Клучен сведок во истрагата за наводните платени снајперски напади врз цивили за време на опсадата на Сараево ненадејно починал, објави британскиот весник „Тајмс“, а информацијата ја пренесоа и регионални медиуми.
Станува збор за Славко Алексиќ, поранешен водач на српска паравоена формација и самопрогласен четнички војвода, кој починал во Требиње на 69-годишна возраст. Според достапните информации, тој претходно немал сериозни здравствени проблеми. Неговата смрт се случува во чувствителен момент, откако во Италија беше отворена нова истрага за т.н. „Сараево сафари“ – наводи дека за време на војната во 1990-тите богати странци плаќале за да пукаат врз цивили во опколеното Сараево.
Според пишувањето на весникот, Алексиќ за време на опсадата ја контролирал зоната околу Еврејските гробишта над Сараево, една од најпознатите снајперски позиции од кои градот бил систематски гранатиран. Српскиот адвокат Чедомир Стојковиќ изјавил дека Алексиќ бил исклучително значаен сведок, бидејќи можел да открие кој ги извршувал нападите и кој стоел зад организирањето на целата мрежа.
Смртта на Алексиќ следи кратко по отворањето на истрага во Милано, насочена кон можни воени злосторства поврзани со т.н. „човечки сафари“. Овие наводи беа обработени и во документарниот филм „Sarajevo Safari“ од 2022 година, во кој се тврди дека странски „туристи“ од Русија, Канада и САД доаѓале на околните ридови и пукаале врз цивили, со посебни тарифи за гаѓање деца.
Адвокатот Стојковиќ изрази сомневање дека смртта на Алексиќ може да биде поврзана со тековната истрага, нагласувајќи дека тоа се негови лични проценки. Тој изјави дека, според него, постои разумна основа за сомнеж во можна вмешаност на српските безбедносни структури.
Кон крајот на ноември, Алексиќ дал интервју за српска телевизија во кое тврдел дека српскиот претседател Александар Вучиќ немал никаква поврзаност со снајперските дејства за време на опсадата на Сараево, демантирајќи ги претходните јавни обвинувања.
Истрагата во Италија е покрената по кривична пријава поднесена од италијански новинар и писател, кој тврди дека посетителите плаќале од 70.000 до 88.000 фунти за пристап до снајперски позиции за време на војната. Преживеаните од Сараево изразуваат надеж дека истрагата ќе доведе до целосно расветлување на една од најмрачните епизоди од војната во Босна и Херцеговина и до најстроги казни доколку наводите се потврдат.