Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими професорите – добитници на признанието за посебен придонес за развој на научноистражувачката дејност и интернационализација и афирмација на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје во 2022 и 2024 година.
Добитници на плакети за исклучително достигнување во кариерата и објавени повеќе од 100 научни трудови, индексирани во базата Web of Science, се: академик проф. д-р Валентин Мирчески, академик проф. д-р Сашко Кедев, проф. д-р Владимир Трајковиќ, проф. д-р Љупчо Пејов, проф. д-р Ефтим Здравевски, проф. д-р Христијан Ѓорески, проф. д-р Петре Макрески, проф. д-р Златко Левков, проф. д-р Трајче Стафилов, проф. д-р Марјан Гушев, проф. д-р Лилјана Гавриловска, проф. д-р Гоце Спасовски и академик проф. д-р Љупчо Коцарев.
Добитници на плакети за меѓународно признаена извонредност преку застапеност во листата на Stanford University World’s Top 2% Scientists за цела кариера се: академик проф. д-р Валентин Мирчески, академик проф. д-р Љупчо Коцарев, проф. д-р Иван Грозданов, академик проф. д-р Леонид Грчев и проф. д-р Трајче Стафилов и добитничка на плакета за раководење на најголем број меѓународни проекти е проф. д-р Лилјана Гавриловска.
Упатувајќи им честитки за престижните признанија, претседателката истакна дека во науката и образованието линијата меѓу големите и малите држави се релативизира, оти има примери на мали држави со успешно образование и наука.
Според претседателката, наспроти драматичниот пад на УКИМ на Шангајската листа, светски признатите научноистражувачки успеси на горенаведените научници ги прават македонската наука и држава препознатливи и компетитивни во глобални рамки.
Професорите ѝ се заблагодарија на претседателката за поканата и можноста да ги презентираат своите видувања и предлози за унапредување на науката, изразувајќи цврста увереност дека научноистражувачката дејност е главен агенс на општествениот развој.
Претседателката и присутните се согласија дека нема поплодотворна инвестиција од онаа во науката и во образованието.
Присутните професори ги презентираа своите научни приказни и видувања. Според нив, на долгиот, тежок и творечки научен пат кон престижни странски универзитети, најчесто биле сами, со своето знаење, научен порив, труд и посакувани резултати.
Дискутантите ја афирмираа обврската на државата континуирано и сигурно да ги поддржува најдобрите студенти, професори и истражувачи, посакувајќи и приватниот сектор да биде нивен сојузник.
Сите се согласија дека издвојување од 0,3% е недоволно за научен развој. Укажаа на неопходноста од преиспитување на димензионираноста и квалитетот на македонската високообразовна мрежа, како и неопходноста од заострување на критериумите за напредување во академската кариера.
Беа посочени странски образовни и научни примери на поддршка и стимулирање на најкомпетитивните универзитети, факултети и поединци.
Се предложи негување, проширување и интензивирање на образовно-научната соработка на национално, регионално, европско и светско ниво, а особено со нашата научна дијаспора.
Бројните пречки во користењето на странските средства, според професорите наметнуваат потреба од дебирократизација на сложената постапка за користење и нивно лоцирање кај носителите на конкретната научна активност.
За сите учесници, вклучувањето на најзасегнатите, односно професорите, е императив за успешни образовно-научни реформи.
Претседателката, на крајот, истакна дека таа, премиерот и министерката за образование, како долгогодишни професори имаат не само политичка, туку и етичка обврска да застанат на страната на образованието и науката како докажано најважни развојни фактори.
Рама поддржува ограничување на правото на вето за новите членки на ЕУ
Албанскиот премиер Еди Рама оцени дека предложената идеја на Европската Унија за ограничување на правото на вето на новите членки на почетокот од нивното членство е „добра“. Предлогот има за цел да ги смири скептичните главни градови кон проширувањето на Унијата.
„Мислам дека е добра идеја“, изјави Рама за „Политико“ пред самитот ЕУ-Западен Балкан. Тој додаде дека несогласувањата во ЕУ се неизбежни, но дека пристапот на Албанија ќе се разликува од оној на Унгарија кога станува збор за блокирање на политиката на Унијата.
Рама потенцираше дека новите членки треба отворено да ги искажуваат своите ставови, но на крајот да се придржуваат кон колективните одлуки. Албанија се смета за еден од фаворитите за полноправно членство, со цел да стане членка на ЕУ до 2030 година.
ЕУ ја укинува блокадата кон Косово: 205 милиони евра помош наскоро достапни
Европската Унија одлучи да ги укине сите санкции против Косово до крајот на јануари 2026 година, што ќе овозможи на земјата да добие 205 милиони евра помош на почетокот на новата година. Одлуката следи по мирната транзиција на локалната власт во северните општини со мнозинство Срби.
Санкциите, кои досега предизвикаа штета од над 613 милиони евра, се однесуваа на клучни сектори како животната средина, енергетиката, дигитализацијата и културата.
Претседателката на Косово, Вјоса Османи, преку социјалните мрежи изрази благодарност до лидерите на ЕУ и сите партнери на Косово за признавањето на посветеноста на земјата во овие процеси.
Масовни дојави за бомби во училишта низ БиХ, учениците евакуирани
Утрово повеќе основни и средни училишта во Тузланскиот кантон во Босна и Херцеговина добија дојави за бомби, што доведе до прекин на наставата и итна евакуација на учениците и персоналот. Полициските екипи се на терен и преземаат мерки за проверка на заканите. Според неофицијални информации, пријавите главно биле испраќани преку електронски адреси.
Владата на Тузланскиот кантон и Министерството за образование и наука соопштија дека сите активности се спроведуваат во согласност со законските и безбедносните протоколи. „Училишните администрации и наставниот кадар дејствуваат одговорно, а безбедноста на учениците, наставниците и другите вработени е апсолутен приоритет“, велат од Владата. Учениците беа безбедно евакуирани и испратени во своите домови.
Покрај Тузла, дојави за бомби беа пријавени и во училишта во Република Српска, вклучувајќи градови како Бања Лука, Приједор, Прњавор, Лакташи, Требиње и Добој. Полицијата веднаш започна контрасаботажен преглед и обезбедување на објектите.