ВРЕМЕ Е ДА ИМ СЕ ОДМАЗДИМЕ НА „ЛАЛИЊАТА“ Македонија подготвена за нова сензација, овојпат против Холандија

Македонската ракометна репрезентација вечерва од 18 часот во Вараждин се подготвува за нова битка на Светското првенство 2025. По храбриот и инспиративен натпревар против силната Унгарија, нашите ракометари се подготвени да се соочат со уште еден предизвик – брзата и незгодна селекција на Холандија.

Ова е моментот кога Македонија докажува дека со силна волја, тимски дух и неверојатната поддршка од навивачите, сè е возможно. Арената во Вараждин се очекува да биде исполнета со македонски знамиња и срца кои чукаат како едно, давајќи им дополнителна сила на нашите ракометари да се борат до последен здив.

Против Холандија, одбраната ќе биде нашето најсилно оружје. Чуварите на нашата мрежа и борците на теренот, предводени од селекторот Кире Лазаров, ќе треба да ја неутрализираат организираната холандска игра и особено бекот на ПСЖ, Лук Стајнс. Агресивната, цврста и подвижна одбрана од натпреварот против Унгарија е формулата за успех.

Во првиот меч од групата Д пред два дена Холандија лесно и убедливо со 40-23 го декласираше дебитантот Гвинеја.

Овој натпревар не е само уште една шанса за добар резултат, туку и можност за реванш од Светското првенство во 2023 година во Краков, кога Холандија извојува убедлива победа, каде бевме целосно надиграни и заслужено загубивме со убедливи 24-34. Тоа ќе биде мотив повеќе за нашите ракометари, од кои голем дел настапија на тој меч во Полска, целосно да им се реваншираат на „лалињата“.

– Во Краков беше една друга репрезентација, многу од овие играчи што се тука, тогаш беа на своите почетоци, сега сме поискусна репрезентација. Го паметиме тој дуел и поразот, но верувам дека денешниот меч ќе биде сосема поинаков. Ќе решаваат нијанси, тој што ќе направи помалку грешки ќе го добие мечот – вели Жарко Пешевски во пресрет на денешната пресметка.

Голманот Барт Равенсберген бранеше само во првото полувреме против Гвинеја, но искусниот чувар на мрежата е свесен дека неговата селекција денеска (18 часот) против Македонија ќе има далеку потешка задача.

– Добро беше што отворивме така лесно и рутински. Секогаш е незгодно на првите средби, особено против селекции кои се дебитанти на големи натпреварувања, но ние почнавме фуриозно од почетокот, создадовме добра предност и тоа ни овозможи полесно да го финишираме мечот. Знаеме дека нема да биде лесно против Македонија и едно е сигурно – многу ја почитуваме вашата репрезентација и сигурно нема да ја потцениме. Пред две години бевме изненадени колку лесно победивме во Краков, но знаеме дека тоа нема да биде случај овде во Вараждин – ни изјави Равенсберген.

Најсилниот адут на Македонија отсекогаш била неверојатната поддршка од трибините. Македонската фаланга, која веќе ја исполни арената во Вараждин, е мотивот што го крева нашиот тим до нови височини.