Connect with us

Македонија

УЧК Фејсбук офанзивата на ДУИ заврши со бришење на воинствените видеа

По вчерашната УЧК Фејсбук офанзива, ДУИ денеска, со војнички речник кажано, се повлече на резервна позиција. Воинственото видео со стари снимки од 2001 година од партискиот лидер Али Ахмети во униформа на УЧК, кое членови и функционери на ДУИ вчера масовно го споделуваа на социјалните мрежи, денеска е избришано.

На видеото се слушаат воинствени песни за ОНА и за командантот Ахмети, како и негово обраќање во кое порачува дека никогаш не изгубил војна.

Во ДУИ уште вчера се оградија дека тие како партија не стојат зад видеото, туку оти спонтано се споделува од партиски активисти. Како што спонтано се споделуваше, така и спонтано исчезнаа.

И објавувањето и бришењето на видеото, коинцидира со новата извршна наредба на американскиот претседател Џо Бајден, која ги проширува условите за санкционирање на лица и членови на нивните семејства кои ја загрозуваат стабилноста на Западен Балкан.

Според наредбата, која е дополнување на таа од 2021, под американски санкции ќе се најдат тие кои ја загрозуваат безбедноста и мирот на регионот, како и оние кои работат против клучни договори како Преспанскиот и Охридскиот договор.

Пратеничката Рина Ајдари од ДУИ вели дека видеото не е никаква провокација, туку дел од биографијата на Ахмети.

„Нема потреба од прашањето зошто баш сега. Тоа што треба да се знае и да се зборува јавно е дека тоа е реалност, тоа е биографијата на нашиот лидер Али Ахмети. Тоа не може да се оспори“, изјави Ајдари.

Министерот за внатрешни работи, пак, смета дека видеото е само обид за дефокусирање.

„Кога некој е кабает, и тоа голем кабает, нормално дека ќе пробува да дефокусира, да измислува теми коишто не се тема, да наметнува прашања коишто се затворени многу одамна во нашата Македонија. Така што ова само би оценил како еден неуспешен обид за дефокусирање на јавноста од она што е реалност, а реалност е дека заврши времето на како досега кога секој еден којшто се огрешил ќе треба да се соочи со правдата“, изјави министерот Панче Тошковски.

СДСМ обвини дека се работи за намерни етнички провокации, кои се дел од стратегијата и на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ.

„Реториката за постојаното подгревање на етнички тензии како алатка за политичко делување се неприфатливи и опасни за земјата. Таквите политики и филмови со воени униформи се несоодветни провокации за кои нема место во нашето мултиетничко општество“, изјави портпаролката на СДСМ,Богданка Кузеска.

Лидерот на СДСМ Венко Филипче, во интервју за Независен обвини за очигледна неформална соработка меѓу нивниот доскорешен коалиционен партнер ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, и се дистанцира од, како што вели, „коруптивната стигма“ на интегративците. СДСМ никогаш повеќе нема да дозволи да биде ставен во истата рамка или да биде подреден на било која партија, особено не на ДУИ, вели Филипче и најавува дека ќе соработуваат со албански партии кои ги споделуваат нивните заложби.

Извор: Телма.мк

Advertisement

Македонија

Со „СМАРТ/МК 2030“, Мицкоски најавува дигитална и транспарентна Македонија

Премиерот Христијан Мицкоски денеска официјално ја промовираше Националната стратегија за развој на информатичко-комуникациските технологии – СМАРТ/МК 2030, нагласувајќи дека документот претставува суштински одговор на реалните општествени предизвици. Според него, стратегијата е јасна и амбициозна патоказна рамка што треба да ја насочи државата кон темелна дигитална трансформација и изградба на современо, технолошки напредно општество.

„Ова не е само уште еден документ. Денес ја демонстрираме нашата политичка волја и решителност да изградиме држава што е ефикасна, транспарентна и во служба на граѓаните“, изјави Мицкоски, нагласувајќи дека дигитализацијата е темел на современото владеење.

Премиерот потенцираше дека дигиталната трансформација не се сведува само на воведување нови технологии, туку подразбира длабока промена во начинот на кој функционираат институциите и како тие комуницираат со граѓаните и бизнис-заедницата.

„Тоа значи побрзи и поедноставни услуги, значително помалку бирократија, поголема отчетност и активно учество на граѓаните во креирањето јавни политики“, порача тој.

Според Мицкоски, Владата ја поставила дигитализацијата меѓу своите врвни приоритети, бидејќи таа е клучна алатка за зајакнување на владеењето на правото и за ефикасна борба против корупцијата.

„Дигиталните процеси оставаат јасна трага. Кога системите се поврзани, нема простор за злоупотреби, селективност или привилегии – одговорноста станува недвосмислена“, истакна премиерот.

Тој додаде дека стратегијата СМАРТ/МК 2030 е целосно усогласена со Националната развојна стратегија 2024–2044 и со европските дигитални политики и стандарди, опфаќајќи клучни области како електронски комуникации, дигитализација на јавните регистри, користење облак-услуги и електронска идентификација.

„Нема силна економија без развиени дигитални вештини, нема модерно општество без дигитално писмени граѓани и нема конкурентна држава без иновативен и моќен ИКТ-сектор“, нагласи Мицкоски.

На крајот од своето обраќање, Мицкоски истакна дека стратегијата не припаѓа на една влада или институција, туку претставува заедничка обврска на државните органи, приватниот сектор, академската заедница и граѓанското општество.

„Ова е наш заеднички пат кон паметна, дигитална и правична Македонија до 2030 година“, заклучи премиерот.

Continue Reading

Македонија

Безбедноста на новогодишните пакетчиња проверена – резултатите во АХВ охрабрувачки

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спроведе вонредни инспекции на детските новогодишни пакетчиња и откри само минимални неправилности. Вкупно беа извршени 262 контроли во магацини за пакување, маркети и продавници кои нудат овој вид производи.

Проблеми беа утврдени кај неколку оператори поради несовпаѓање на роковите на збирните декларации со роковите на поединечните производи, како и некомплетни декларации. Во такви случаи, инспекциските служби издале четири решенија за повлекување на пакетчињата од промет, додека двајца оператори добиле решенија за поставување на исправни збирни декларации на производите.

Според АХВ, ситуацијата годинава е значително подобрена во споредба со лани, кога инспекциите открија несоодветно означување на пакетчињата, производи со поминат рок на употреба и краток рок на трајност, како и производи со променети органолептички својства. Оваа година, пак, недоследностите се сведени на минимални и не претставуваат ризик за здравјето на децата.

Агенцијата најавува дека контролите ќе продолжат и во наредниот период, особено пред и по новогодишните празници, со цел да се обезбеди безбедноста на детските пакетчиња.

Continue Reading

Македонија

Магла и блокади: Сообраќајот на регионалниот пат Берово–Струмица целосно запрен поради најавен собир

АМСМ известува дека поради појава на магла, видливоста на патните правци Неготино – Градско и Неготино – Демир Капија е намалена на само 50 до 60 метри. Возачите се предупредуваат да возат со зголемено внимание и да ги прилагодат брзината на условите на патот.

Жителите на село Двориште најавија јавен собир на регионалниот пат П-1302 (Берово – Струмица), на местото познато како „Студенец“, утре, на 19.12.2025 година во 10.00 часот. Се очекува патот да биде целосно блокиран, па возачите кои патуваат по правецот Струмица – Берово се советуваат да користат алтернативни патни правци.

На државните патишта се вози непречено, со релативно посуви коловози. Интензитетот на сообраќај надвор од градските средини е умерен. На граничните премини нема подолги задржувања за влез и излез од државата, што овозможува непречено движење за патниците.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг