Единицата за трговија со луѓе и криумчарење мигранти при ОСОСК на МВР, во соработка со надлежен јавен обвинител и истражители од Истражниот центар при Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, вчеравечер (30.11.) реализираа случај во којшто од слобода се лишени четири лица. Имено, поради постоење на основано сомнение дека сториле кривични дела – „Посредување при вршење на проституција“ и „Перење пари и други приноси од казниво дело“ приведени се лицата Д.Ј.Н.М. (34), М.М. (57) и С.Д. (47), додека пак четвртоосомничениот Н.М. (23) за кривичното дело – „Перење пари и други приноси од казниво дело“.
„Според досегашните сознанија, во периодот од декември 2023 година наваму првоосомничената, инаку бразилска државјанка, со дозвола за привремен престој во РСМ, заедно со второ и трето осомничените – македонски државјани, како и со две неидентификувани лица од Р.Португалија, од користољубие со умисла организирале врбување, прифаќање, превезување и сместување на женски лица од Бразил. Тие, во посочениот период, заради вршење на проституција, во РСМ, прифатиле пет бразилки од 26 до 38 години кои ги сместувале во претходно изнајмени станови во Скопје, во комплексот „Џевахир Холдинг“. Девојките во двата стана каде што биле сместувани давале сексуални услуги на клиенти кои со нив стапувале во контакт преку меѓународна веб страна наменета за понуда на ескорт девојки во цела Европа. На страницата девојките имале креирани еден или повеќе профили на кои биле постирани телефонски броеви, ценовник на сексуални и дополнителни услуги и фотографии со експлицитна содржина. Првоосомничената ги контролирала профилите на девојките, контактирала со потенцијалните клиенти: го организирала дневниот распоред на клиентите за секоја девојка; го определувала времетраењето на давање на услугите кои се движеле од 150 евра за половина час; 200 евра еден час; 300 евра два часа; 450 евра за три часа и 800 евра за цела ноќ за сексуални услуги; одобрувала дополнителни услуги за клиентите кои чинеле од 70 евра и повеќе; и гарантирала за безбедноста на девојките. За нејзиниот ангажман добивала 30% од заработувачката на девојките што ја делела со второ и третоосомничениот кои пак организирале прифаќање, превоз, сместување, безбедност и грижа за секојдневните потреби на девојките“, пишуваат во своето соопштение од МВР.
Со намера да го прикрие вистинскиот извор, локацијата, понатамошниот тек и вистинските сопственици на паричните средства стекнати со вршење на кривично дело „Посредување при вршење на проституција“, првоосомничената дел од паричните средства преку систем за електронски трансфер на пари за територијата на РСМ ги уплаќала, во износ од 26.151 евра, кон четири лица во Португалија и три лица во Бразил. Второосомничениот пак, во два наврати дел од паричните средства стекнати од претходно сторено кривично дело во износ од 3.000 УСД ги уплатил кон едно лице во Норвешка, а во повеќе наврати извршувал готовински исплати на парични средства во износи од 440 евра по основ на закупнина за становите, а направил и повеќе готовински исплати на парични средства за различни сопствени потреби и потреби на девојките. Третоосомничениот преку субагент за трансфер на пари износ од 1.965 евра испратил на првоосомничената на нејзина сметка во Португалија, а 150 евра испратил кон физичко лице во Колумбија.
Четвртоосомничениот пак, кој во повеќе наврати бил корисник на сексуални услуги од една од девојките, дури и со одобрување на првоосомничената и со паричен надоместок од најмалку 5000 евра по патување, што и било исплаќано на првоосомничената, бил придружуван од девојката при неговите патувања во Рим и Лондон. Откако ја стекнал довербата на девојката, со цел да ги пушти во оптек и да го прикрие потеклото на паричните средства што девојката ги прибавила со извршување на казнивото дело „Оддавање на проституција“ по чл.19 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, ѝ креирал кориснички профил на веб платформа за тргување со електронски пари (крипто валути) иако знаел дека парите девојката ги прибавила со казниво дело. Преку профилот и со поседување на електронски паричник (wallet), девојката непречено можела да врши трансакции и да го прикрие изворот на паричните средства.
„Инаку, врз основа на издадени наредби од Судија на претходна постапка од Основен кривичен суд Скопје, во рамки на активностите за расчистување и документирање на случајот, полициски службеници на подрачјето на Скопје и Куманово извршија пет претреси во дом и други простории кај пријавените лица. Од извршените претреси пронајдени и привремено одземени се 10 мобилни телефонски апарати, седум СИМ картички, лаптоп, огнено оружје (два пиштоли), одредена сума на девизни и денарски парични средства (2480 евра, 20 фунти, 27.100 денари), разна документација (шест потврди за брз трансфер на пари, договор за закуп на стан, четири банкарски картички) и друго“, се вели во соопштението од Полицијата.
Адвокатот Драган Пешевски, преку својот фејсбук профил алармира дека, како што пишува тој во својот пост, Горан Ангелов-Ќосето со три скршени ребра бил вратен во затворот во Прилеп од велешкиот суд, како и дека има проблеми со дишењето и движењето, а неговата состојба не може да се санира во затвор, бидејќи нема услови.
Ја пренесуваме објавата на Пешевски.
„Како што во затворот Прилеп се дознало за смртта на Игор Југ, директорот на затворот го повикал Горан Ангелов-Ќосето кој беше негов најдобар другар, затворски сомаченик, соборец за Македонија уште од војната 2001 и му дал можност да искористи годишен одмор како би можел да го испрати својот најблизок!!! Ова не е спорно и е за поздравување!!!
Спорно е што Горан, пред кратко време крши три ребра во затворот по што е хоспитализиран на хирургија. Пуштил молба за прекин на извршувањето на казната до одреден судија за извршување санкции до Велешки Суд како би ја санирал состојбата. Замислете ОДБИЕН Е!!! Со цел памет и на цела мака е ОДБИЕН. По препорака на хирурзи, специјалисти за домашно лекување ОДБИЕН Е!!! Истиот има проблеми со дишењето, со спиењето, со движењето и без срам ке ви кажам со одењето во ВЦ. Во затворот има исклучително чучавци, со скршени 3 ребра човекот треба да го држат тројца да изврши нужда!!! Тој човек е ОДБИЕН!!!
Сабајлево како го ослободиле иако во тешка состојба не отиде ни до дома, ми се јави ми вика брат неможам да дишам ама морам да одам до кај фамилијата на Игор, да не им треба нешто да помогнам и така стори!!! Тој човек е ОДБИЕН!!!
Пред некој ден од моја страна беше пуштено официјално барање за прекин на издржувањето на затворската казна додека се санира последицата. Сега е на ред управата и нејзиниот директор Александар Пандов. Они се на потег да го исправат овој СРАМ!!!
Денеска изгубивме еден голем човек заради неправди, сплетки и ујдурми. Нека му е лесна земјата, утре во Куманово ке го исратиме, уште неможам да си дојдам на себе… Да не изгубиме уште еден на срамен начин!!!“.
Утре ќе биде студено со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Преку денот ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен променлив ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до 1, а максималната ќе достигне од 4 до 11 степени.
Во Скопје наутро ќе има услови за појава на магла, преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во следните денови ќе биде стабилно и суво, на повеќе места со негативни утрински температури, а дневните ќе бидат во границите на просекот за овој период од годината. Кон средината на следната седмица се очекуваат локални врнежи претежно од снег.
Во вечерашното издание не поткастот „ВМРО-ДПМНЕ Зборува, пратеничка група“ гостуваше пратеникот Дејан Проданоски дискутираше на тема поврзана со законските регулативи за зајакнување на безбедноста во сообраќајот и за мерките кои се преземаат со цел намалување на сообраќајните несреќи. Притоа стави акцент и на своите размислување за тоа како да се подобри безбедноста во сообраќајот.
Проданоски наведе кои чекори можат да придонесат за смалување на бројот на сообраќајни прекршоци, со оглед на тоа што се регистрирани преку 19 илјади прекршоци во изминатите три години, но и за влијанието на законот и ригорозните мерки.
„Од она што слушнавме и од она што го знаеме, како пратеници и како граѓани, е дека навистина имаме и ригорозни закони кои влијаат врз подобрување на безбедноста во сообраќајот. И не е еден закон, туку неколку закони, Кривичниот закон, Законот за безбедност во патниот сообраќај и Законот за прекршоци, сите тие влијаат на некој начин да се подобри состојбата“, вели Проданоски.
Во поткастот тој наведе дека треба да биде казниво се што е поврзано со сообраќајните прекршоци и дека секоја неказнивост дава можност за повторување на прекршокот. Исто така истакна и дека токму имплементацијата на системот „Безбеден град“ како приоритет на МВР, ќе помогне во тоа да се подобри сообраќајната култура во државата.
„По воведувањето на системите на „Безбеден град“ во Скопје, тоа ќе се прошири на територијата на целата држава и од безбеден град Скопје и безбедни градови во Република Македонија, да станеме безбедна држава. Системите коишто се во најава да се воспостават, ќе направат јасна дистинкција ако сте направиле прекршок, мора да бидете санкционирани“, рече Проданоски.
Пратеникот Проданоски истакна кои фактори имаат влијание врз безбедноста, притоа наведувајќи дека се преземаат конкретни чекори со вложување во инфраструктурата, со осветлување на клучките и пешачките премини, исто така дека возачите треба да ги почитуваат зоните на смирен сообраќај, а во однос на образованието да се зголемат часовите на техничко образование.
„Неколку сегменти или неколку фактори се значајни за подобрување на безбедноста во сообраќајот и тоа е генералната безбедност, инфраструктурата и однесувањето на возачите. Во однос на безбедноста, ние почнавме со големи чекори напред, подобрувањето на инфраструктурата е еден од главните предуслови за безбедноста во сообраќајот. Јас доаѓам од Пелагонија, од општина Прилеп, каде што во најава е една делница од експресниот пат Градско-Прилеп, а се очекува до крајот на март да се пушти и комплетно дваесет и осум километарско подобрување на патната инфраструктура“, истакна Проданоски.