Connect with us

Македонија

Мицкоски: Владата нема намера да ги зголемува давачките за граѓаните

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека Владата нема намера да ги зголемува давачките откако Светска банка предложи зголемување на ДДВ-то од 18 на 19 проценти.

Најлесен начин да се решат проблемите е да ги сведеме на дополнителни давачки за граѓаните. Оваа Влада нема намера тоа да го прави. Ќе се бориме на начин на којшто ќе обезбедиме да останат истите услови на пазарот за истите давачки, дури ако може и да ги намалиме тие давачки за граѓаните. А притоа, сите оние што се дел од сивата економија, преку мерките што ќе ги преземаме, ги предупредивме дека треба да бидат пренасочени во формалниот пазар, односно да ја намалиме сивата економија и сите што работат надвор од формалната економија, да влезат во белата зона, да може да ги зголемиме буџетските приходи – подвлече премиерот.

Еден од начините, според Мицкоски, е проектот е – фактура што е почнат. – Ако се направи анализа на овој проект во државите кога почнал да се спроведува, буџетските средства дополнително се зголемиле за одреден двоцифрен процент. Немаме намера да ги зголемуваме давачките, нагласи Мицкоски.

Според Мицкоски, јавниот долг можно е да биде помал од проектираниот.

Можеби под 61 отсто ќе биде. За да имате ваков начин на функционирање на економијата, треба да имате силен раст на номиналниот Бруто домашен производ. Ние не го правиме тоа исклучиво само преку стимулирање на јавната потрошувачка. Да, тоа има нето ефект исто така. Ние тоа го правиме и преку инвестициите, реализирањето на капитални инвестиции во приватниот сектор, странските инвестиции, но и реализацијата на капитални инвестиции од државата. Тоа е начинот на којшто ќе се бориме. Немаме друг начин. Нормално, паралелно со ова, и намалување на сивата економија, реализација на проектот е – фактура, враќање на правдата, сигурноста – појасни Мицкоски.

Advertisement

Македонија

Стабилно време со магла до понеделник, дожд од вторник

До понеделник се очекува стабилно и претежно тивко време низ земјава, со појава на магла во утринските часови и зголемена облачност на некои места.

Утре, 18 декември, времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, додека претпладне на одредени места ќе се појави магла. Ветарот ќе биде слаб и променлив.

Во Скопје се очекува слично време, со претежно тивко време и појава на магла во котлинските делови претпладне.

Стабилното време ќе се задржи до понеделник, а од вторник се најавуваат локални врнежи од дожд.

Continue Reading

Македонија

Над 40 државни институции преминаа на електронско управување со документи

Повеќе од 40 институции во државата веќе го користат националниот Документ менаџмент систем (ДМС), што овозможува побрзи и поефикасни услуги за граѓаните, соопшти министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во изјава за медиумите.

Според него, поврзувањето на институциите и општините преку единствен дигитален систем претставува суштинска реформа во функционирањето на државната администрација, со фокус на поедноставени и подостапни јавни услуги.

Андоновски информираше дека за само четири месеци е двојно зголемен бројот на институции кои користат електронска архива и електронски систем за управување со документи. Дополнително, преку државната платформа за интероперабилност, само во ноември биле реализирани 2,6 милиони трансакции, што претставува значителен раст во однос на просекот во текот на 2024 година.

Министерот посочи и дека за 20 проценти е зголемен бројот на институции и компании приклучени на платформата за интероперабилност, што директно придонесува за намалување на административните процедури и потребата граѓаните да доставуваат документи од една до друга институција.

„Овие резултати значат помалку хартија, помалку чекање и помалку простор за корупција. Дигиталната трансформација не ја третираме како ИТ-проект, туку како реформа во корист на граѓаните, со јасни и фер процедури“, истакна Андоновски.

Тој додаде дека целта е институциите да функционираат брзо, разбирливо и еднакво за сите, а Министерството за дигитална трансформација останува посветено принципот „граѓаните на прво место“ да стане стандард во работењето на државата преку конкретни и мерливи резултати.

Continue Reading

Македонија

Собранието ги усвои клучните закони за проектот „Безбеден град“

Собранието во рамки на попладневниот дел на 76. седница без расправа ги донесе измените и дополнувањата на повеќе закони кои се дел од пакетот потребен за целосно функционирање на системот „Безбеден град“. Со 65 гласа „за“ и ниту еден „против“ или „воздржан“, пратениците усвоија измени на Законот за извршување на санкциите, Законот за полиција, Законот за возила и Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, сите по скратена постапка.

Пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека законот е дел од шесте законски измени кои обезбедуваат имплементација на еден од најзначајните проекти во историјата на Македонија, кој започна пред неколку недели и практично ќе стартува од 1 февруари.

Законот за прекршоци, исто така дел од пакетот, воведува посебна постапка за прекршоци констатирани со технички средства и уреди за снимање, вклучително електронска достава преку текстуални пораки или е-пошта, 50% намалување на глобата при доброволно плаќање во рок од осум дена, како и автоматско суспендирање на возачката дозвола по акумулирање на три забрани во четири години. Пратеничката Моника Трајанова од ВМРО-ДПМНЕ објасни дека измените ќе го зголемат ефектот на превенцијата, ќе намалат административни трошоци и ќе ја зголемат ефикасноста на постапките.

Стојановски додаде дека законите овозможуваат одземање на возило на несовесни возачи, како и подобрување на процесот на издавање возачки дозволи, со зголемена транспарентност и контрола врз членовите на комисијата која ги доделува дозволите.

Во рамки на истата седница, пратениците го усвоија и Законот за концесии и јавно-приватно партнерство, исто така по скратена постапка, со што се овозможува поефикасно реализирање на инфраструктурни и други јавни проекти.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг