Општина Карпош соопшти дека Управниот суд пресудил дека поништувањето на позитивното конзерваторско мислење е неправилно и незаконито, затоа што во правниот промет не можат да постојат два правни акта, донесени по исто барање, а со различна содржина и притоа да произведуваат различни правни дејства, па затоа второто, негативното, конзерваторско мислење по службена должност мора да биде повлечено.
Општината Карпош информира дека Управниот суд го поништил второто конзерваторско мислење на Националниот конзерваторски центар, кое беше негативно, а се однесуваше на изградбата на зградата „Рубик“ на улицата Никола Русински, во близина на Воената болница.
Изградбата на оваа зграда предизвика многу реакции кај граѓаните од Карпош, кои не се согласуваа ниту со локацијата ниту со габаритот на зградата, која ќе има 17 ката.
За да се издаде дозволата за градба беше потребно позитивно мислење од Конзерваторскиот центар, затоа што Воената болница, сега ГОБ „8 Септември“ е споменик на архитектонско наследство од времето на брутализмот и е заштитен објект како културно наследство. Општината Карпош на 18 јануари 2024 година им ја издаде градежната дозвола на инвеститорите „ЗСФ Ком“ ДООЕЛ Скопје и „Делта 2015 Констракшн“ ДООЕЛ Скопје. Еден месец подоцна тогашната министерка за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска рече дека позитивното мислење потпишано од ексдиректорот на Конзерваторскиот центар Константин Димитровски е спротивно на Законот за заштита на културно наследство и затоа е поништено.
По ова се очекуваше потег од Општина Карпош, евентуално преиспитување на градежната дозвола, но случајот заврши пред Управниот суд.
„Поради повеќемесечни непринципиелни притисоци кои беа упатени до поединци од Секторот за урбанизам при Општина Карпош, локалната самоуправа има должност да ја информира јавноста во врска со одобрението за градење за објектот на улицата Никола Русински. Имено, Управниот суд достави пресуда до Секторот за урбанизам, која се однесува на утврдување на законитоста при издавањето на градежната дозвола за предметната локација и за законитоста на позитивното конзерваторско мислење од 8.11.2023 година. Управниот суд донесе одлука со која поништувањето на решението за позитивно конзерваторско мислење од страна на НУ Козерваторски центар – Скопје е неправилно и незаконито, од причини што во правниот промет не можат да постојат два правни акта, т.е. две конзерваторски мислења донесени по исто барање, но со сосема различна содржина и притоа да произведуваат различни правни дејства. Затоа второто, негативното, конзерваторско мислење по службена должност мора да биде повлечено од правниот промет од страна на НУ Козерваторски центар – Скопје, затоа што ваквото постапување на органите сериозно ја доведува во прашање правната сигурност на сите правни и физички лица“, се вели во денешнотосоопштение на Општината Карпош.
Против оваа одлука на Управниот суд, незадоволната странка во постапката нема право на жалба, додава Општина Карпош.
„Практично, со оваа одлука на Управниот суд се потврдува дека Секторот за урбанизам на Општина Карпош постапил законито при издавањето на дозволата за градба на горенаведената зграда“, соопшти локалната власт.