Connect with us

Македонија

Скопјани утрово смрзнаа по постојките – автобус ни за лек

Ноќеска,  пред полноќ, до медиумите стигна кусо известување од Град Скопје, во кое велат дека и покрај некакви притисоци, ЈСП ќе вози во полн капацитет. Но, сликата утрово не ја оправда најавата од Град Скопје. Автобуси немаше ни за лек и тоа на на подолгите релации кои го поврзуваат едниот со другиот крај на главниот град. 

Повеќе од 40 минути се чекаше на „5-ка“ или „15-ка“. Симптоматично беше што „5-ката“, не дојде како кружна, туку автобусот дојде директно од депото во Автокоманда, откако веројатно им беше јавено дека од 7.30 кога замина „3 бе“, единствено помина уште „35-ка“. Но, тојавтобус ве носи до Народна банка, за потоа да заврти кон „Мавровка“. Ако сакате до Рекорд, немаше како да се стигне. 

Граѓаните се смрзнуваа на постојките, а потоа автобусот се преполни. Нервозни и смрзнати нервозата ја истурија кон постарите граѓани кои решиле да одат на Зелен пазар.  Помладите сметаа дека не можат да стигнат на работа и во училиште поради нив, кои ги преполнуваат и онака ретките автобуси.

Некои медиуми забележуваат дека и викендов автобусите на ЈСП биле реткост. Покрај посебниот сообраќаен режим заради одржување трка, автобусите ги немало и на рутите кои биле слободни. Неофицијално, нема нафта за автобусите на ЈСП. 

Состојбата со јавниот превоз најверојатно ќе станува сѐ полоша затоа што освен расправии и префрлање на вината, никој од надлежните не се ни обидува да најде некакво решение.

Ова може да се насети и од храбрите изјави на министерот за транспорт и врски Александар Николовски и градоначалникот на општина Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски кои рекоа дека  ќе мора да се чекаат локалните избори за да се решат проблемите на граѓаните со јавниот превоз.

Ѓорѓиевски, изрази разочараност од недостатокот на сериозност во интервенирањето на Градот Скопје. Според него, постојано се бараат изговори, а вистинскиот проблем е неспособноста да се управува со јавниот превоз.

„Жалосно е што мораме да чекаме на локалните избори за да се реши оваа состојба. Верувам дека по изборите, во рок од неколку месеци, ситуацијата ќе се подобри“, изјави Ѓорѓиевски.

Веројатно, овие изјави ги темелат на очекувањата идниот градоначалник на Скопје кој ќе биде избран на локалните избори на есен да биде од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, со што би ја ималподдршката на мнозинството советници во Советот и на централната власт. Во таков случај можеби и ќе стигнат нови автобуси на скопските улици. Но, сите знаеме дека Арсовска стана градоначалник со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ, но по првата посериозна кавга таа веќе никогаш не ја доби нивната поддршка за предлозите поврзани со јавниот превоз.

За градоначалничката Данела Арсовска вината е во советниците од ВМРО-ДПМНЕ кои не ѝ дозволуваат да набави нови 250 автобуси, за нив пак и за нивните сопартијци проблемот е во неспособноста на градоначалничката и на менаџментот на ЈСП „Скопје“. Сепак, ако горивото е проблем, воопшто не е битно со колку автобуси ќе располага претпријатието. Нема автобус што вози на воздух.

Во меѓувреме градскиот превоз пропаѓа, автобуси има сѐ помалку, расте бројот на возила со дефекти, возниот ред не се почитува ниту е можно поинаку во услови кога нема доволно автобуси. Приватните превозници и понатаму возат само попладне, односно како ќе им текне, незадоволни од цената која им се плаќа за изминат километар. За нив нема одговорност затоа што не ја извршуваат услугата за граѓаните договорена со Град Скопје, а од Градот молчат и не објаснуваат зошто ништо не преземаат.

Официјално од ЈСП долго време ништо не објасниле, од последното предупредување летово кое дојде од првиот човек на претпријатието Драги Кушовски кој се пожали дека од септември ќе им недостасуваат стотина автобуси за нормален градски превоз. Оттогаш досега од него и од претпријатието нема никаква реакција на постојаните поплаки на граѓаните кои користат јавен превоз. Затоа и не се знае зошто викендов немаше автобуси, ниту зошто утрово изостанаа повеќето. Ова навистина наликува дека нема гориво за автобусите на ЈСП.

Вчеравечер, пред полноќ, до медиумите стигна кусо известување од Град Скопје, во кое се  вели „Ве известуваме дека и покрај сите притисоци, од утре ЈСП ќе сообраќа редовно и во полн капацитет“, за утрово тоа да се покаже сосема неточно. Каква иронија!

Како ќе помине зимава со превоз во Скопје, може да се претпостави, затоа што никој од надлежните ниту се чувствува повикан да ги каже состојбите, ниту да пресече како ќе биде. Нѝ останува да се стрпиме до есен, до избори, а потоа уште неколку месеци да се консолидираат, да се испосменат директори, па тие директори да научат како се работи, е потоа, може ќе…

Advertisement

Македонија

МВР со известување до граѓаните за „Безбеден град“

Ги известуваме граѓаните дека од утре (17.12.2025), на посебен шалтер во Одделот за граѓански работи, во зградата на МТВ (приземје) во Скопје, кој ќе работи секој работен ден во периодот од 08:00 до 17:00 часот ќе можат да поднесат барање за промена на контакт-податоците кои ги доставиле при регистрација на возилата, доколку има настаната промена или во случај да имаат добиено известување со неточни податоци. Истото, ќе може да се изврши и низ станиците за технички преглед на возила во државата каде што е распореден деташиран референт на МВР.

Исто така, граѓаните по електронска пошта на bezbedengrad@moi.gov.mk ќе можат да достават писмена забелешка доколку имаат нејаснотии, прашања или проблеми поврзани со функционирањето и примената на системот „Безбеден град“, при што сите доставени забелешки ќе бидат евидентирани и разгледани согласно утврдените процедури, со цел унапредување на работењето и поефикасна комуникација со граѓаните.

Continue Reading

Македонија

Спречен увоз на над 26 тони замрзнато пилешко месо од Бразил

Инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), на граничниот премин Ќафасан, спречија увоз на над 26 тони замрзнат пилешки батак без коска поради неисполнување на условите за увоз. Пратката со 2167 пакувања по 12 килограми замрзнато пилешко месо, по донесеното Решение за забрана за увоз од официјалните ветеринари на АХВ, вратена е во земјата извозник – Бразил.

Забраната за увоз е изречена бидејќи пратката била во спротивност со донесеното решение за забрана на увоз на живи животни, производи и нуспроизводи од животинско потекло од Бразил заради заштита од внесување на вирусот на високо патогена авијарна инфлуенса (птичји грип) според кое, забранет е увозот на пратки кои се добиени од животни кои се заклани, натоварени и сертифицирани пред 1 август 2025 година.

Continue Reading

Македонија

Љупчо Коцевски ја поднесе оставката како јавен обвинител

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски,само еден час пред собраниската расправа за негово разрешување денес, поднесе неотповиклива оставка. На прес-конференцијата, Коцевски порача дека функцијата ја извршувал чесно, но дека си заминува разочаран од системот.

„Заминувам со гордо крената глава, но и со горчина поради непочитувањето на основните принципи на правната држава“, изјави тој. Коцевски го обвини Собранието за „процедурален линч“, откривајќи дека поканата за седницата ја добил во последен момент, без воопшто да му биде доставен предлогот за разрешување. Според него, овој политички маневар е опасен преседан кој директно ја урива независноста на обвинителството.

Наместо да чека политичка пресуда во собраниските клупи, републичкиот обвинител Љупчо Коцевски денеска избра достоинствено повлекување. Со поднесувањето на неотповикливата оставка, тој фрли сериозна дамка врз транспарентноста на власта, тврдејќи дека неговото разрешување е базирано на политика, а не на факти или закони.

„Немам на што да се произнесам, бидејќи предлогот за мое разрешување воопшто не ми е доставен“, истакна Коцевски, нагласувајќи го апсурдот на ситуацијата во која поканата ја добил само 60 минути пред почетокот на седницата. Неговото заминување по помалку од две години мандат отвора нови прашања за тоа колку е навистина „независно“ македонското правосудство од политичките влијанија.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг