Срцето на 22-годишната амбициозна и креативна модна дизајнерка од Неготино, Фросина Кулакова синоќа престана да чука. Фросина на 15 минути пред полноќ прописно се движела по булеварот Партизански одреди, каде во близина на пекарата Силбо била прегазена од автомомобил кој се движел со над 130 километри на час. Автомобилот, без возачка дозвола, го управувал 20 годишниот Васил Јованов од Скопје кој е добро познат на органите на прогонот. Радио Лидер открива детали од истрагата, но и детали за тоа кој е Васил Јованов и каква е улогата на скопската јавно обвинителство, кое со години го штити? Не, ова не е ужасна несреќа! Ова е убиство овозможено од обвинителството!
Помеѓу неговата генерација во Карпош од каде што потекнува, 20 – годишниот Васил Јованов алиас Васо е познат како бесно и богато момче. Од неговите родители за својот 18 – ти роденден добил автомобил Пежо 207 кој веднаш почнал да го управува иако немал положено за возачка дозвола. За возачка дозвола никогаш не положил, ама затоа уште веднаш почнал да предизвикува невољи по скопските улици, невољи кои траат во последните две години и кои кулминираа со синоќешната прерана смрт на неготинчанката Фросина Кулакова.
Во 2023 година, скоро откако го добил автомобилот кој се води на име на неговиот татко, Васил предизвикал сообраќајка која резултирала со тешки телесни повреди на учесниците, дознава Радио Лидер од извори во МВР. Бил виновен за сообраќајката, немал возачка дозвола, добил и кривична пријава од МВР за серијата на кривични дела, но пријавата била одбиена од страна на Основното јавно обвинителство Скопје. Зошто? До овој момент немаме одговор. По вчерашниот настан на Гаврил Бубевски и на скопското обвинителство ќе им биде многу тешко да одговорат како ваков престапник со години оставиле на улица.
Ослободувањето од кривичен прогон го охрабрило младиот Васо да продолжи да вози брзо и бесно. Евиденцијата покажува дека во изминатите две години тој има добиено над 10 прекршочни пријави од сообраќајната полиција за управување без возачка дозвола, брзо возење и кршење на сообраќајни правила. Сепак, никој не му го одземал автомобилот, кој по секоја пријава тој и понатаму си го управувал уште побрзо и уште побесно.
Кривична пријава за недозволена трговија со дрога – притвор – излегување на слобода
Во неколку наврати во изминатите години од полицијата Васил Јованов Васо бил апсен со помала количина на дрога, но, затоа што количината била мала тој излегувал од полиција со образложение дека е зависник кој ја користи за сопствена употреба. Работите се смениле во Март 2024 година, кога по полициската рација во неговиот дом биле пронајдени над 80 паковки со амфетамин и за тоа добил кривична пријава за недозволена трговија со дрога. Станува збор за сериозна количина, за која затворската казна е висока.
Доказите биле јасни и несоборливи, па обвинителството му одредило притвор во траење од 3 месеци кои тој ги поминал во Шутка. Сепак, по само 3 месеци тој излегол од притвор, а обвинителството од тогаш па наваму цели 11 месеци не му поднело обвинение.
По скопските улици се шушка дека Васо месеците на слобода ги искористил повторно да го работи истиот бизнис за кој бил уапсен, недопирлив затоа што и покрај тоа што му заплениле 80 паковки со дрога тој на еден начин бил ослободен и до ден денес нема обвинение.
Какво е учеството на ОЈО Скопје во овој случај?
Редакциски коментар на Радио Лидер е дека обвинителството сноси огромна вина за смртта на 22-годишната Фросина Кулакова. Овој случај не може да биде третиран како несреќа, туку станува збор за очигледно сериско прогледување низ прсти на сериозен престапник од страна на обвинителите. Вината е очигледна, а доколку се погледнат имињата на обвинителите кои до сега ги работеле неговите случаи, кои не и се познати на редакцијата на Лидер, можеби јавноста ќе стигне и до одговорот – Зошто го штителе Васо и со тоа придонеле една 22-годишна девојка да го изгуби својот живот?
Полициските службеници со жалење констатираат дека со години го апсат Васил Јованов Васо, но на крај повторно го наоѓаат на улица како прави уште посериозни дела откако е ослободуван од ОЈО Скопје.
Разгалено детиште заштитено од системот, уби девојка која се борела за подобор живот. Фросина имала живот пред себе, креативната неготинчанка која дошла да студира во Скопје, можеше да биде гордост на Македонија. Наместо тоа, неа ја изгубивме поради корумпираниот судски систем. Сакаме да веруваме дека нејзината смрт не е залудна и дека ќе претставува инијална каписла за реформа на правосудните органи.
Прашање до обвинителите кои го ослободувале Васил Јованов, но и до оние кои кај нас обезбедувале врски: Уште колку деца треба да убиете, за вашите деца да ги направите среќни?
Македонците од Албанија и Кичево со заеднички чекор напред – потпишан меморандум за соработка
Значаен чекор кон зацврстување на културните и националните врски е направен денес во Кичево. Делегацијата на Здружението на Македонците од Албанија во Македонија „Зошто“, предводена од иницијативниот претседател Панди Јани, оствари клучна средба со градоначалникот на Кичево, Александар Јовановски.
Кулминација на конструктивната средба беше свеченото потпишување на Меморандум за соработка, документ кој ги поставува цврстите темели за идна, плодна соработка!
„На средбата разменивме мислења по повеќе прашања, по што потпишавме Меморандум за соработка, со кој се поставуваат темели за заеднички активности и иницијативи насочени кон унапредување на културната размена, образовната поддршка и зајакнување на традицијата на македонскиот јазичен, културен и национален идентитет“, изјави за МИА, Панди Јани.
Ова не е изолиран настан. Само денови претходно, сличен историски документ беше потпишан и со градоначалникот на Општина Ресен, Јован Тозиевски. Според Јани, со овие договори „се отвора ново поглавје во заедничкото делување за доброто на граѓаните“.
Целта е јасна: зајакнување на заедницата преку партнерства.
„Овие чекори, кои ќе ги продолжиме и со други градови, претставуваат силна потврда дека преку партнерства, дијалог и конкретни активности може да се создадат услови за подобра поддршка, развој и инклузија на Македонците по потекло од Албанија, како и на сите граѓани кои се дел од нашата заедница“, категорично оценува Јани.
Јани изрази длабока благодарност до градоначалниците Јовановски и Тозиевски за нивната доверба и поддршка, како и до посветениот тим на „Зошто“ кој несебично работи на оваа благородна мисија: чекор по чекор, да изгради посилна, обединета и активна заедница.
Здружението „Зошто“ е основано на 25 септември 2024 година со Седиште во Ресен. Неговатам мисија е Афирмација на македонската култура и идентитет. Името е почит кон романот „Зошто“ на Стерјо Спасе, еден од најголемите писатели во Албанија со македонско потекло.
Тошковски откри кои прекршоци ќе бидат на удар на „Безбеден град“
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска истакна дека системот „Безбеден град“ ќе се спроведува со прецизно дефиниран праг на толеранција, со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот и јавниот простор, а не казнување по секоја цена.
Тошковски појасни дека системот ќе биде насочен кон препознавање и санкционирање на сериозни и опасни прекршоци, особено оние кои директно го загрозуваат животот и безбедноста на граѓаните. „Целта е да се воспостави ред и превенција, а не репресија без разум“, рече тој.
„Ќе има јасни правила, транспарентност и точно утврдени критериуми. Граѓаните ќе знаат што се санкционира и зошто. Системот нема да биде лов на прекршители, туку алатка за заштита на човечки животи“, нагласи министерот.
Проектот предвидува користење на современи технолошки решенија, вклучително камери и софтвер за следење на сообраќајот, со цел подобрување на контрола и намалување на бројот на сообраќајни незгоди.
Министерството најави дека имплементацијата ќе се спроведува фазно, со претходна информираност на јавноста и соодветен период за прилагодување, за граѓаните да се запознаат со новиот систем и неговото функционирање.
Пораст на нивото на реките: Пчиња, Вардар, Треска и Црн Дрим со зголемен водостој
Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) алармира за значително зголемување на водостоите кај клучните реки, надминувајќи го просекот за декември.
Реката Вардар, нашиот најголем воден пат, е видно „нарасната“ долж нејзиниот тек – од Јегуновце, преку Скопје и Велес, па сѐ до Демир Капија. Слична слика се бележи и на Пчиња кај Катлановска бања, Треска кај Македонски Брод, Црн Дрим кај Ложани и Сатеска кај Ботун.
Од друга страна пак, нивото на Брегалница кај Берово и Штип, Пчиња кај Пелинце и Црна Река кај Новаци, се под просечните декемвриски граници.
Во однос на природните езера, ситуацијата е стабилна и без отстапувања. Водостоите на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро се во рамки на просекот за овој период од годината, ветувајќи мирување и покрај раздвижениот речен систем.