Од компанијата „Саубермахер“ која се грижи за собирање и транспортирање на комуналниот отпад на територијата на Општина Тетово, велат дека во перидов што следи приморани се да започнат со судски, односно со постапки за присилна наплата. Ваквиот чекор додаваат од компанијата, следува по повеќето апели за редовно плаќање на комуналните сметки и опомени за неплатени сметки кои пристигаа изминатиов период до корисниците.
Процесот за присилна наплата треба да започне што поскоро, а во меѓувреме од Саубермахер уште еднаш апелираат корисниците на нивните услуги да го подмират заостанатиот долг, со цел да се избегнат дополнителни трошоци при иницирање на постапка за присилна наплата и присилно извршување.
„За управувањето со отпaдот на целата територија на Oпштина Тетово ангажирани се повеќе работници, во три смени, без разлика на времето и временските услови, се со цел почист град и почиста средина. Редовното плаќање на сметките е дополнителен мотив за работниците кои се грижат за чист град, без отпад и нудење на квалитетни услуги за сите“, информираа од компанијата Саубермахер.
Доколку граѓаните се уште се соочуват со несоодветни податоци во комуналната сметка, веднаш да се обратат до нашата компанија, информираа од Саубермахер.
„Апел до граѓаните ако имаат несоодветни податоци (станбена површина, адреса или останати податоци за корисникот) во доставените фактури веднаш да се обратат, да се регистрират или пак да пријават во нашите канцеларии во Долно Палчиште, во Тетово во привремениот шалтер во просториите на општината, канцеларија во близина на општината како и канцеларија наша – платежен пункт во просториите на ЈКП (зелен пазар) или електронски на е-пошта contact@saubermacher-tetovo.mk. Корисниците со себе треба да донесат документи, односно лична карта и имотен лист за станбениот или деловниот објект. Исто така упатуваме апел до иселениците кои се враќаат во својот роден крај за време на празниците, да се регистрираат, да пријават и да корегираат податоци, а доколку е потребно да пријават и било каква нејаснотија. Потребните документи за регистрација на иселениците за кои комуналната сметка за собирање и транспорт на отпад е намалена за 50%, поради тоа што не се резиденти, и истото се докажува со личен документ за привремена адреса во странство, сметки од струја, како и имотен лист за станбениот или деловниот објект, велат од Саубермахер
За олеснување на процесот на плаќање како и преглед на сите податоци и издадени фактури, корисниците можаат да се регистрират на веб порталот на “www.saubermacher-tetovo.mk“, информираат од Саубермахер.
Министерствата за енергетика, рударство и минерални суровини и животна средина и просторно планирање, го поддржуваат првиот проект за 100% електричен кар-шеринг во Скопје.
Министерството за енергетика рударство и минерални суровини и министерството животна средина и просторно планирање, денес објавија чекор напред кон одржлива и зелена иднина со поддршка и потпишување на писмо со намери со реномираната компанија ‘Avant Car’ која го реализира првиот проект за 100% електричен кар-шеринг во Скопје
Овој документ ја потврдува подготвеноста на двете институции да обезбедат логистичка и административна поддршка за имплементација на првиот електричен ‘car sharing’ систем во Скопје. Овој проект е пример за тоа како јавните институции можат да создадат услови за привлекување на приватни инвестиции кои директно придонесуваат за подобрување на животот на граѓаните,
Преку овој проект, граѓаните ќе имаат пристап до модерен, економичен и еколошки транспорт кој е дизајниран да го намали сообраќајниот метеж, загадувањето и зависноста од фосилни горива. Министерството за енергетика ја истакна важноста на поставување полначи за електрични возила кои ќе користат 100% обновлива енергија, додека Министерството за животна средина потенцираше дека проектот ќе придонесе за подобрување на квалитетот на воздухот преку значително намалување на CO₂ емисиите.
„ Денес го поставуваме Скопје на мапата на модерните градови кои не само што зборуваат за одржливост, туку и преземаат храбри чекори кон неа. Гужвите, загадувањето и зависноста од фосилни горива не се нешта со кои треба да се помириме. јавните институции и приватниот сектор можат заедно да создаваат проекти кои директно ја подобруваат секојдневната реалност на нашите граѓани. Електричниот ‘car sharing’ систем е и пример за тоа како технологијата може да биде на услуга на луѓето и планетата. Со вакви иницијативи, не само што го подобруваме квалитетот на живот, туку и градиме доверба кај приватниот сектор дека вреди да се инвестира тука“ изјави министерката за енергетика Сања Божиновска.
„ Нашиот град долго време се соочува со последиците од урбаното загадување. Целта е на овој начин директно да влијаеме и да ги намалуваме емисиите на CO₂ и загадувањето, што е наш приоритет како министерство. Граѓаните ќе имаат можност за поекономичен транспорт, без компромиси за животната средина. Како Министерство за животна средина, нашата задача е да ги поддржиме ваквите иновативни решенија кои имаат директен и позитивен ефект врз животната средина. Овој проект е доказ дека е можно преку јавна поддршка и приватна иницијатива да создадеме поздрави урбани средини.“ изјави Првиот Вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити.
„Со воведување и имплементација на Систем за споделување на автомобили со 100% електрични возила под името на брендот „Avant2Go“ во Словенија, Хрватска и Австрија аа сега и во Македонија, делуваме како пионер за широко распространето спроведување на електричната мобилност и имплементирање на инфраструктурата за електрични возила, поттикнување на користење и споделување на електрични возила, рече Матеј Чер од групацијата Авант Кар
Реализацијата на проектот е предвидена да започне со обезбедување на јавни и приватни паркинг простори и поставување на соодветна инфраструктура за полнењево неколку скопски општини. На потпишувањето беа присутни и градоначалниците и претставниците на Аеродром, Чаир и Гази Баба. Паралелно, ќе се организираат активности за едукација на јавноста и промоција на придобивките од овој иновативен систем.
Avant car во Македонија ќе е дел од Групацијата на компании Avant car со седиште во Словенија, и која е меѓу водечките даватели на мобилност како услуга во Словенија, Хрватска, Австрија и сега Македонија.
Министерствата ја изразуваат својата подготвеност за соработка со општините, јавните институции и приватниот сектор за побрзо и поефикасно спроведување на оваа иницијатива, која има потенцијал да го позиционира Скопје како лидер во одржливата урбана мобилност во регионот.”
Оваа иницијатива ќе придонесе за подобрување на квалитетот на воздухот, намалување на сообраќајниот метеж и развој на модерни транспортни решенија кои се енергетски ефикасни и достапни за сите граѓани.
На 22.12.2024 во 21.40 часот во СВР Тетово, 21 – годишник од Тетово пријавил дека околу 21.00 часот во неговото возило бил физички нападнат од неговата поранешна девојка Њ.Ј.(23) од Тетово, а потоа пред нејзината куќа нејзиниот брат И.Ј. агресивно се однесувал кон него и удирал во неговото возило. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
„Концертот на ‘Танец’ е прослава на македонската култура и традиција, нашето минато, сегашност, но и иднина… Тој е достоен репрезент на најубавото, непроценливото македонско фолклорно богатство и творештво кое го потврдува идентитетот на македонскиот народ“, истакна министерот за култура и туризам Зоран Љутков, на завчерашниот јубилеен концерт на националната установа „Танец“. Публиката и овој пат уживаше во македонските фолклорни бисери „Тешкото“, „Невестинското“, „Комитското“…
Под мотото „75 години македонски код“, Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“ завчеравечер, во преполната сала на Националната опера и балет, одржа завршен јубилеен концерт со кој уште еднаш покажа зошто претставува чувар на македонското фолклорно наследство и е еден од најголемите културни амбасадори на нашата држава во светот. По серијата јубилејни концерти одржани во текот на годината во земјава, но и надвор од државата, Танец и овој пат во Скопје на присутните им приреди величествено патување низ македонската фолклорна традиција, славејќи ја македонската култура и традиција.
„Низ својата културна мисија низ децениите, ‘Танец’, прерасна во достоен репрезент на најубавото, непроценливото македонско фолклорно богатство и творештво кое го потврдува идентитетот на македонскиот народ. Изведувајќи ги „Тешкото“, „Невестинското“, „Комитското“ и другите македонски фолклорни бисери на многубројните настапи на концертни сцени во светот, ‘Танец’ одигра историска мисија, покажа и докажа дека Македонија со својата богата етнокореолошка традиција зазема маркантно место во семејството на народите кои ја споделуваат својата богата култура со целиот свет“, кажа министерот за култура и туризам Зоран Љутков, кој на сите вработени во aнсамблот им го честиташе јубилејот, заблагодарувајќи им се за нивниот придонес во градењето на реномето на оваа институција. Тој додаде дека „Танец е национален бренд и гордост на македонската култура.
На концертот кој беше пречекан со големо нетрпение, игроорците, оркестарот, како и солистите на ансамблот се претставија со добропознатите ора и песни, а нивната изведба беше постојано проследена со голем аплауз и овации.
Министерот Љутков изрази уверување дека и во иднина „Танец“ ќе биде врвен промотор на Македонија, преку кој, додаде, ќе ја прославуваме македонската култура и традиција, нашето минато, сегашност, но и иднина…
Инаку, „Танец“ е првиот професионален фолклорен ансамбл во Македонија, формиран во 1949, со цел да ги собира и негува македонските традиционални песни и игри, народните носии и инструменти, и преку соодветен уметнички израз, сценски да ги претставува највредните форми од богатата ризница на македонскиот народ. Како подвижен музеј на нашето културно богатство, ансамблот неуморно ја шири убавината на македонските танци и песни, оставајќи свој белег на сцените во Азија, Америка, Австралија, Африка и насекаде низ Европа.
Во текот на своето постоење, има учествувано на повеќе од 5.000 концерти и фестивали, настапувајќи пред полни концертни сали во Њујорк, Сиднеј, Мелбурн, Тел Авив, Рим, Париз, Лондон, Монтреал, Торонто… „Танец“ поседува и уникатна збирка на повеќе од 3.000 автентични носии со исклучителна вредност и убавина и секој негов настап е посебно аудиовизуелно доживување за публиката. Репертоарот на ансамблот се состои од повеќе од 90 кореографии и неколку стотици вокални и инструментални творби, преку кои ги претставува разновидните музички и кореографски традиции од богатиот македонски фолклор…