Connect with us

Македонија

Влез на трет мобилен оператор, за Македонија да не биде обележана со црна боја на европската мапа

Групацијата 4iG, преку својата подружница ОНЕ Македонија Телекомуникации, официјално достави писмо за намери до Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), каде го изразува својот интерес за обезбедување на достапни радиофреквенции како дел од планот за влез на телекомуникацискиот пазар како нов оператор во Македонија. Овој чекор, велат од групацијата, преставува значителна пресвртница во плановите на 4iG за да придонесе во модернизација на телекомуникациската инфраструктура во земјата и да внесе засилена конкуренција во секторот. Во текот на следните месеци, компанијата ќе соработува со AEК за достапноста на радиофреквенциите, да се обезбеди усогласување со регулаторните рамки и да се продолжи со долгорочната стратегија за развој во регионот.

Од Групацијата велат дека ја имаат поддршката од македонската Влада, којашто очекува со доаѓањето на нов оператор да се зголеми пазарната конкуренција, да го подобри квалитетот на телекомуникациските мрежи, и со тоа да се забрза дигитализацијата на земјата.

Која е понатамошната процедура? 

Покрај тоа што „4iG“ регистрираше компанија во Македонија битен предуслов за да се започне постапка за доделување на радиофреквенции, во согласност со Законот за електронските комуникации (ЗЕК) е да се поднесе официјално Писмо на намера до АЕК, велат од Агенцијатапреку изјава за „Локално“. Писмото е поднесено на 17-ти декември и во согласност со ЗЕК, следен чекор е да се објави од страна на АЕК, јавна расправа која не може да трае пократко од 30 дена, на која сите заинтересирани страни ќе го изразат својот став.

-По завршувањето на Јавната расправа, АЕК треба да ги објави резултатите и својот став. Во зависност од исходот на Јавната расправа постапката понатаму продолжува со Јавен тендер или со Јавен тендер со јавно наддавање. АЕК веднаш може да ја отвори Јавната расправа по поднесената Намера, но треба да се има предвид дека во намерата најпрво се бара да се организира состанок помеѓу 4iG и АЕК кој би требало да се реализира после 20/01/2025. За очекување е јавната расправа да се отвори на почетокот на февруари 2025, потенцираат од АЕК.

Од АЕК се децидни дека има простор за трет мобилен оператор во Македонија. Оттаму посочуваат дека ако се мисли на радиофреквенциски ресурси, АЕК веќе презеде низа регулаторни мерки уште по спојувањето на ВИП и ОНЕ во „Оне.Вип“ во кое се случи кон крајот на 2015 кога пазарот за влез на нов оператор беше практично затворен.

-Од 2017 скоро во сите радиофреквенциски опсези АЕК предвидел сосемо доволно радиофреквенции за влез на нов оператор. Ако се мисли на пазарни услови, секако дека и тие ги има. Многу држави во Европа кои се по големина и географска конфигурација слични или дури и помали од Македонија имаат по најмалку три мобилни оператори. Такви се: Словенија, Косово, Црна Гора, Малта, Кипар, Фарски острови,… Во моментов во Европа само Македонија и Албанија од неодамна, се држави со само два мобилни оператори и на мапата на Европа се обележани со црна боја поради недоволно развиена конкуренција во оваа област. Останати придобивки би биле следниве:

Македонија ќе добие трет мобилен оператор, ќе се зголеми конкуренција, односно ќе се задоволат потребите на македонското општество, ќе се зголеми квалитетот на мрежи/услуги за подобра цена, негативниот извештај на ЕК во овој дел ќе се корегира, ќе се обезбеди стабилен телекомуникациски сектор, ќе се обезбеди работа за најмалку 300 подобро платени работни места, младите инжинери ќе останат во Македонија, ќе се обезбеди работа за 30-50 македонски компании што ќе донесе додадена вредност во македонската економија. Европа ќе ја добие прватa 5G SA (Stand Alone) мрежа, а со тоа Македонија ќе стане лидер во Европа, појаснуваат од државната агенција.

Во одговорот од АЕК се истакнува дека за очекување е да се појави интерес кај граѓаните, но прво треба да има понуда, а интересот секако ќе дојде сам по себе имајќи ги предвид карактеристиките што таа 5G NR SA мрежа ќе ги понуди.

Дека на Македонија ѝ е потребен трет мобилен оператор уште поодамна порача министерот за транспорт Александар Николоски. Тој вели дека на македонскиот пазар постои дуопол и треба да се бараат мерки за да поевтинат услугите за граѓаните но и за бизнисите. Министерот како причина за воведувањето на трет оператор ги наведе цените на мобилната, кабелската телевизија и интернет-услугите кои во земјава се повисоки од најголем дел од европските држави.

На 18 октомври групацијата соопшти дека по неколку успешни аквизиции во Албанија и Црна Гора, 4iG Group започнала со подготовки за влез на пазарот, со основање на подружница „ONE Macedonia Telecommunications“.

-Со одлука на Одборот на Групацијата донесена минатиот петок, новата компанија ќе биде основана од Antenna Hungária Zrt., дел од 4iG Group, под којашто е телекомуникациското портфолио на инфо-комуникациската групација во Унгарија и во Западен Балкан. Регистрацијата на компанијата е завршена, а со формирањето на оваа компанија, 4iG Group има за цел што поскоро да влезе на телекомуникацискиот пазар во Северна Македонија, соопшти тогаш групацијата.

На пазарот на мобилни комуникации во државата активни се два мобилни мрежни оператори, три виртуелни мобилни оператори и еден оператор препродавач. На пазарот на мобилна телефонија се регистрирани 2.074.021 активни претплатници, во кои мрежните оператори А1 Македонија и Македонски Телеком имаат удел од по 47,62  односно 47,24 проценти.

Влезот на трет мобилен оператор се смета за позитивен потег кон поголема конкуренција и подобрување на стандардите во мобилната индустрија во Македонија. Граѓаните со нетрпение очекуваат да видат како оваа промена ќе се одрази на нивните секојдневни животи и на општеството во целина.

Advertisement

Македонија

ИСЧЕЗНАТО ЛИЦЕ ОД ВЕЛЕС – ПОЧНАТА ПОТРАГА ПО СТОЈАНЧЕ КЛИФОВ

Во Велес е пријавено исчезнување на лицето Стојанче Клифов, за кого моментално трае интензивна потрага. Семејството и пријателите апелираат до јавноста за помош и споделување на информации кои би можеле да помогнат во неговото пронаоѓање.

За сите граѓани кои го имаат забележано или располагаат со било какви информации, отворен е контакт бројот 076 226 323 (Наташа).

Апелот е итен и важен – и најмалата информација може да биде пресудна во лоцирањето на исчезнатото лице.

Граѓаните се повикуваат на внимателност и солидарност со семејството и пријателите во овие тешки моменти.

Continue Reading

Македонија

Охрид станува светска дестинација за стоматологија: Центарот „Д-р Баткоски“ доби престижна награда

Сместен во Охрид, стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“ е приватна здравствена установа која во последната деценија изгради препознатливост по комбинацијата од врвна технологија, силен професионален тим и топол, човечки пристап кон пациентите. Токму таа непосредност грижата и фокус на секој поединечен пациент, според менаџерот и основач на современиот стоматолошки центар д-р Небојша Баткоски, е она што ја креира довербата кај пациентите. Центарот нуди широк спектар на услуги – од превентивна и детска стоматологија, преку естетски и протетски третмани, до имплантологија, алајнери и решенија наменети за пациенти од странство, со силен фокус на стоматолошки туризам и европски стандарди на работа.

Повод за ова интервју е најновото меѓународно признание на Стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“, престижната награда THE BIZZ AWARD за деловна извонредност, во организација на WORLD CONFEDERATION OF BUSINESSES (WORLDCOB). Со д-р Небојша Баткоски разговараме за патот до ова признание, за личната и за професионалната приказна зад брендот „Д-р Баткоски“, за стоматолошкиот туризам и за тоа како изгледа иднината на современата стоматологија гледано од Охрид кон Европа и светот.

WORLD CONFEDERATION OF BUSINESSES во вашата работа препозна вредност која ви донесе уште едно меѓународно признание. Добитник сте на наградата THE BIZZ AWARD за деловна извонредност. Како дојде до тоа стоматолошки центар од Охрид да биде добитник на оваа награда?

– Фактот што World Confederation of Businesses ја препозна вредноста во нашата работа не е случајност. Тоа произлегува од континуирани меѓународни обуки во Швајцарија, Дубаи и во Германија, постојана имплементација на современи технологии и инвестиции во највисок квалитет на услуги. Нашата визија да бидеме лидери, а не следбеници – тоа е причината што го добивме ова меѓународно признание. Процесот на селекција подразбираше детална проценка на повеќе сегменти, како квалитетот на услугите и стандардите на работа, начинот на кој се грижиме за пациентите, и начинот на менаџирање на тимот и развојот на бизнисот. За организацијата која ги следи најдобрите практики во светот, беше важно да види дека работиме според исти или слични стандарди со реномирани центри во големите светски метрополи. За нас ова признание е потврда дека доследното вложување во едукација, технологија и човечкиот пристап не останува незабележано и надвор од границите на државата.

Меѓународното признание е потврда и за Вашиот личен влог да изградите еден професионален центар кој во регионот и пошироко се истакнува по квалитет и иновативност во услугите. Што значи оваа награда за Вас лично како доктор и менаџер, а што за тимот и за пациентите на стоматолошкиот центар?

– За мене ова признание е големо задоволство затоа што вложениот труд и долгогодишната посветеност се препознаени и вреднувани. Во минатото бевме признати како едни од Best Regional Hospitals, а јас лично ја добив наградата Manager of the Year во Оксфорд во 2016 година. Овие признанија, заедно со денешното, само потврдуваат дека континуирано работиме со исто темпо, фокус и успех, oваа награда е резултат на постојана работа, мотивација и професионален ангажман на целиот тим. За центарот тоа е и чест и обврска да го задржи постигнатиот квалитет и да продолжи да се развива, a за пациентите – признанието е најдобра потврда дека добиваат сигурна, квалитетна и современа услуга.

WORLDCOB ве покани да ви го додели и признанието за деловна извонредност. Кога и каде ќе ја примите оваа меѓународна наградата и како таа му користи на еден стоматолошки центар од Македонија?

– Наградата ќе ја примиме во Чикаго, и тоа за нас претставува голема чест. Отсекогаш сум велел дека кога посветено ја работиме нашата професија и ја цениме како вистинска пасија, резултатите неизбежно доаѓаат. Фактот што стоматолошки центар од Македонија е признат на вакво ниво само покажува дека не сме хендикепирани затоа што доаѓаме од помала земја – напротив, го користиме тој моментум за да докажеме дека можеме рамноправно да парираме со најдобрите во светот. Присуството во Чикаго, во друштво на компании и лидери од различни индустрии, отвора врати за нови контакти, размена на искуства и можни партнерства, особено во делот на стоматолошкиот туризам и едукацијата. Ова се важни платформи за еден стоматолошки центар од Македонија, затоа што носат поголема меѓународна видливост, зголемена доверба кај странските пациенти и дополнителен аргумент кога комуницираме со партнери од Европа и од дијаспората. Накратко, наградата не е само симболичен трофеј – таа е алатка што ни помага да го позиционираме Охрид и нашата клиника како сериозен играч на мапата на современата стоматологија.

За оние што првпат слушаат за вас, како започна приказната на стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“ и како стигнавте да бидете најголемиот стоматолошки центар во Македонија?

– Стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“ го основа мојот татко, Јован Баткоски, а вистинската приказна започна со завршувањето на мојата специјализација во 2012 година. Мојата визија и сон беа препознаени и поддржани од мојот дедо Ѓорги, кој помогна проектот да се реализира. Со текот на годините, преку континуирана работа, посветеност и професионализам, Центарот се развиваше и постепено стана еден меѓу најголемиот стоматолошки центар во Македонија, со низа успеси и меѓународни награди. Почнавме како семејна ординација со јасна идеја, да понудиме стоматологија која е технолошки напредна, но истовремено топла и човечка. Од прв ден вниманието беше насочено не само на третманот, туку и на целокупното искуство на пациентот. Со проширувањето на тимот, воведувањето нови специјалности и инвестициите во современа опрема, центарот постепено премина од мала ординација во референтен стоматолошки центар во регионот. Денес работиме како мултидисциплинарен тим, каде што секој доктор има специфична експертиза, а пациентите добиваат комплетен план на третман – од превенција, преку естетика, до комплексни имплантолошки и ортодонтски решенија. Ова континуирано градење, чекор по чекор, е клучот за нашето позиционирање.

Стоматолошкиот туризам е дејност која засебно се развива како бизнис и во последниве години бележи и раст и развој. Дали имате пациенти од странство и кои услуги тие најчесто ги користат?

– Стоматолошкиот туризам бележи значителен раст, па затоа имаме засебна канцеларија во Милано. Имаме редовни пациенти од Европа и пошироко, кои доаѓаат организирано или преку дијаспора. Најчесто користат имплантолошки и протетски третмани „Холивуд смајл“, ламинати и Invisalign третмани, а со текот на годините овој проект се развива успешно и континуирано. Честа слика е пациент кој доаѓа со јасна желба да ја подобри својата насмевка, а си заминува со комплетно променет изглед, поголема самодоверба и желба повторно да се врати, не само во клиниката, туку и во градот. Тоа е суштината на стоматолошкиот туризам што го развиваме.

Ги следите новите современи технологии и иновации во стоматологијата на светско ниво и впечаток е дека и услугите во Центарот се според светските трендови во стоматологијата. Што може да се очекува во Центарот во иднина?

– Во текот на наредната година планираме значително проширување со нов современ дел и добивање лиценца за едукативен и тренинг имплантолошки центар. Со тоа ќе бидеме единствени во Македонија каде ќе се едуцираат и тренираат млади доктори од Израел и од Виетнам – првата група ќе ни дојде во последната недела од февруари. На овој начин не само што ја подигнуваме стручноста на нашиот тим, туку и придонесуваме за развој на стоматолошкиот туризам и ширење на современи технологии во стоматологијата. Нашата амбиција е Охрид да стане препознатлива точка не само за убавина и туризам, туку и по современа стоматологија и едукација, место каде што се создаваат нови генерации на доктори.

Continue Reading

Македонија

Интервју на МИА со кардиохирургот Колев: Откажете се од пушењето итно и наеднаш, не постепено, а 30-45 минути пешачење за 50 отсто ви ја намалува опасноста да завршите на кардиохиругија

Во интервјуто со д-р Александар Колев, кардиохирург од Универзитетската клиника во Скопје, разговаравме и за проблемот што ги заплашува многу родители чии деца имаат отвор меѓу двете преткомори на срцето, а и за тоа дека 70-80 отсто од луѓето кои завршуваат со миокарден инфаркт немале некои посериозни здравствени проблеми кои ги пријавиле или ги чувствувале наназад се до тој период. Д-р Колев истакнува и дека многу анализи покажале дека 30 до 45 минути пешачење има и до 50 отсто влијание за намалување на опасноста од кардиоваскуларни болести во период од 10 години. Тој набројува и кои митови се најзастапени кај нашето население во поглед на кардиоваскуларното здравје, како што е тој дека со горен притисок од 160 единици може нормално да се живее

До 70-80 отсто од луѓето кои завршуваат со миокарден инфаркт немале некои посериозни здравствени проблеми кои ги пријавиле или ги чувствувале наназад се до тој период. Многу анализи покажале дека 30 до 45 минути пешачење има и до 50 отсто влијание за намалување на опасноста од кардиоваскуларни болести во период од 10 години. Популацијата над 40 години да прави редовни прегледи, како што се електрокардиограм, ехо на срце, лабораторија за следење на маснотии и шеќер во крв, вели во интервју за МИА, д-р Александар Колев, специјалист по кардиохирургија од Универзитетската клиника за државна кардиохирургија.

Тој посочува дека пушењето цигари е исклучително штетно за кардиоваскуларниот систем и препорачува не постепено, туку веднаш да се прекине, да се прават редовни прегледи, да се зема терапија, да се има физичка активност, поголемо движење, поголема социјализација и подолг престој во природа. 

Нагласува дека за некој брз период ќе се формира нов центар за третман на срцеви болести односно ќе се спојат Државната кардиохирургија и Универзитетската клиника за кардиологија и дека со иницијатива на Владата формирани се работни групи кои треба да овозможат поврзување во еден правен субјект. На тој начин, посочува, ќе се избегнат бирократски пречки и ќе се обединат дијагностиката, конзервативниот третман и пред оперативната подготовка на пациентите, оперативното односно хируршкото лекување, како и постоперативното лекување и натамошното следење на срцевите болни.

Тој истакнува дека на Клиниката се извршени десеттина минимално инвазивни операции каде нема класично сечење на градната коска и еден голем мутилантен рез, туку со рез кој е под пазувата од само четири сантиметри направиле неколку замени на аортна валвула, неколку операции на митрална валвула и тоа е насоката во која и натаму планираат да се развиваат.

-Извршени се меѓу 250 и 320 кардиохируршки операции. Покрај кардиохируршки операции на нашата Клиника се изведуваат и васкуларни хируршки операции, наведува д-р Колев.

Во врска со трансплантациите на срце тој вели дека е потребно малку поголема активност во делот на подигнување на свесноста и на јавноста и на медицинскиот персонал за донорството и за навременото препознавање на мозочна смрт, дијагностицирање и преземање на сите постапки понатаму за овозможување на срцеви донори.

– Охрабрувачки е на некој начин кога ќе се посетат едни поразвиени држави, поразвиени здравствени системи, односно во конкретниот случај болницата во Бордо, Франција, кога ќе видите дека нема многу разлика од тоа што ние го работиме во Македонија, во делот на оние стандардни кардиохируршки интервенции, потенцира д-р Колев. 

Во рамки на  престојот во Универзитетската болница во Бордо тој првпат имал искуство да види како изгледа роботизирана кардиохируршка операција, поконкретно пластика на една болна митрална валвула на срцето.

-За мене кардиохирургијата како дел од хирургијата е и наука, и вештина, помалку е уметност, но пред се е начин на живот. Кога избирате кариера како хирург не избирате само професија, туку избирате нешто што е животен повик. За да знаете да направите една операција на срце, еден бај пас или замена на валвула вообичаено потребно е тоа срце да го запрете да работи, пациентот да го поврзете на една машина која е вештачко срце и вештачки бели дробови кои го одржуваат во живот, на некој начин сето тоа е многу фасцинантно и да го имате во вашите раце срцето на пациентот е буквално како да го имате неговиот живот, посочува д-р Колев.

Во врска со тоа која иновација или техника во кардиохирургијата најмногу ќе го трансформира третманот на пациентите во следната деценија, посочува дека минимално инвазивните процедури кои се и сегашност во светот, но особено нивното комбинирање со роботизирани апарати и дополнително веројатно ќе има многу голем напредок и развој со развојот на вештачката интелигенција, која во поголема мерка се користи во дијагностицирањето на многу болести. Тој истакнува дека веќе се направени неколку операции кои комбинираат хируршка активност со роботизирана активност и со вештачка интелигенција.

-Минимално инвазивните процедури, комбинирањето на ендоваскуларните процедури кои се без отворена хирургија, со отворени операции, односно хибриден пристап кон третирањето на пациентите ќе биде исто нешто што ќе овозможи голем бенефит за кардиохируршките пациенти. Понатаму сигурно дека ќе има можност со развој на биотехнологии и со развој на 3Д принтање на биолошки материјали на органи, на ткива, што ќе помогне исто за третманот на пациентите со срцева слабост, нешто што звучи радикално меѓутоа се случи и веројатно многу ќе се работи на тоа и во иднина, а тоа е таканаречената ксенотрансплантација. Една проста споредба за нејзиниот ефект. Првиот трансплантиран пациент со срце од човек донор живееше 18 дена, првиот трансплантиран пациент со срце од свиња живееше два месеца. Со етичките дилеми кои постојат и веројатно ќе бидат тема, кардиохирургијата во третманот на пациентите со срцева слабост ќе се движи кон развојот на нови технологии, но и кон ксенотрансплантацијата, додава д-р Колев во интервјуто за МИА.

Целото интервју може да го прочитате на МИА.мк

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг