Ѓорѓиевски: Општокорисната работа како решение за малолетничкиот вандализам

Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, ја истакна поддршката за иницијативата за воведување општокорисна работа како мерка за малолетни сторители на вандализам.

На последната седница на Управниот одбор на ЗЕЛС, оваа иницијатива, предложена од градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, беше едногласно прифатена и официјално доставена до Владата.

„Вандализмот и уништувањето на јавните добра се сериозен проблем кој бара системско решение. Наместо само санкции, потребни се и превентивни мерки кои ќе овозможат ресоцијализација на младите“, истакна Ѓорѓиевски.

Иницијативата предвидува измени во неколку закони, меѓу кои Законот за прекршочна постапка, Законот за пробација и Законот за правда за децата, со цел општокорисната работа да стане алтернативна мерка за малолетните сторители. Дополнително, се предлага разгледување измени во Законот за семејство и Законот за извршување на санкции, со што би се вклучила и одговорноста на родителите преку можност за заедничка општокорисна работа.

„Нашата цел не е само да казнуваме, туку да создадеме механизми кои ќе спречат вакви појави во иднина. Сакаме да ја подигнеме свеста кај младите за значењето на јавните добра и да им дадеме можност да се коригираат низ активности што ќе бидат од корист за заедницата“, додаде Ѓорѓиевски.

Во рамки на иницијативата се предлага формирање на стручна работна група составена од претставници на Владата, ресорните министерства, центрите за социјална работа, училиштата и невладините организации. Оваа група ќе има задача да подготви конкретни законски измени кои ќе ја зајакнат правната рамка за справување со малолетничкиот вандализам.

„Општокорисната работа има двоен ефект: им помага на младите да развијат чувство на одговорност и почит кон заедницата, а истовремено спречува повторување на ваквите негативни појави“, заклучи Ѓорѓиевски.

ЗЕЛС очекува Владата и надлежните институции да ја поддржат оваа иницијатива со цел создавање побезбедни и поуредени локални заедници.