По спроведена истрага, Основното јавно обвинителство Скопје подигна обвинение против две лица, кои се обвинети дека заеднички извршиле сериозно кривично дело – загрозување на животната средина и природата со отпад, казниво по член 230 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.
Според наодите од истрагата, во текот на октомври годинава обвинетите, со сериозни пропусти во вршењето надзор врз собирањето, транспортот и управувањето со отпадот, создале реална опасност од значително загадување на почвата, воздухот и водата, како и ризик по здравјето и животот на граѓаните и уништување на растителниот и животинскиот свет во поголем обем.
Првиот обвинет, како вршител на должност директор на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, постапувал спротивно на Статутот на претпријатието, Законот за комунални дејности и одлуките на Управниот одбор. Тој не ја спроведувал деловната политика, не ги извршувал своите основни надлежности, не ги следел и анализирал плановите и договорните обврски и не преземал мерки за нивна реализација. Дополнително, не обезбедил соодветна заштита на животната средина и не се грижел комуналните услуги да се вршат континуирано, квалитетно и со исправна опрема и инфраструктура, иако тоа му било законска обврска како раководител на јавно претпријатие.

Заедно со вториот обвинет – управител за отпад (подгрупа 5), вработен во областа на комуналните дејности и носител на уверение за положен стручен испит за управување со отпад издадено од Министерството за животна средина и просторно планирање – тие, според обвинителството, со умисла постапувале спротивно на Законот за животна средина и Законот за управување со отпад. Наместо да преземат мерки за заштита на околината, тие не ги спроведувале плановите и програмите за управување со комуналниот отпад на територијата на Град Скопје.
Како директна последица на нивното постапување, редовното собирање и транспорт на безопасен комунален отпад не било извршувано, ниту била побарана измена на Оперативниот план и програмата. Со тоа, обвинетите овозможиле формирање диви депонии на јавни и сообраќајни површини, при што отпадот се одлагал околу и во непосредна близина на садовите за собирање.
Со оглед дека доказната постапка е целосно завршена и дека обвинетите повеќе немаат можност да влијаат врз истрагата, јавниот обвинител предложи притворот да им биде заменет со мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиштето, обврска за повремено јавување во суд, како и привремено одземање на патната исправа или забрана за нејзино издавање.
За обвинетиот управител со отпад, кој и понатаму е вработен во ЈП „Комунална хигиена“, обвинителството предложи и дополнителна мерка, со цел спречување на понатамошно загрозување на јавниот интерес и животната средина.