и економски можности. – Белата куќа предводена од Трамп нема едноставно да турка широкогради изјави за демократијата. Ќе донесе вистински, одговорни резултати преку директно работење со локалните лидери и луѓето во регионот.

Србија и Косово потпишаа договор за економска нормализација во 2020 година за време на администрацијата на претседателот Трамп. Марафацос рече дека Трамп ќе ја продолжи политиката на поддршка на стратешки економски договори.

– Дополнително, неговата администрација ќе даде приоритет на индивидуалните слободи и ќе ја намали бирократијата која го задушува напредокот во овие нации, помагајќи да се унапредат вистинските демократски вредности преку зајакнување на граѓаните и локалните институции, велат од кампањата на Трамп.

Оттаму кажаа и дека ако Трамп се врати во Белата куќа, ќе преземе активни чекори за да го спречи странското влијание насочено кон дестабилизација на балканскиот регион.

-Одлучниот стил и посветеноста на Трамп, наведуваат, за градење силни сојузи засновани на заемна корист и почит би биле во целосна спротивност со пасивните политики на сегашната администрација, давајќи им надеж на оние кои веруваат во посветла иднина на Балканот.

Стејт департментот на 21 ноември 2023 година, за Гласот на Америка на македонски, кажа дека администрацијата на Бајден ќе работи со земјите од Западен Балкан да се намали можноста за „малигно руско влијание“.

-Посветени сме да работиме со земјите од Западен Балкан, нашите европски партнери и меѓународната заедница, за унапредување на реформите во управувањето, владеење на правото, изборните и антикорупциските реформи, кои ќе ја намалат можноста за малигно руско влијание и ќе донесат траен мир, стабилност и просперитет на регионот“, се вели во изјавата на Стејт департментот.

Обединетата македонска дијаспора (ОМД), која неодамна прослави 20 години постоење, минатиот месец доби писмо од потпретседателката Харис, со кое таа ѝ се обрати на македонската заедница во САД.

-Покрај придонесите кон економијата и културата, македонските Американци активно се вклучуваат во нашата демократија. Многумина служат во законодавните тела и граѓански организации, рефлектирајќи ги принципите на слобода и заедница што ја прават нашата држава посилна. Нивната посветеност во граѓанскиот сектор е инспирирачка и клучна за здравјето на нашата демократија, пишува во писмото.

Викендов во Мичиген, сојузна држава во која живеат околу 125 илјади Американци со македонско потекло, Македонците организираат настани за поддршка на кампањите на Харис и на Трамп. Трамп и Харис ги завршуваат нивните последни изборни митинзи пред претседателските избори во вторник. Милиони гласаат предвреме, пишува Гласот на Америка на македонски.

Advertisement

Свет

(ВИДЕО) Инциденти за време на Ханука концерт во Амстердам, интервенираше полицијата

Инцидент е пријавен за време на одбележување на Ханука во Амстердам, каде, според објави на социјалните мрежи и видеоснимки што кружат онлајн, дошло до тензии и нарушување на јавниот ред во близина на концерт посветен на еврејскиот празник.

На снимките се гледа засилено присуство на холандската полиција, која интервенирала за да ја смири ситуацијата и да спречи ескалација. Полицајците биле распоредени на местото на настанот, а дел од присутните биле оддалечени од просторот каде се одржувал настанот.

Засега нема официјална потврда од надлежните институции за повредени лица, ниту за точната природа и мотивите на инцидентот. Холандските власти сè уште не излегоа со детално соопштение, а истрагата е во тек.

Настанот се случува во период на зголемени безбедносни мерки во неколку европски градови, поради зголемени тензии поврзани со меѓународните случувања и чувствителни јавни собири.

Полицијата апелираше до граѓаните да останат смирени и да не подлегнуваат на непроверени информации, додека официјалните институции ги утврдуваат сите факти поврзани со настанот.

ВИДЕОТО МОЖЕ ДА ГО ПОГЛЕДНЕТЕ ТУКА

Continue Reading

Свет

Илјадници граѓани излегоа на улиците на Будимпешта на масовен протест

Илјадници луѓе се собраа на улиците на Будимпешта, каде одржаа масовен протест изразувајќи незадоволство од актуелните политички и општествени состојби во Унгарија. Демонстрантите маршираа низ централните градски булевари, носејќи транспаренти и скандирајќи пораки упатени до власта.

Според локалните медиуми, протестот бил организиран од граѓански иницијативи и опозициски групи, кои бараат поголема транспарентност, почитување на демократските вредности и промени во одредени владини политики. Дел од учесниците упатија критики за состојбата со владеењето на правото, медиумските слободи и економските прашања.

Протестот поминал без поголеми инциденти, а полициските сили биле распоредени на повеќе локации со цел да го обезбедат јавниот ред и безбедност. Засега нема информации за приведени лица или судири со органите на редот.

Од унгарската влада сè уште нема официјална реакција на протестот, додека аналитичарите оценуваат дека ваквите собири укажуваат на зголемено граѓанско незадоволство и дополнително ја заоструваат политичката атмосфера во земјата.

Протестите доаѓаат во период на зголемени политички тензии, а организаторите најавуваат можност за нови собири доколку нивните барања не бидат земени предвид.

Continue Reading

Свет

Париз ги откажа новогодишните прослави поради безбедносни причини

Градските власти во Париз одлучија да ги откажат традиционалните новогодишни прослави на Шанзелизе, кои требаше да се одржат на 31 декември 2025 година. Одлуката е донесена поради, како што соопштуваат надлежните, сериозни безбедносни ризици и неможност да се гарантира сигурноста на граѓаните на масовен јавен настан.

Според информациите што ги пренесува France Info, париската полиција ѝ предложила на градоначалничката Ан Идалго да ја откаже манифестацијата, предупредувајќи на зголемен ризик од паника, нереди и неконтролирани движења на голем број луѓе.

Како една од причините за ваквата проценка се наведува актуелната безбедносна криза поврзана со зголемениот број нелегални мигранти во регионот, како и ограничените капацитети на безбедносните служби да обезбедат целосна контрола и заштита за време на масовните собири.

Новогодишната прослава на Шанзелизе традиционално привлекува стотици илјади посетители и е еден од најпрепознатливите настани во француската престолнина, со музика, светлосни ефекти и празнична атмосфера. Оваа година, сепак, париските власти оцениле дека безбедноста мора да има приоритет.

Засега нема информации дали ќе бидат организирани алтернативни, помали прослави или други културни настани за дочекот на Новата година.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг