Connect with us

Македонија

Царината заплени предмети со неверојатна вредност

Published

on

Царинските службеници минатата недела спречија серија обиди за криумчарење разна стока, вклучувајќи златни монети, лекови, фотоапарати, автоделови и спортска опрема.

На граничниот премин Табановце, царинските службеници открија пет златни монети со проценета вредност од половина милион денари во чанта на сопатничка, украинска државјанка. По извршената контрола, за сопственик на златото се пријавил германски државјанин, кој исто така патувал во истото возило, управувано од државјанин на Србија.

„Ова е еден од позначајните случаи на спречување на нелегален внес на скапоцени предмети. Со ваквите акции покажуваме дека царината е ефикасна во откривање и спречување на вакви активности“, изјавија од Царинската управа.

На Меѓународниот аеродром Скопје, царинските службеници открија 1.200 таблети Plaquenil, лекови кои се користат за третман на автоимуни болести. Лековите беа пронајдени во куфер на државјанка на Босна и Херцеговина која пристигнала со лет од Истанбул.

„Овие лекови се дел од контролирани супстанции, а нелегалниот нивен внес може да претставува сериозен ризик по здравјето на граѓаните,“ додадоа од Царината.

Професионални фотоапарати и опрема за фотографирање беа откриени на граничниот премин Табановце во возило управувано од македонски државјанин.

Во автомобил со косовски таблички, царината пронајде 74 делови за мобилни телефони скриени во просторот за резервна гума. Вредноста на откриената стока изнесува 204 илјади денари.

Четири турбо компресори за возила беа пронајдени во надворешна преграда на товарно возило со српски регистарски таблички.

Во уште еден случај, службата за мобилен скенер на царински терминал Табановце откри 13 карате кимона и 47 пара боксерски ракавици, скриени во просторот за палети на камион со македонски таблички.

„Овој случај покажува дека нелегалниот транспорт на спортска опрема е сè почест. Благодарение на скенирањето и деталните контроли, успешно ги спречуваме ваквите обиди“, посочија царинските претставници.

Царинската управа продолжува со засилените контроли на граничните премини и апелира до граѓаните да ги почитуваат законите и да избегнуваат нелегални активности.

Македонија

СОБРАНИЕТО ЌЕ РАЗРЕШИ 5 ЧЛЕНА НА СУДСКИОТ СОВЕТ, се чека средување на обвинителството

Published

on

Извесно е дека после празниците во Собранието ќе биде покрената постапка за интерпелација на членовите на Судскиот совет кои се избрани од пратениците. Премиерот Христијан Мицкоски денеска рече дека размислуваат за такви активности за следниот месец.

– Ние размислуваме за неколку потези, некои мерки кои ќе ги преземеме после празниците, затоа што и покрај најавите дека се надминати оние појави на анксиозност, дијареа, грчеви и покачена температура, сè уште траат тие процеси траат кај одредени обвинители и судии. Граѓаните мора да ја добијат правдата. Планираме вакви активности во следниот период – рече премиерот Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање дали се планира разрешување на оние членови на Судскиот совет кои се избрани од Собранието.

За правдата, додаде премиерот, не се доволни само полициските акции.

– Тоа беа историски, досега незапаметени акции, кои ги направија МВР, СВР Скопје, БЈБ и АНБ. Но, не одат работите во правецот што го очекуваат граѓаните. Ние како Влада ќе се бориме против криминалот и корупцијата преку МВР, но очекуваме целата состојба да биде комплетна откако и другите институции ќе разберат дека граѓаните мора да ја добијат правдата и дека правдата за сите ќе биде подеднаква – рече денеска премиерот.

Собранието не го усвои извештајот за работењето на Судскиот совет за 2023 година, па според одредени толкувања тоа може да биде основ за разрешување на оние членови на Советот кои се избрани од пратениците. 

Тоа се членовите кои во Законот за Судскиот совет се дефинирани со терминот „истакнати правници“. Моментно, како истакнати правници во Советот членуваат Весна Дамева, која неодамна поднесе оставка од функцијата претседател, Павлина Црвенковска, Селим Адеми, Миљазим Мустафа и Тања Чачарова Илиевска.

Судскиот совет има вкупно 15 члена. Освен правниците, членуваат 8 судии кои се избираат на непосредни судски избори, а членови по функција се министерот за правда и претседателот на Врховниот суд.

Од петмината правници, тројца ги избира директно Собранието, а останатите двајца ги предлага претседателот на државата, а ги избира Собранието.

Continue Reading

Македонија

Груби се крие во албанското туристичко место Хамалај?

Published

on

Најновата неофицијална вест е дека поранешниот вицепремиер, Артан Груби, осомничен во случајот „Лотарија“, престојува во Албанија, во близина на Драч, во месноста Хамалај, позната по прекрасни песочни плажи и приватност.

Информациите во медиумите за локацијата на Груби протече од членови на Владата и одредени институции кои имаат неофицијални информации дека Груби престојува покрај Јадранско море.

Претходно, вицепремиерот Изет Меџити, во интервју за албанската „Ора њуз“ рече дека и, според неговите информации, Груби не е повеќе во Косово, туку во Албанија.

„Со бегството тој ја докажа вината и затоа побегнал од државата. Мислам дека денес, утре или задутре, тој еден ден ќе се соочи со правдата“, рече Меџити.

Бизнисменот и почесен конзул на Косово, Арсим Папранику, во полиција дал исказ дека на 15 декември го одвезол поранешниот вицепремиер Артан Груби до Тирана, каде пиеле кафе и го оставил во хотел близу стадионот, пишува „Фокус“повикувајќи се на полициски извори и извори од владата.

За поранешниот вицепремиер Груби, кој е осомничен за проневера од 8 милиони евра во Државна лотарија, премиерот Христијан Мицкоски рече дека не сака да шпекулира дали побегнал во Албанија или во Косово.

„Факт е дека не бил „чист како солза“, бидејќи ако бил, немало потреба да биде бегалец од правдата – ќе дојде тука и ќе ја брани својата невиност“, рече Мицкоски, кој смета дека тој не е политички бегалец, туку бегалец од правдата и затоа очекува да не добие азил во странство.

Груби, на 15 декември, замина од Македонија преку граничниот премин „Блаце“ за Косово. Иако беше ставен на „стоп-листа“ по наредба од јавен обвинител, беше пропушен од полициијата. Тој беше во друштво на бизнисменот и почесен конзул на Косово, Арсим Папранику. Внатрешната контрола при МВР утврди дека полицискиот службеник ги завел Груби и Папранику дека пешки ја минале границата, не го евидентирал возилото и не почекал системот да јави дали има активна мерка.

Од СДСМ обвинија дека, ВМРО-ДПМНЕ го пушти Груби да избега и атоа сметаат дека одговорноста за бегството е целосно кај нив и МВР.

Извор: Нетпрес

Continue Reading

Македонија

На 20 март подготвителна седница за Законот за употреба на јазиците

Published

on

Подготвителната седница за Законот за употреба на јазиците ќе се одржи на 20 март 2025 година, утврдени се спорните правни прашања во врска со иницијативите по овој закон, како и листата на учесници, која ќе биде отворена за јавноста, договорено е на денешниот работен состанок во Уставниот суд, потврди за МИА претседателот Дарко Костадиновски.

Како што информираше Костадиновски на последната прес-конференција, за листата на учесници на подготвителната седница биле предложени повеќе од 20 имиња, експерти по уставно право, меѓународно право, човекови права и поранешни судии на Европскиот суд за човекови права.

На седницата на Уставниот суд на 11 декември Костадиновски истакна дека одлуката за одржување подготвителна седница за иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на Законот за употреба на јазиците не треба да се толкува како слабост. Тој тогаш најави дека најдоцна до мај, Судот ќе одлучува по предметот.

– По завршувањето на подготвителната седница, не повеќе од месец дена, ќе им бидат потребни за разработка на рефератот врз основа на резултатите од подготвителната седница, што значи, како што рече, најдоцна во мај Судот ќе одлучува по предметот.

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2024 Булевар.мк