Македонија
Реакција на претседателката Сиљановска – Давкова за предлогот од бугарскиот политичар Костадинов
„Ова е непристоен предлог. Намерата не е чесна, намерата не е заради почит. Обратно. Намерата вака да се искаже еднострано, всушност значи непочитување, значи непризнавање. Тогаш мојот коментар е дека фрустрации се во прашање“, изјави вечерва претседателката Гордана Сиљановска Давкова во интервју за емисијата „За или против“ на Алфа ТВ, коментирајќи ја изјавата на лидерот на бугарската партија „Преродба“, Костадин Костадинов, за припојување на Македонија и на украинската област Јужна Бесарабија кон Бугарија.
-Непристоен предлог е бидејќи во историјата имало моменти кога и такви предлози биле во оптег и се разбира дека тие не биле добредојдени. За да предлагате вие балкански федерации и слични модели треба да негувате и да манифестирате почит кон соседите, елементарна почит. Тоа значи да го признавате другиот, да ја признавате посебноста, да го третирате како рамноправен. Впрочем тоа е суштината на Договорот за ЕУ, на Лисабонскиот договор, во преамбулите е суштината. Во преамбулата на Договорот за пријателство и добрососедство меѓу Македонија и Бугарија – тоа го пишува, дека Бугарија како членка на Европската унија ќе и помага на Македонија на патот кон ЕУ. Значи ова е непристоен предлог, изјави Сиљановска Давкова во интервју за емисијата „Се или против“ на ТВ Алфа.
Во однос на тоа какви се сигналите од Софија и комуникацијата меѓу неа и претставници на Софија, шефицата на државата вели дека дијалозите меѓу нив се пристојни, одмерени но и со резерва, a дека меѓу граѓаните нема проблеми.
-Нашите дијалози се пристојни, нашите дијалози се одмерени, нашите дијалози признавам се со резерва ама она што го велите вие јас отворено го препознавам кај бугарскиот народ, кај бугарски интелектуалци и бугарски љубители на музиката и операта, кај уметниците Бугари, Грци… Препознавам апсолутно меѓу нас нема проблеми кога е во прашање ваквата комуникација, ама ние забораваме дека не сме кралеви и кралици и дека не се претставуваме себе или својот род, туку дека ги претставуваме граѓаните и логично е ние да постапуваме во духот на она што го посакуваат македонските граѓани и бугарските граѓани, грчките граѓани итн. Тоа сум го видела, сум видела многу пријатели. Граѓаните може да речат ајде да си најдеме други политичари, други претседатели, ама не можеме ние да речеме најдете си друг народ, рече Сиљановска Давкова.
Лидерот на ултаранационалистичката и крајнодесничарска бугарска партија „Преродба“, Костадин Костадинов, денеска ја повика владата во Софија официјално да објави претензии за припојување на Македонија и на украинската област Јужна Бесарабија кон Бугарија. Во објава на социјалната мрежа Фејсбук, Костадинов ги поддржува изјавите на новозибраниот претседател на САД Доналд Трамп за Канада и Панамскиот Канал и наведува дека е потребно и Софија јавно да излезе со барање за припојување на Македонија и Јужна Бесарабија кон Бугарија.
Македонија
Вечерва половина Македонија слави Свети Никола, а половина оди на слава
Свети Никола е голем македонски празник, а како слава го има речиси секое второ православно семејство. Трпезата е посна, а Свети Никола меѓу другото, се смета за заштитник на морињата.
Во Македонија и во светот има безброј цркви, манастири, икони и фрески посветени на овој светец. Овој светец имал многу возбудлива животна приказна, која со векови ги фасцинира христијаните.
Овој славен светител, когошто и денес го слават по сиот свет, им беше единец син на своите богати и угледни родители, Теофан и Нона, жители на градот Патара во Ликија.
Бидејќи им беше син единец даруван од Бога, тие Му го посветија на Бога, принесувајќи Му така дар. Знаењето за духовниот живот Николај го стекна преку својот чичко Николај, епископот Патарски, и се замонаши во манастирот „Новиот Сион“, основан од тој негов чичко.
По смртта на родителите Николај им го раздаде наследениот имот на сиромасите и ништо не задржа за себе.
Додека беше свештеник во Патара тој многу се прочу со делата на својата милостина, иако ги криеше грижливо, за да го исполни зборот Господов: „Да не знае твојата лева рака што прави твојата десна рака“ (Матеј 6, 3).
Кога се предаде на самотност и на безмолвие, мислејќи така да проживее до смртта, му дојде глас одозгора: „Појди на подвиг меѓу народот, ако сакаш да бидеш од Мене овенчан.“ Веднаш потоа според чудесната Божја Промисла беше избран за епископ на градот Мир во Ликија. Милостив, мудар, бестрашен, Николај му беше вистински добар пастир на своето стадо.
За време на гонењето на христијаните под Диоклецијан и Максимијан го фрлија во затвор, а тој и во затворот ги поучуваше луѓето на законот Божји. Присуствуваше на Првиот Вселенски Собор во Никеја и од голема ревност за вистината го удри еретикот Ариј. За ова дело го отстранија од Соборот и од архијерејската служба, сè додека на неколкумина од првите архиереи на Соборот не им се јавија Самиот Господ Христос и Пресвета Богородица и не го објавија своето благоволение кон Николај.
Чувар на Божествената вистина, овој чудесен Божји светител беше и одважен заштитник на правдата меѓу луѓето. На двапати спаси по тројца луѓе од незаслужена смртна казна. Милостив, вистинољубив и праведен, одеше меѓу луѓето небаре Ангел Божји. Уште за време на животот луѓето го сметаа за светител и го повикуваа на помош во маки и неволји и им се јавуваше во сон и на јаве на тие што го повикуваа, еднакво лесно дали се блиску или далеку, и им помагаше.
Од неговото лице блескаше светлина како од лицето Мојсеево, па и со самата своја појава им носеше на луѓето утеха, мир и добра волја. На старост, кратко боледуваше и се упокои во Господа, многустрадален и многуплоден, за вечно да се весели во Небесното Царство продолжувајќи да чудотвори на земјата, помагајќи им на верните и прославувајќи Го својот Бог. Се упокои на 6 декември 343 година.
За Свети Никола строго е забрането да се работи, да се шие, мие, пере, пегла, чисти, како и да се јаде мрсна храна бидејќи празникот е посен. Постои верување дека на тој ден никој не треба да го потсетувате на долг, ниту додатно да му ја отежнувате положбата затоа што е должник.
Треба да се носат подароци за оние кои го слават Свети Никола. Меѓутоа и оние кои го слават празникот по некои обичаи на некои места во земјава своите гости не треба да ги пуштат со празни раце, туку мора да им дадат дарови пред да си одат дома.
Инаку, интересно е што празникот Свети Никола, кој на 19 Декември го слават православните христијани во Македонија, заедно со Свети Димитрија (Митровден) и Пресвета Богородица, се трите најмасовни домашни слави што се прославуваат во Македонија.
Македонија
Строги казни за најопасните возачи – Возило ќе се одзема за брзини над 70 км/ч во населено место
Група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ поднесоа предлог-измени и дополнувања на Кривичниот законик со цел построго санкционирање на најтешките сообраќајни прекршоци, вклучувајќи задолжително одземање на возилото на најопасните возачи.
Според предложените законски решенија, возилото ќе се одзема доколку возачот управувал со брзина поголема за најмалку 70 километри на час во населено место или 90 километри на час надвор од населено место, и тоа само за лица кои претходно биле осудувани за кривични дела против безбедноста во сообраќајот. Одземањето ќе се применува и кога возачот управува сопствено возило без право на управување.
Во случај на користење туѓо возило, одземањето ќе биде возможно само доколку се утврди дека сопственикот знаел или требало да знае дека лицето нема право да управува.
Новина во предложените измени е и проширување на санкциите за забрана за управување со моторно возило. Судот ќе може да изрече забрана од шест месеци до 10 години, како и престанок на важењето на возачката дозвола за одредена категорија од една до 10 години. Досегашното ограничување беше најмногу пет години.
Со измените се предвидува и затворска казна од три месеци до три години или парична казна за лица кои со безобѕирно управување го загрозуваат јавниот сообраќај. Под ова спаѓаат возење со алкохол над 1,5 промили, управување под дејство на дрога, возење во спротивна насока, опасно претекнување и екстремно пречекорување на брзината. Исти казни ќе важат и за организаторите и учесниците во нелегални улични трки, како и за лица без положен возачки испит или без важечка дозвола.
Во образложението на предлог-законот се наведува дека измените се одговор на зголемениот број тешки сообраќајни несреќи и жртви, а како примери се наведуваат решенија од Словенија и Австрија.
Од ВМРО-ДПМНЕ истакнуваат дека измените се дел од проектот „Сејф сити“, чија цел е зголемување на контрола во сообраќајот, санкционирање на најопасните возачи и подобрување на безбедноста на патиштата.
Македонија
Со „СМАРТ/МК 2030“, Мицкоски најавува дигитална и транспарентна Македонија
Премиерот Христијан Мицкоски денеска официјално ја промовираше Националната стратегија за развој на информатичко-комуникациските технологии – СМАРТ/МК 2030, нагласувајќи дека документот претставува суштински одговор на реалните општествени предизвици. Според него, стратегијата е јасна и амбициозна патоказна рамка што треба да ја насочи државата кон темелна дигитална трансформација и изградба на современо, технолошки напредно општество.
„Ова не е само уште еден документ. Денес ја демонстрираме нашата политичка волја и решителност да изградиме држава што е ефикасна, транспарентна и во служба на граѓаните“, изјави Мицкоски, нагласувајќи дека дигитализацијата е темел на современото владеење.
Премиерот потенцираше дека дигиталната трансформација не се сведува само на воведување нови технологии, туку подразбира длабока промена во начинот на кој функционираат институциите и како тие комуницираат со граѓаните и бизнис-заедницата.
„Тоа значи побрзи и поедноставни услуги, значително помалку бирократија, поголема отчетност и активно учество на граѓаните во креирањето јавни политики“, порача тој.
Според Мицкоски, Владата ја поставила дигитализацијата меѓу своите врвни приоритети, бидејќи таа е клучна алатка за зајакнување на владеењето на правото и за ефикасна борба против корупцијата.
„Дигиталните процеси оставаат јасна трага. Кога системите се поврзани, нема простор за злоупотреби, селективност или привилегии – одговорноста станува недвосмислена“, истакна премиерот.
Тој додаде дека стратегијата СМАРТ/МК 2030 е целосно усогласена со Националната развојна стратегија 2024–2044 и со европските дигитални политики и стандарди, опфаќајќи клучни области како електронски комуникации, дигитализација на јавните регистри, користење облак-услуги и електронска идентификација.
„Нема силна економија без развиени дигитални вештини, нема модерно општество без дигитално писмени граѓани и нема конкурентна држава без иновативен и моќен ИКТ-сектор“, нагласи Мицкоски.
На крајот од своето обраќање, Мицкоски истакна дека стратегијата не припаѓа на една влада или институција, туку претставува заедничка обврска на државните органи, приватниот сектор, академската заедница и граѓанското општество.
„Ова е наш заеднички пат кон паметна, дигитална и правична Македонија до 2030 година“, заклучи премиерот.
Трендинг
-
Црна Хроника6 days agoХорор на патот Охрид–Струга: Возач двапати тргнал кон полицајци и успеал да избега
-
Црна Хроника6 days agoДрама на автопатот Тетово – Гостивар: Ги пресретнале со ротација им го пресекле патот, па ги истепале
-
Црна Хроника3 days agoКривична пријава за командир и полицајци – МВР со детали
-
Црна Хроника6 days agoКривични пријави против полицајци од Штип – МВР со детали
-
Република4 days agoУтре дел од Тетово и три тетовски села без електрична енергија
-
Црна Хроника4 days agoХорор во Тетовско: Физички нападнати полицајци
-
Македонија3 days agoСреќни вести за пензионерите: Еве кои ќе добијат 6.000 денари за празниците
-
Црна Хроника2 days agoПолициска акција во Штип: Лишени од слобода неколку полицајци















