Connect with us

Македонија

ОЈО поведе постапка против Деспотовски и други седум лица за зоупотреба на служба

Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против 8 службени лица поради основано сомнение за сторено кривично дело ЗЛОУПОТРЕБА НА СЛУЖБЕНА ПОЛОЖБА И ОВЛАСТУВАЊЕ  по член 353 став 4 од Кривичниот законик.

Основното јавно обвинителство Скопје, постапувајќи по пријавата  оформи предмет и поведе постапка против 8 службени лица поради основано сомневање дека како соизвршители сториле кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување по член 353 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Во текот на предистражната постапка која Управата за финансиска полиција ја водеше во координација и под раководство на   надлежниот јавен обвинител, се обезбедија докази дека во временскиот период 26.01-12.07.2022 година, првиот осомничен како службено лице – директор на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони во Скопје, заедно со три службени лица задолжени за спроведување на управната контрола при Бирото за јавни набавки и уште четири лица од Државната комисија за жалби по јавни набавки, со неизвршување на нивната службена положба, му овозможиле на едно правно лице да прибави противправна имотна корист која надминува значителна вредност од 622.981.190 денари.

Првиот осомничен, по претходно донесена одлука, објавил оглас за јавна набавка за изградба на основна внатрешна инфраструктура за ТИРЗ Штип и ТИРЗ Струмица.

На објавениот оглас во предвидениот законски рок се јавиле два заинтересирани економски оператори кои доставиле понуди со предвидените критериуми. Една од компаниите понудила повисока цена, но драстично пократок рок на изведба на работите во календарски денови, врз основа на што таа била избрана за изведувач.

Трите лица од Бирото за јавни набавки – Комисијата за вршење на управна контрола, не ја извршиле својата службена должност за контрола за исполнетоста на условите од тендерската документација по однос на техничката и професионална способност за изведување на предвидените работи, како и по однос на рокот на изведба на работите како критериум за квалитет.

Тие не ги увиделе неправилностите и до Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони Скопје, доставиле записник од извршена управна контрола со дадено мислење дека договорниот орган може да продолжи со постапката за јавна набавка.

Вториот учесник во постапката поднел жалба до Државната комисија за жалби по јавни набавки, но таму претседателот и три члена го игнорирале доставениот стручен наод и мислење од вешто лице од областа на градежништвото кој бил основа за жалбените наводи, па донеле решение со кое жалбата на другиот економски оператор ја одбиле поради неоснованост. На тој начин Дирекцијата склучила договор со избраната фирма за изградба на основна внатрешна инфраструктура за ТИРЗ Штип и ТИРЗ Струмица со рок на изведба од 120 календарски дена од моментот на воведување во работа.

Два месеца по почетокот на работите, осомничениот директор потпишал анекс-договор со кој ја зголемил вредноста на основниот договор за 84.688.628 денари или 19,77% од основниот договор и дополнително го продолжил првичниот рок за изведба на работите. По три месеци тој потпишал и втор анекс-договор со кој ја зголемил вредноста на основниот договор за дополнителни 34.921.240 денари и уште еднаш го продолжил рокот за изведба на работите.

Кога фирмата не го испочитувала дадениот рок од 120 календарски дена за изведба, кој бил најважен услов за добивање на зделката, осомничениот директор не презел службени дејствија во насока на раскинување на Договорот за јавна набавка, активирање на доставените банкарски гаранции и наплата на договорна казна преку пенали за доцнењето при изведбата.

Со неизвршување на нивната службена должност, осомничените придонеле правното лице да ја добие јавната набавка врз основа на нереално низок понуден рок за изведба кој фирмата не успеала да го реализира, а со значително повисока цена од нејзиниот конкурент, па на тој начин тие за правното лице прибавиле противправна имотна корист.

Од причини што во конкретниот случај, пријавените со своите дејствија овозможиле правен субјект да се стекне со противправна имотна корист од значителна вредност, од страна на Управата за финансиска полиција, отпочната е финансиска истрага со цел утврдување на имотот со кој се стекнал правниот субјект во времето на извршување на кривичните дела, при што е утврден имот од значителна вредност и за истото до Основното јавно обвинителство Скопје доставено е известување со цел преземање на привремени мерки за обезбедување на истиот. Имајќи ги предвид известувањата од финансиските институции за моменталната финансиската состојба според кои правното лице застапувано од неговиот управител е краен корисник на противправната имотна корист прибавена со стореното кривично дело, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави барање за привремено одземање на имот и предмети заради нивно обезбедување со цел идна конфискација.

Со мерката се предлага замрзнување – хипотека на недвижен имот во Карпош и Кисела Вода, забрана за располагање со средства од четири трансакциски сметки (три на физичко и една на правно лице), како и забрана за располагање со список подвижен имот во сопственост на правното лице (две патнички, осум товарни возила, кипери и градежна опрема).

Освен ова, по предлог на јавниот обвинител, Судот му го одзеде пасошот на осомничениот кој во моментот на сторување на делото ја извршувал функцијата директор на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони Скопје.

Advertisement

Македонија

Јаневска: Загадениот воздух нема да донесе предвремен зимски распуст

Министерката за образование, Весна Јаневска, денеска увери дека учениците ќе продолжат со настава до крајот на месецов и потоа ќе заминат на редовниот зимски распуст, без предвремено распуштање поради загадениот воздух.

„Остануваат уште малку денови до распустот и во овој момент немаме информации дека здравјето на децата е загрозено“, истакна Јаневска одговарајќи на новинарско прашање при посетата на Економскиот факултет на УКИМ. Таа додаде дека отсуствувањето ден-два поради здравствени причини не е проблем, но дека мора да се избегне негативната практика од минатото, кога се скратувале учебните денови поради различни причини.

„Жалам што морам да направам груба споредба, но во некои европски земји децата одат на настава дури и кога имаат грип, се додека нивното здравје не е сериозно загрозено. Нашите ученици не се пренатрупани со учење, и доколку нема сериозен здравствен ризик, не е проблем да отсуствуваат еден-два дена. Проблем беше кога се скратуваа учебните денови заради поевтини одмори или подготовки за писмени испити. Тие негативни појави треба да ги отстрануваме“, нагласи министерката.

Јаневска потенцираше дека одлуките секогаш ќе бидат носени во интерес на здравјето на децата, а во овој момент нема сигнал дека наставата е во опасност по нивното здравје.

Continue Reading

Македонија

Советот на Битола добива дигитален пресврт: Бојкоски најавува електронско гласање

bitola

Советот на Општина Битола започна со нова, модерна практика – воведување пилот-проект за електронско гласање, кој ветува побрзи, поефикасни и по транспарентни седници од кога било досега.

Претседателот на Советот, Бојкоски, истакна дека на денешната Комисија за јавни дејности членовите имаа можност да го тестираат системот во практика. „Во периодот што следи, истиот ќе се имплементира и на останатите комисии“, соопшти Бојкоски.

Интересно, системот за електронско гласање е целосно развиен од ИТ тимот на општината, без ангажирање на надворешни фирми и без дополнителни трошоци за буџетот на Општина Битола.

„Ова е уште еден чекор кон модерна, транспарентна и одговорна локална самоуправа, во интерес на граѓаните на Битола“, додаде Бојкоски.

Според најавите, електронското гласање ќе го забрза процесот на донесување одлуки и ќе ја зголеми отчетноста на членовите на Советот. Сепак, за да се обезбеди веродостојност, ќе се потврдува и физичкото присуство на лицето задолжено за верификација.

Continue Reading

Македонија

Реконструкција на патот Стење–Коњско: Преспа добива ново лице

prespa pat

„Преспанскиот крај е едно од најубавите природни богатства на Македонија – живописен, недопрен и со пејзажи кои го оставаат човекот без здив. Но, за да може секој да ја почувствува и ужива неговата убавина, потребни се квалитетни и безбедни патишта. Токму затоа отпочнавме со санација на регионалниот пат Стење – Коњско“, истакна директорот на ЈП „Македонија пат“, Коце Трајановски.

На денешниот увид во работите присуствуваа и градоначалникот на Општина Ресен, Јован Тозиевски, пратениците Ѓоргија Сајкоски и Кире Божиновски, како и заменик директорот на „Македонија пат“, Александар Шуковски, заедно со стручните тимови.

„Во рамки на Програмата за одржување и заштита на државните патишта за 2025 година, за овој регионален пат се предвидени 30 милиони денари. Досега е извршена санација на трупот на патот во должина од 3.800 метри, со израмнување и вградување на 1.300 м³ тампонски слој, со ширина од 4,5 до 5 метри. Исто така, се асфалтираа 3.800 метри пат, со вкупно 1.980 тони асфалт – просечна ширина 3,6 метри, а во кривините проширено до 4,5 метри“, нагласи Трајановски.

Тој додаде дека оваа инвестиција не е само техничка реализација. „Подобрувањето на патната инфраструктура значи подобар пристап до Преспа, развој на туризмот и економски раст на локалните заедници. Преспа заслужува да биде достапна и безбедна за сите нас“, заклучи директорот на „Македонија пат“.

Преспанскиот крај е едно од најубавите места во… – Коце Трајановски | Facebook

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг