Connect with us

Македонија

БЕХТЕЛ И ЕНКА, КОРИДОРИТЕ, АВТОПАТОТ КИЧЕВО-ОХРИД…На што ќе се работи годинава и кои патишта ќе бидат пуштени

Патната и железничката мрежа во државава ја стартуваат новата година со најава за пуштање на експресниот пат Ранковце-Крива Паланка и делницата од експресниот пат Градско-Фариш, а во јуни и првите километри од автопатот Кичево-Охрид.

Од автопатите што ги гради „Бехтел и Енка“ годинава се планира изградба долж целата траса на делниците Тетово–Гостивар во должина од 17 километри, на исто толку километри и на Гостивар–Букојчани, а на Прилеп–Битола на 25 километри. За втората фаза од автопатот Скопје – Блаце се очекува тендерска објава за надзор и за градежни работи следниот месец.

Од железничката инфраструктура што се гради, пак, завршена е првата делница од пругата кон Бугарија и треба да биде пуштена во втората половина од месецов.

Годината што измина завршува со реализација на вкупните капитални инвестиции од над 70 проценти. Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), како носител на крупните инфраструктури проекти, согласно со последните податоци за капитални инвестиции во 2024 година, реализираше околу 200 милиони евра, од кои 55 милиони евра за коридорите 8 и 10Д.

Како што најави премиерот Христијан Мицкоски, в сабота ќе биде пуштен експресниот пат А2, односно делницата Крива Паланка–Длабочица-Страцин (Чатал) и експресниот пат Градско-клучка Дреново. 

Од ЈПДП велат дека ќе се исполни ветувањето за изградбата на експресните патишта.

–  Како што ветивме, така и ќе биде. Постојано сме на терен и вршиме увид во работите на сите проекти, но фокусирани сме на неколку експресни патишта во изградба кои наскоро ќе бидат ставени во функција.  Тоа се експресниот пат Градско-клучка Дреново кој е дел од Коридорот 10Д во должина од 15,5 километри кој во текот на јануари 2025 година е предвидено да се пушти во употреба. Како што знаете експресниот пат Градско-Фариш се гради во фази и за почеток ќе биде пуштена првата делница, а делот од Дреново до Фариш со должина од 10,2 километри исто така е во напредна фаза, меѓутоа поради потреба од изведба на дополнителни работи заради заштита на земјани косини од ерозија, како и заштита на опасни карпи на дел од патот, кои влијаат на безбедноста на сообраќајот, во моментот се разгледуваат алтернативни технички решенија (изведба на галерија, потпорен ѕид). Исто така, се прават напори во почетокот на јануари 2025 година да се пушти во употреба и експресниот пат А2 делница Крива Паланка–Длабочица Страцин (Чатал) во должина од 25 километри, доколку временските услови го дозволуваат тоа, изјави Коце Трајановски, директор на ЈПДП.

За патната мрежа во 2025 година има ветувања за нови километри автопатски делници, откако изминатата деценија во државава автопати последен пат беа пуштени во 2018 година (Демир Капија Смоквица) и во 2019 година (Миладиовци-Штип).  Најновото ветување е дека на почетокот на летото ќе бидат пуштени првите километри од автопатот Кичево-Охрид. За клучните инфраструктурни проекти имаше законски измени со кои првпат се воведе можност за зимско асфалтирање и за забрзување на активностите за експропријација, но не изостана реториката за причините за застоите и одложувањата на тековните проекти за несоодветно планирање, закочени постапки за експропријација, репроектирања, енормно зголемени трошоци,…. 

Од ЈПДП велат дека на автопатот Кичево – Охрид активно се работи долж целата автопатска делница и оти планираат пред почетокот на летото да ја пуштат во употреба делницата која е на потегот од Врбјани до Песочани во должина од 11,5 километри.

– Активно се работи на асфалтирање и десната коловозна лента е завршена. Доколку временските услови се поволни ќе се продолжи со асфалтирање и на делницата од Климештани до Мешеишта. Се асфалтира и делот од Требеништа до Охрид каде што левата коловозна лента е завршена и се прават напори пред почетокот на летото да се пушти во употреба чија што одолжина е 10,2 километри, како и напори пред летото да се пушти во употреба левата коловозна лента во должина од 7,5 километри од Песочани до Требеништа без делот во Ботун, вели за МИА директорот на ЈПДП, Коце Трајановски. 

Како што укажува, се работи на надминување на проблемот со новопојавените пет свлечишта во Ботун каде што се вршат дополнителни геотехнички истражни работи и предлог технички решенија од кои ќе произлезе и подготовка на основен проект. Вкупно проблематични се 14 косини. 

Исто така се работи и на асфалтирање и уредување на работи поврзани со осветлување на клучките. Активно се работи на надминување на проблемот со експропријација за паралелно пристапни патишта, дислокација на далековод на МЕПСО…. По изработката на основните проекти за стабилизација и примена на дополнителни мерки за заштита на косините ќе се направи финансиска анализа дали се потребни дополнителни средства, најавува Трајановски.

Автопатот Кичево – Охрид се гради веќе 10 години, а годината што измина, како и претходните, ја стартуваше со одложен рок за завршување, нови свлечишта долж трасата. Тогашниот премиер Димитар Ковачевски во предизборието, во март, изјави дека новиот собраниски состав ќе одлучи на кој начин ќе продолжи проектот, а тогашниот лидер на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и актуелен премиер Христијан Мицкоски вети конкретна реализација и завршување. 

Денеска на патниот правец А2 Кичево – Охрид, на делницата Пресека – с.Врбјани, поради изведување градежни работи на пат (минирање) сообраќајот ќе биде во прекин помеѓу 12:00 и 15:00 часот, во

По промената на власта, на првата прес-конференција новиот министер за транспорт Александар Николовски, на 26 јуни годинава го повика Обвинителството да истражи што се случувало во патната инфраструктура, прозивајќи го претходното раководство на ЈПДП за зголемувањето на вредноста на проектот Кичево-Охрид. Проценетата вредност е 589 милиони евра според Анекс бр. 3 на Договорот, што, како што нагласи, е зголемување од 170 милиони евра од првичната вредност кога почнал да се гради, која изнесуваше 411 милиони евра. 

– ЈПДП, предводено од ДУИ до денес нема дадено одговори зошто е ова зголемување, а изговор не може да биде дека законот поминал во Собрание, рече Николовски, посочувајќи дека за 10 години се потрошени 466  милиони евра за пат што почна да се гради пред 10 години. Таму, посочи, има бројни предизвици што треба да се решаваат и  јавниот обвинител треба да поведе истрага и во ЈПДП за тоа што се случува во патната инфраструктура. 

За автопатите од коридорите 8 и 10Д  годинава 130 милиони евра, завршени 3 241 од 4 031 парцела за експропријација 

За автопатите на коридорите 8 и 10 д, што ги гради Бехтел и Енка, за 2025 година во буџетот на Министерстото за транспорт се предвидени 130 милиони евра. Планирано е да се работи комплетно на целата траса Тетово–Гостивар во должина од 17 километри, на Гостивар–Букојчани на приближно 17 километри и на Прилеп–Битола на 25 километри.

Активностите за тие проекти во 2024 година уште еднаш беа официјално стартувани, иако во 2023 година и претходната  влада која е потписник на Договорот, одржа свечености и постави камен темелници. Од четирите предвидени делници (Требеништа – Струга – Ќафасан, 22 километри), „Гостивар – Букојчани 30 километри), (Тетово – Гостивар, 17 километри) и (Прилеп – Битола, 40 километри), на 28 октомври 2024 на локацијата на трасата Гостивар Букојчани при увид на активностите беше објавено дека стартуваат конкретни градежни активности, откако биле решени најголем дел од предметите за експропријација. 

 – На терен веќе се видливи работите! Но, за да стигнеме до оваа фаза кога со, условно речено „голо око“ се гледаат активностите требаше да откочиме многу процеси поврзани со изградбата на Коридорите 8 и 10д. Имено, направиме огромни напори ние како ЈПДП и институциите на РМ да отвориме што поголем фронт за работа на Бехтел и Енка на трасите и изведбата да биде во рамките на роковите предвидени со Договорот. Ги забрзавме постапките за експропријација на сите три траси.  Па така, ескпропријацијата која според договорот требаше да биде завршена пред да дојдам за директор тапкаше во место и за 12 месеци имаше експроприрано само 1117 катастарски парцели, а откако сум дојден за директор за два и пол месеци експроприравме 2432 парцели. Во моментов, пак, од вкупно 4031 парцели за експропријација завршени се 3241, а 791 се во постапка, изјави директорот на ЈПДП. 

Според него, резултатите од досегашната работа се видливи на терен со што на делницата Тетово–Гостивар е започнато да се работи на приближно три километри, на делницата Гостивар–Букојчани има активности на приближно шест километри и на делницата Прилеп–Битола се работи на шест километри. 

– На почетокот на наредната година очекуваме да се заврши со изградбата на камповите на изведувачот и очекуваме значително да се зголемат активностите на терен. За 2025 година планирано е да се работи комплетно на целата траса Тетово–Гостивар во должина од 17 км, на Гостивар–Букојчани планирани се активности на приближно 17 км и на Прилеп–Битола планирани се активности на приближно 25 км. Сето ова успеавме благодарение на заедничките напори со министерството за транспорт кое ни даде огромната поддршка и заедно ги решававме проблемите. Исто така, имавме интензивна соработка и со Бирото за проценка, Државното правобранителство, Управата за имотно правни работи, Агенцијата за катастар, Министерството за земјоделие, ЈП „Македонски шуми“. Наскоро ќе биде целосно решена експропријацијата, а паралелно со ова интензивно работиме на проектирање и расчистување на теренот, најавува Трајановски.

Кон Бехтел и Енка, досега исплатени се  261 милион евра, од кои во 2024 година 55 милиони евра. За 2025 година во Буџетот на Министерството за транспорт и врски планирани се 8.000.000.000 денари или приближно 130 милиони евра. 

Од автопатот Скопје – Блаце, проектиран во вкупна должина од 12,5 километри, првите два километри кои се градеа од мај 2020 година, се завршени но, како што велат од ЈПДП, не се пуштени заради наследени проблеми од претходно.

Трајановски вели дека кога ја презел функцијата директор на ЈПДП затекнал катастрофална состојба каде што проектите воопшто не се менаџирале и за обични административни работи се заглавувани по година, две, три.

– Таков е примерот со експресниот пат Градско–Прилеп, кој беше заглавен година и половина заради неформирање на комисии, незавршување на процедурални работи кои ние за месец дена ги завршивме. Таква е состојбата и со автопатот во изградба Скопје-Блаце. Првите два километри се готови, но не се пуштени заради наследени проблеми од претходно. Во однос на останатите 10 киломентри тука имаме состојба каде работиме според процедури пропишани од ЕБОР и продолжуваат активностите за предквалификација на градежни фирми што пријавиле интерес. Тендерската објава за надзор и за градежни работи се очекува да биде распишана во февруари 2025 година и да имаме реални понуди во текот на јуни 2025 година. Паралелно се работи на други опции и ќе можеме да ги споредиме финансиски за да имаме одлука како ќе се продолжи во текот на јуни 2025, вели Трајановски.

И за автопатот Скопје-Блаце, новиот министер за транспорт, повикувајќи се на Извештајот на Државниот завод за ревизија, во јуни упати повик до Обвинителството да ги истражи состојбите. Николоски тогаш, повикувајќи се на ревизорскиот извештај рече дека проценетата вредност на автопатот Скопје-Блаце била зголемена од 112 милиони евра на 198 милиони евра и оти километар автопат ќе чини 20 милиони евра. На собраниска седница во октомври ресорниот миистер сподели информации од техничкиот консултант „Суес“, дека трошоците за автопатот се зголемиле од 172 на 240 милиони евра, поради повеќекратни измени на проектната документација, како и дека тунелите биле проектирани спротивно на европските стандарди, што според министерот, е направено со цел проектот да го добие само една фирма.

Во годината што измина во железничката инфраструктура Владата претстави планови за изградба на брза пруга на Коридор 10 и изградба на слободни економски зони покрај пругата. Ресорниот министер Николоски во неколку наврати порача дека апсолутно е потребна првин рехабилитација и реконструкција на пругата на Коридор 10, а како што нагласи, големата визија е брза пруга, на која би се оперилало со 200 километри на час во патничкиот сообраќај и 120 во товарниот. 

Од проектот за пруга кон Бугарија на Коридорт 8 се работеше на првата делница во должина од 31 километар која веќе се завршува и треба да биде пуштена месецов. Забавени се работите на вториот дел од Куманово до Крива Паланка. И за таму исто така е повикано да постапува Обвинителството. Причина, според ресорниот министер, е изведувачот – изградени се 27,3 проценти, а рокот е октомври 2026. 

Останува неизвесноста за стартот на третата фаза од Крива Паланка до границата со Бугарија, откако македонската страна го оспори проектот и изградбата на тунелот за поврзување. Последните официјални информации се дека бугарската Влада одобрила нацрт договор за изградбата на заедничкиот тунел „Деве Баир“ и се чека да се одржи третата средба меѓу македонската и бугарската страна. 

Од кумановското село Шупљи Камен денеска почна изградбата на источниот дел од железничкиот Коридор 8, делница Куманово – Бељаковце – Крива Паланка. Компаниите изведувачи се на терен, а надлеж

За третиот дел од пругата кон Бугарија, македонската и  бугарската страна лани одржаа две средби, една во Брисел на 16 октомври кога се согласија  да одржуваат редовен дијалог на високо ниво и да формираат заедничка работна група за Коридорот 8 и една во Софија на 31 октомври по која македонската страна објави дека се прифатени нејзините аргументи – да има заеднички проект за да не се гради тунел кој не води никаде, Бугарија да го заврши својот дел од пругата и да се ревидира цената и на самиот проект.

Во повик за планираната трета средба во Скопје, Николоски рече дека бугарската страна треба да собере храброст да се затвори ова прашање. – Нашите аргумети се јасни и тие стојат – мора да се направи ревизија на цената, бидејќи е невозможно 560 милиони евра да чини изградба на пруга сосе електрификација. Мора да има заедничко проектирање на потенцијалниот тунел што треба да ги спојува двете држави и да си го завршат нивниот дел од работата, односно да се спојат до граница, рече Николоски, во Собранието на 29 ноември. 

Бугарската Влада на 30-ти минатиот месец го одобри Нацрт-договорот со Северна Македонија за изградба и работа на прекуграничниот железнички тунел „Деве Баир“ и најави дека ќе се формира мешовит комитет и ќе се разговара со македонската страна за текстот на договорот. 

Како што соопшти прес-службата на Советот на министри, целта е да се направат јасни обврски и рокови за изградба на железничката врска меѓу Бугарија и Северна Македонија.

– Министерството за транспорт и врски како страна на договорот предлага двете страни да преземат реални активности за реализација на објектот на железничкиот тунел, кој е железничка врска меѓу двете соседни земји. Изградбата на стратешкиот транспортен Коридор VIII е предуслов за комерцијална и индустриска размена, како на билатерална основа меѓу Бугарија и Република Северна Македонија, така и за земјите од регионот, стои во соопштението.

Договорот предвидува формирање Мешовит комитет кој ќе ги координира сите активности поврзани со изградбата и работењето на тунелот Деве Баир, а Министерството за транспорт и врски ќе разговара со  Северна Македонија за текстот на договорот.

Во новата година се очекуваат и активности за реструктуирање на железничките претпријатија „Инфраструктура“ и „Транспорт“, каде спорeд влaста е обезбедена редова исплата на плати и позитивни резултати во втората половина од годината, а се прават напори за средување на наследената состојба во патничкиот и во товарниот сообраќај.

Тешката финансиска состојба во МЖ Транспорт, каде новата власт, според тврдењата, наследила долгови од 90 милиони евра беше причина во септември да се изгласаат законски измени со кои се укина обврската на државава за либерализација на железничкиот сообраќај со која требаше да се овозможи влез на повеќе оператори на пругите.

– Во координација со ЕК во рамки на Планот за раст се договоривме да се тргне обврската на Македонија за либерализацијата на железничкиот сообраќај, затоа што кога би се реализирала ова претпријатие  кое и онака е во тешка финансиска ситуациа целосно ќе колабира, рече Николоски на собраниска седница. 

Поради неповолната состојба со возниот парк, МЖ Транспорт на 25 септември закупи четири електро локомотиви од АД за  железнички транспорт на стоки „Србија Карго“. Тоа беше направено за да се овозможи нормален товарен сообраќај, додека не се вратат домашните локомотиви во сообраќај, пред се од кинеските кои се релативно нови и силни, меѓутоа кои чекаа подолг период на замена на нови тркала.

Утрово, околу 6 часот и 40 минути, товарен воз што сообраќал на релација Гевгелија-Трубарево, меѓу станиците Миравци и Клисура се излигал од шините откако претходно удрил во одрон од камења. 

– Првата од кинеските електро локомотиви е веќе вратена во сообраќај, со пар дизел локомотиви. Во патничкиот сообраќај, од шесте патнички гарнитури – четири се вратени во сообраќај и петтата ќе биде набргу вратена во сообраќај, информираше во изјава за МИА на почетокот на декември Дејан Кошутиќ, директор на МЖ Транспорт.

Со потпишаниот договор на МЖ Транспорт и Србија Карго, како што беше објавено, протокот на стоки од грчките пристаништа, како Солун и Пиреја, преку Северна Македонија и Србија ќе стане побрз и поефикасен, со што ќе се овозможи подобар транзит кон Европската унија. 

Во третиот квартал годинава во државава со воз биле превезени 59 000 патници, а превезената стока бележи пад од 9,3 проценти. Во вториот квартал  69 000 патници, со пад од 20,9 проценти во железничкиот превоз, а во првиот квартал 42 илјади патници, со зголемување од 6,2 проценти на количеството превезена стока. 

Advertisement

Македонија

Внимавајте: Еве кои возачи ќе останат трајно без своите автомобили

Трајно и задолжително одземање на возилата за најтешките сообраќајни прекршители предвидуваат измените и дополнувањата на Кривичниот законик, кои група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ ги поднесоа во Собранието. Со законските измени се воведуваат значително построги санкции за возачи кои управуваат пребрзо, под дејство на алкохол или дроги, особено доколку станува збор за лица кои и претходно биле осудувани за кривични дела против безбедноста во сообраќајот.

Според предлогот, возилото задолжително ќе се одзема ако сторителот управувал со брзина поголема за најмалку 70 километри на час во населено место или 90 километри на час надвор од населено место, под услов возачот и претходно да бил осудуван за исто или слично кривично дело. Задолжително одземање се предвидува и доколку возилото е во сопственост на сторителот, а тој во моментот на делото немал право да управува со моторно возило.

Ако прекршокот е сторен со туѓо возило, истото ќе се одземе само доколку сопственикот знаел или бил должен да знае дека лицето кое управува нема право да вози.

Новина во законските решенија е и задолжителната забрана за управување со моторно возило, која ќе се изрекува во траење од шест месеци до 10 години. Дополнително, судот ќе може да изрече и престанок на важењето на возачката дозвола од определена категорија во период од една до 10 години, за време на кој сторителот нема да може повторно да стекне дозвола од истата категорија. Досега, ваквата забрана беше ограничена на максимум пет години.

Измените предвидуваат и затворска казна од три месеци до три години или парична казна за секој што ќе го загрози јавниот сообраќај со безобѕирно управување, односно возење со концентрација на алкохол над 1,5 промили, под дејство на дроги или психотропни супстанции, возење во спротивна насока, опасно претекнување, како и значително пречекорување на дозволената брзина. Со иста казна ќе се санкционираат и организаторите и учесниците во нелегални улични трки, како и лицата кои управуваат возило без положен возачки испит или без важечка возачка дозвола.

Во образложението на предлог-законот се наведува дека измените се резултат на сериозните предизвици со кои државата се соочува последните години во делот на сообраќајната безбедност, а како аргумент се наведуваат и компаративни искуства од Словенија и Австрија.

Предлагачите потенцираат дека законските измени се дел од поширок пакет мерки поврзани со проектот „Сејф сити“, чија цел е драстично намалување на тешките сообраќајни прекршоци и зголемување на безбедноста на патиштата.

Continue Reading

Македонија

По заминувањето на Коцевски, Советот на јавни обвинители ќе постави вршител на должност

Советот на јавни обвинители на седницата закажана во 11 часот денес, треба да именува вршител на должноста државен јавен обвинител, откако актуелниот обвинител Љупчо Коцевски пред два дена поднесе неотповиклива оставка. Назначувањето ќе се врши согласно член 25, став 3 од Законот за јавно обвинителство.

Оставката на Коцевски беше соопштена на прес-конференција, непосредно пред почетокот на собраниската седница на која, по предлог на Владата, требаше да се отвори расправа за негово разрешување. Со тој потег, тој практично ја пресече постапката што ја иницираше извршната власт.

Коцевски оцени дека станува збор за опасен преседан со долгорочни последици врз институционалниот поредок и уште еднаш потенцираше дека обидот за негово разрешување е мотивиран исклучиво од политички причини.

„Од самиот почеток тврдев дека евентуалната постапка за мое разрешување е политичка одлука. Токму затоа денеска поднесов неотповиклива оставка“, изјави Коцевски на прес-конференцијата.

Од друга страна, Владата го оправда предлогот за негово разрешување со наводи дека Коцевски направил сериозни професионални пропусти и дека со своето работење го нарушил угледот на Јавното обвинителство.

Continue Reading

Македонија

Лидерот на СДСМ во Битола си поднесе оставка

 Претседателсот на Општинската организација на СДСМ во Битола, Методија Куновски, поднесе оставка само еден ден по изборот на Драган Крајовски во Извршниот одбор на партијата, како дел од новиот тим на лидерот Венко Филипче. Оваа изненадувачка одлука го отвора прашањето за внатрепартиските промени и новите динамики во битолската организација.

Куновски, кој ја презеде функцијата на чело на битолската организација во ноември минатата година, објави дека оставката ја доставил лично до претседателот Филипче. На последните локални избори во Битола, тој беше кандидат за градоначалник, предизвик кој, според него, никој друг не сакаше да го прифати поради извесната загуба на СДСМ.

„Одлуката ја донесов по темелна и одговорна лична и политичка проценка. Како претседател се соочував со сериозна дилема помеѓу обврската кон организацијата и впечатокот дека принципите што ги застапуваме јавно сè потешко се применуваат во пракса. Социјалдемократијата во која верувам не е декларација, туку вредносен систем што мора да се живее секојдневно – низ транспарентност, вклученост и политичка одговорност“, напиша Куновски на Фејсбук.

Поранешниот новинар, а денес вработен во прес-службата на РЕК „Битола“, потенцира дека функцијата ја прифатил со искрена намера да ја зајакне организацијата, да ја отвори кон членството и да ја врати довербата кај граѓаните. Но, како што истакнува, во изминатиот период сè појасно се појавиле практики кои не се во согласност ниту со неговите лични принципи, ниту со вредностите на социјалдемократијата.

„Не можам и не сакам да носам функција без суштинска можност за влијание, ниту да бидам формално присутен во процеси со кои суштински не се согласувам. Политичката и моралната одговорност налагаат јасен став и чесен чекор кон членството и граѓаните на Битола“, додава Куновски, благодарејќи им на членовите за поддршката.

Оставката на Куновски следува по одлуката на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, да го врати Драган Крајовски во Извршниот одбор. Крајовски, кој претходно беше претседател на битолската општинска организација, го заменува Методија Илиевски, разрешен потпретседател и член на ИО.

Крајовски има богата партиска биографија – по професија е правник и адвокат, поранешен директор на затворот „Црн Мост“ во Битола, лидер на младината на СДСМ во градот и член на Централниот одбор на партијата. Битолчани го гледаат како „големо враќање“ во партијата, а тој важеше и за близок соработник на поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски.

Со оваа динамична промена на лидерската позиција, СДСМ во Битола влегува во нова етапа, а политичките движења во градот ветуваат уште повеќе интересни пресврти.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг