Оваа иницијатива, како што наведе пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, е во 99 отсто идентична со онаа што ја поднесоа СДСМ и Левица, со една, како што ја нарече, клучна разлика, а тоа е што барањето на мнозинството е потпишано од 61 пратеник и во него е наведено дека претседателот на парламентот треба да одреди кое собраниско тело е надлежно за организирање ваква расправа
Претседателот на Постојаната анкетна комисија за слободите и правата на граѓанинот, Димитар Апасиев, претходно на прес-конференција обвини дека ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ намерно ја саботираат надзорната расправа што тој веќе ја закажа за 25 февруари
По пратениците на опозициските СДСМ и Левица пред нешто повеќе од половина месец, денеска и нивните колеги од владејачкото мнозинство до претседателот на Собранието, Африм Гаши, доставија барање за одржување надзорна расправа за аерозагадувањето во Скопје и во другите градови.
Барањето на мнозинството, предводено од ВМРО-ДПМНЕ, е поднесено со потписи на 61 пратеник, а темата за која сакаат парламентот да расправа е насловена „Ефектите од аерозагадувањето во Скопје и во другите градови врз здравјето на луѓето и мерките што се преземаат за заштита на јавното здравје“.
Ова доаѓа откако вчера Комисијата за деловничко и мандатно имунитетни прашања донесе мислење, во кое се наведува дека претседателот на Собранието, Африм Гаши, треба да определи матична Комисија за расправата за аерозагадувањето и дека пратеникот и лидер на Левица, Димитар Апасиев требало првин да се консултира пред да ја закаже надзорна расправа во Постојаната анкетна комисија за слободите и правата на граѓанинот, со која претседава.
За барањето на мнозинството за надзорна расправа денеска на прес-конференција информираше пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, кој рече дека ваква расправа ќе се случи со целосно почитување на одредбите од Деловникот.
„Веќе во процедура е поднесено барање за надзорна расправа до претседателот на Собранието, со кое ние бараме, врз основа на членот 21 од Законот на Собранието и член 214 став 5 од Деловникот, согласно надлежностите што ги има претседателот на Собранието, утврдени во членот 62 од Деловникот, да определи матично работно тело кое што ќе одржи надзорна расправа на тема – ‘Ефектите од аерозагадувањето во Скопје и во другите градови, врз здравјето на луѓето и мерките што се преземаат за заштита на јавното здравје’“, рече Стојаноски.
Ова барање, како што наведе тој, е во 99 отсто идентично со она што го поднесоа СДСМ и Левица, со една, како што ја нарече, клучна разлика, а тоа е што барањето на мнозинството е потпишано од 61 пратеник.
„Бараме од претседателот на Собранието согласно одредбите во Деловникот да утврди матично работно тело на кое што оваа надзорна расправа ќе се одржи“, рече Стојаноски.
Мнозинството, како што додаде тој, смета дека надзорната расправа, врз основа на одредбите од Деловникот, треба да заврши со утврдување одговорност на сите оние коишто изминатите години не направиле ништо во борбата против аерозагадувањето.
„Ние нема да учествуваме во политички организирани расправи кои треба да фрлат гума за спасување некому и да му ја спасуваат политичката кариера“,кажа пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.
Стојаноски вели дека клучната разлика во постапката за организирање на надзорната расправа е што не се почитувал членот 62 став 5 од Деловникот односно дека претседателот на Собранието одредува кое матично работно тело ќе ја организира надзорната расправа. Пратениците, според него, немаат право сами да одредуваат на кое матично тело ќе се одржи расправата.
„Тоа нивно барање нема таква одредба, а ние во нашето барање на првата страница исклучиво бараме од претседателот на Собранието, согласно неговата надлежност, да одреди кое е надлежно тело за организирање на оваа расправа. Ако претседателот одлучи тоа да биде Анкетната комисија, ние немаме проблем со тоа“, рече Стојаноски, кој додаде дека претседателот на Собранието е суверен во толкување на Деловникот и во почитување на правилата.
Проблемот за нив, како што кажа, е политизирање на темата за аерозагадувањето.
„Ако ја видите листата на гости, мене ми е индикативно тоа што нема ниту еден функционер кој извршувал таква функција која е одговорна за спречување на аерозагадувањето претходните седум години“, рече пратеникот Стојаноски.
Претседателот на Постојаната анкетна комисија за слободите и правата на граѓанинот, Димитар Апасиев, претходно на прес-конференција обвини дека ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ намерно ја саботираат надзорната расправа што тој веќе ја закажа за 25 февруари.
Лидерот на Левица и претседател на Анкетната комисија, Апасиев упати и апел до собранискиот спикер Гаши да не го послуша мислењето на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, со кое се бара тој да определи матична комисија за расправата за аерозагадувањето, наместо расправата да биде на Анкетната комисија. Во спротивно, како што рече Апасиев на прес-конференцијата, Гаши ќе се соочи со правни последици.
Опозициските СДСМ и Левица нивната иницијатива за одржување надзорна расправа за аерозагадувањето ја поднесоа на 30 јануари.
„Да разговараме какви мерки и активности се преземени од страна на владата и на другите надлежни институции. Заради тоа што ова е една од основните функции на Собранието, да преку вакви деловнички и законски инструменти, успееме да седнеме сите на една маса и пред граѓаните да ги отвориме сите прашања“, рече координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, на 30 јануари.
Тој тогаш кажа дека секој еден што мисли дека е одговорен политичар треба да застане зад оваа иницијатива.