Connect with us

Македонија

Уставен ниту ќе го укине, ниту ќе ја запре примената на Законот за употреба на јазиците

Тоа за што се предлага поведување постапка за оценување на уставноста се општи формулации во неколку члена од законот, како и две конкретни одредби – за симболите на парите и за водењето на судските постапки. Членовите или деловите од членовите за кои се предлага поведување постапка за оценување на уставноста се и дел од забелешките на Венецијанската комисија во нејзиното мислење за законот од 2019 година 

Од ДУИ, кои сега чуваат „стража“ пред Уставниот суд, пред да се донесе законот тврдеа дека се согласни во него да се вградат забелешките на Венецијанската комисија

„Судот да не поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за употреба на јазиците“. Ова е препораката во рефератот на судијата известител по вкупно 13 поднесени иницијативи во врска со Законот за употреба на јазиците кој стапи на сила во 2019 година, а за кој в среда ќе одлучува Уставниот суд.

Факсимил од рефератот во врска со иницијативите за Законот за употреба на јазиците

Зошто да не се поведе постапка? Според рефератот, кој го изготвува уставен судија, затоа што Законот за употреба на јазиците е втемелен во Уставот.

„Содржината на оспорениот Закон за употреба на јазиците во целина ја имаат својата уставна основа и оправданост во амандамнот V на Уставот на Република Северна Македонија. Оттука, сметаме дека не може да се поведе под сомнение неговата уставност ниту во поглед на овој амандман, ниту со член 51 ставовите 1 и 2, член 8 став 1, како што е наведено во иницијативите“,пишува во рефератот.

Ова значи дека в среда нема да се поведе постапка за оценување на уставноста на Законот во целина. И не само тоа. Туку нема да се запре ниту спроведувањето на законот со носење т.н. времена мерка.

Факсимил од рефератот во врска со иницијативите за Законот за употреба на јазиците

„Не се исполнети условите… да се прифатат барањата во иницијативите, до донесувањето на конечна одлука, Судот да донесе решение за времена мерка со запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија преземени врз основа на оспорениот закон“,пишува во рефератот.

Дополнително, се предлага Судот да ги отфрли и иницијативите коишто го оспоруваат указот за прогласување на Законот за употреба на јазиците. За потсетување, тогашниот претседател Ѓорѓе Иванов не го потпиша указот, и покрај тоа што Уставот не му го дава тоа право, откако еден закон и во повторена постапка ќе добие мнозинство од вкупниот број пратеници во Собранието. Па, законот беше објавен во Службен весник и стапи на сила без негов потпис.

Сето ова упатува на заклучок дека по седницата на Уставниот суд в среда, во практика, нема да се смени ништо.

„И други институции“

Тоа што не се носи времена мерка за запирање на извршувањето и што нема да се оценува уставноста на законот во целина, не значи и дека нема одредби или делови од одредби за кои може да се поведе постапка за оценување на уставноста. Од вкупно 13 иницијативи колку што се поднесени до Уставниот суд, а кои се групирани во еден предмет, во рефератот на судијата известител се предлага да се поведе постапка за оценување на уставноста на неколку делови од членови на Законот.

Факсимил од рефератот во врска со иницијативите за Законот за употреба на јазиците

Најголем број од тие спорни делови од членови се однесуваат на употребени формулации, односно на нивна непрецизност. Така, во рефератот се забележува дека иако во членовите од Законот за употреба на јазиците се набројуваат институциите што треба да обезбедат поголеми јазични права, на неколку места дополнително се користат непрецизни формулации.   

Факсимил од рефератот во врска со иницијативите за Законот за употреба на јазиците

„И покрај децидно набројаните институции области… законодавецот на крајот се определил да се употребува и изразот ‘и други институции’ односно ‘и другите институции’… ‘како и сите други органи, тела и други институции’… ‘како и во други области’. Овие одредби се нејасни, непрецизни и двосмислени, оставаат простор за дилема дали вклучува и приватни субјекти кои вршат јавна дејност и слично. Вака поставените законски норми се непрецизни во уредувањето на општествените односи, оставаат простор за нејасност околу опсегот на примената на јазикот во комуникацијата на институциите со граѓаните, а тоа го доведува во прашање владеењето на правото“,пишува во рефератот. 

Понатаму, Уставниот суд не ја спори намерата на законодавецот да ја прошири употребата на другите јазици освен македонскиот. Но, имајќи го во предвид Уставот, судијата известител укажува на несоодветна употребата на изразот албански јазик и тоа во заграда на две места во Законот.

Имено, во членот 1, став 2 од Законот, пишува „друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните (албански јазик)…“. Според Уставниот суд, тоа е во спротивност со член 7, став 2 на Уставот, каде се пропишува дека „друг јазик што го зборуваат 20% од граѓаните, исто така, е службен јазик и неговото писмо“. Односно, судот смета дека со ставањето на изразот „албански јазик“ во заграда се излегува од уставната рамка.

Факсимил од рефератот во врска со иницијативите за Законот за употреба на јазиците

Дополнително, спорно е што во членот 18, став 3, во делот за Агенцијата за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, се предвидува дека се вработуваат лингвисти и филолози по албански јазик. Во рефератот се аргументира дека законот:

„Ги става во привилегирана положба филолозите по албански јазик во однос на дипломираните филолози по другите јазици, односно вака формулираната норма е непрецизна и спротивна на темелните редности на уставниот поредок, односно на владеењето на правото“.

Сумирано, во овој дел, во рефератот не се предлага укинување на Агенцијата или укинување на права предвидени во Законот. Се бара прецизен реченик, кој е во согласност со Уставот и правото.

Симболи на пари и судските постапки

Единствените конкретни одредби, односно ставови од членови од Законот за употреба за јазиците за кои се предлага да се поведе постапка се поврзани со парите и со кривичната постапка.

Членот 8 од Законот за употреба на јазиците

Имено, членот 8 има три става. Во првиот се предвидува на парите да има симболи што го претставуваат културното наследство и на граѓаните што зборуваат јазик различен од македонскиот, а се најмалку 20%. Во вториот став се предвидуваат двојазични уплатници, фактури, поштенски марки и други документи, а во третиот – двојазични униформи за полицијата и други служби во општините во кои најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот.

Во рефератот не се спорат ниту двојазичните униформи, ниту двојазичните документи, но се спорат парите. Зошто? Накратко, затоа што законот се однесува на употреба на јазик, а не на употреба на симболи.

„Овие одредби од законот се излезени надвор од уставните рамки како на Амандман V кој се операционализира во Законот за употреба на јазиците (а не симболи), така и со член 60 од Уставот на Република Северна Македонија“,пишува во рефератот.

Во членот 9, пак, во неколку става, со Законот за употреба на јазиците се предвидува водење на судските постапки и на македонски и на друг јазик, доколку странка, јавен обвинител, судија или друг учесник во постапката го зборува јазикот на кој говорат најмалку 20% од граѓаните. Оваа одредба, патем, никогаш не почна да се применува во правосудството во земјава. За појаснување, не станува збор за правото на осомничено лице да добие превод на својот мајчин јазик – тоа е веќе гарантирано и со други закони. Туку за водење на постапката (од обвинител/судија) и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните паралелно со македонскиот.

Факсимил од рефератот во врска со иницијативите за Законот за употреба на јазиците

Според рефератот, вака пропишаната норма нема основа ниту во Уставот ниту во Рамковниот договор, а води и кон нефункционален правосуден систем. Во аргументацијата е употребена и пракса од Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

„Вака широко формулираните одреби од законот околу употребата на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните сметаме дека сериозно ризикуваат да го попречат функционирањето на судството во Република Северна Македонија и се во спротивност со начелата на ефикасност и економичност во постапките и претставуваат сериозно кршење на процедуралните гаранции утврдени во Европската конвенција за човекиви права, особено правото на правична судска постапка и правото на фер судење“,пишува во рефератот.

И, на крај, во рефератот се оспорува членот 23, став 5 од Законот за употреба на јазиците. Тој предвидува дека ако во рок од една година не се усогласат одредбите за јазикот во другите закони, тогаш ќе се применуваат одредбите од Законот за употреба на јазиците. Проблемот во тоа е што Законот за употреба на јазиците се носи со обично мнозинство, додека многу од законите на кои тој се однесува, како на пример, оние за судството, се системски закони кои се носат со двотретинско мнозинство. Или, не може „обичен“ закон да уредува материја во „системски“.

Во согласност со Венецијанската комисија

Уште во 2019 година Венецијанската комисија го препорача речиси истото што сега е содржано во рефератот на судијата известител од Уставниот суд.

Насловот на соопштението од гласеше – „Венецијанската комисија ја повикува Северна Македонија да го преиспита новиот Закон за јазици и да ги укине одредбите за двојазичност во судските постапки“.

Аргументацијата на групата експерти на ова тело беше истата која сега ја користи и Уставниот суд – добредојдено е почитувањето на јазичните права, но не и ако се воведуваат неспроведливи одредби.

„Овој пристап значително ќе го успори функционирањето на целото судство, ризикувајќи сериозни повреди на правото на правично судење, кое е гарантирано со Европската конвенција за човекови права. Комисијата, понатаму, нотира дека на законот му недостасува јасност за тоа кои одредби важат само за албанскиот јазик, а кои и за другите помали јазици… Исто така, се препорачува, обврската да се употребува албанскиот јазик во внатрешната и меѓуинституционалната комуникација меѓу јавните службеници да биде ограничена на писмена официјална комуникација или нејзиното стапување во сила да се одложи додека не се посгнат реалистични изгледи за спроведување на тие одредби“,се вели во соопштението на Венецијанската комисија од 6 декември 2019 година.

ДУИ беше за Венецијанската комисија, па се пишмани

Законот за употреба на јазиците беше еден од условите на ДУИ за создавање на Владата по изборите во декември 2016 година. Првичниот нацрт-текст е усвоен уште при преговорите меѓу СДСМ и ДУИ за формирање на владата во 2017 година.

Во гостување на „360 степени“, во јули 2017 година, тогашниот вицепремиер за европски прашања, Бујар Османи, ќе каже дека договорот е законот да биде пратен на мислење во Венецијанската комисија во исто време со почетокот на собраниската процедура за негово носење.

„Значи, идејата е да се усвои што побрзо и ќе се усвои брзо. Ние сме прифатиле по усвојувањето во Влада, законот паралелно да се испрати и во Собрание и во Венециската комисија. Додека трае постапката во Собрание, бидејќи не сакаме да одиме со брза постапка туку сакаме да дозволиме дебата во Собрание бидејќи е важен закон, во меѓувреме Венециската комисија да даде мислење за законот со цел да ги зближиме. Значи, расположението и договорот е да биде паралелен процес. Ова не го одолговлекува процесот на усвојување бидејќи ако се доцни премногу дискусијата во Венециската комисија, Собранието веќе ќе го заврши процесот. Но, е интерес Венециската комисија да даде мислење пред да заврши дебатата во Собранието и кога ќе го завршиме, да бидеме комплетирани. Никој утре да нема простор да отвори дебата во Уставен суд или другите институции за уставноста на законот“,изјави Бујар Османи во јули 2017 година, во гостување на „360 степени“.

Но, на крај, Законот за употреба на јазиците беше оспорен пред Уставнот суд, меѓу другото и затоа што тој не беше испратен до Венецијанската комисија пред неговото усвојување во Собранието, туку потоа. А кога стигнаа препораките, пред се ДУИ, го смени ставот. Бујар Османи, во 2019 г. тврдеше дека ќе го почитуваат ставот на Венецијанската комисија, но дека законот нема да се менува.

„Венецијанската комисија вели не смее двојазичноста, поради недостиг на капацитети да предизвикува одредени проблеми во судството. Затоа нашиот пристап ќе биде преку добри акциони планови да создаваме капацитети со цел двојазичноста полесно да се имплементира и да не предизвикува никакви проблеми во судството. Бидејќи, како што реков, колку што е важно правото за јазик, толку е важна и правната држава“, ја пренесе порталот СДК изјавата на вицепремиерот Бујар Османи, по промоцијата на програмата „Европски корпус на солидарноста“ во ЕУ-инфоцентарот.

Од друга страна, СДСМ тврдеше дека целта на испраќањето на законот до Венецијанската комисија е тој да се подобри, ако има забелешки. 

На таа линија беше и Европската комисија. Имено, тогашниот комесар за проширување Јоханес Хан бараше законот прво да биде оценет од Венецијанкскта комисија, па потоа да оди на усвојување.

Advertisement

Македонија

Спречен увоз на над 26 тони замрзнато пилешко месо од Бразил

Инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), на граничниот премин Ќафасан, спречија увоз на над 26 тони замрзнат пилешки батак без коска поради неисполнување на условите за увоз. Пратката со 2167 пакувања по 12 килограми замрзнато пилешко месо, по донесеното Решение за забрана за увоз од официјалните ветеринари на АХВ, вратена е во земјата извозник – Бразил.

Забраната за увоз е изречена бидејќи пратката била во спротивност со донесеното решение за забрана на увоз на живи животни, производи и нуспроизводи од животинско потекло од Бразил заради заштита од внесување на вирусот на високо патогена авијарна инфлуенса (птичји грип) според кое, забранет е увозот на пратки кои се добиени од животни кои се заклани, натоварени и сертифицирани пред 1 август 2025 година.

Continue Reading

Македонија

Љупчо Коцевски ја поднесе оставката како јавен обвинител

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски,само еден час пред собраниската расправа за негово разрешување денес, поднесе неотповиклива оставка. На прес-конференцијата, Коцевски порача дека функцијата ја извршувал чесно, но дека си заминува разочаран од системот.

„Заминувам со гордо крената глава, но и со горчина поради непочитувањето на основните принципи на правната држава“, изјави тој. Коцевски го обвини Собранието за „процедурален линч“, откривајќи дека поканата за седницата ја добил во последен момент, без воопшто да му биде доставен предлогот за разрешување. Според него, овој политички маневар е опасен преседан кој директно ја урива независноста на обвинителството.

Наместо да чека политичка пресуда во собраниските клупи, републичкиот обвинител Љупчо Коцевски денеска избра достоинствено повлекување. Со поднесувањето на неотповикливата оставка, тој фрли сериозна дамка врз транспарентноста на власта, тврдејќи дека неговото разрешување е базирано на политика, а не на факти или закони.

„Немам на што да се произнесам, бидејќи предлогот за мое разрешување воопшто не ми е доставен“, истакна Коцевски, нагласувајќи го апсурдот на ситуацијата во која поканата ја добил само 60 минути пред почетокот на седницата. Неговото заминување по помалку од две години мандат отвора нови прашања за тоа колку е навистина „независно“ македонското правосудство од политичките влијанија.

Continue Reading

Македонија

Антикорупциските организации со апел да не се одлага законот за заштита на укажувачи

Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата апелира до институциите без одлагање да го усвојат Законот за заштита на укажувачите, предупредувајќи дека долгото доцнење сериозно ја поткопува борбата против корупцијата.

Од Платформата изразуваат загриженост што, и покрај тоа што Предлог-законот е подготвен уште од крајот на 2023 година, тој сè уште не е ставен во собраниска процедура. Граѓанските организации биле активно вклучени во процесот – преку работната група формирана од Министерството за правда биле одржани 15 состаноци и две јавни дебати, но резултатите од тој процес досега не се материјализирале.

Во најновиот Извештај за напредокот, Европската комисија посочува дека законското решение за заштита на укажувачите сè уште не е целосно усогласено со европското законодавство и дека недостигаат ефикасни механизми за негова примена. Како ризик се наведува можноста лицата кои пријавуваат неправилности да бидат изложени на притисоци, вознемирување, па дури и отказ, што директно ја намалува довербата во системот.

Според Платформата, фактот што подготвен закон повеќе од две години чека да биде донесен испраќа лоша порака и ја ослабува институционалната заштита на укажувачите – еден од клучните механизми за откривање корупција.

Дополнително, Законот за заштитено пријавување и заштита на укажувачи е предвиден и во Програмата за работа на Владата за 2025 година, како акт по кој треба да одлучува Собранието уште во мај. И покрај тоа, законската постапка сè уште не е завршена, што, како што велат од Платформата, е неоправдано одолговлекување.

„Со усвојување на овој закон ќе се подобри статусот и безбедноста на укажувачите, кои се една од најважните алатки во борбата против корупцијата. Тоа би значело и зајакнување на уште еден механизам за владеење на правото, за што носителите на јавни функции јавно се залагаат“, порачуваат од Платформата.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг